НИКОЛА ТЕСЛА Е НИКОЛАЈ ТЕСЛИЧКОВ Б’лгари се и Питагора, Ахил, а богами и Атила?!
По сензационалното откритие дека Никола Тесла по потекло е Бугарин, откриени се и бугарските корени на грчкиот филозоф Питагора. Постара е теоријата дека Бугарин е и славниот јунак на Хомеровата „Илијада“, а прв пат се среќаваме и со податоци за бугарската врска на Атила.
Бугарските медиуми неодамна предизвикаа сензација, објавувајќи ја крштеницата на познатиот научник Никола Тесла, која, според нив, е напишана на „чист бугарски“ јазик.
Во крштеницата Никола Тесла е запишан како Николај. Има истражувачи кои тврдат дека неговото семејство и предците имаат бугарски корени од иселениците од Банат и од Македонија, а неговиот дедо го носел презимето Тесличков, пренесоа медиумите, додавајќи дека Тесла најверојатно се чувствувал Србин или Хрват, а уште поверојатно е дека тој едноставно бил еден од првите граѓани на светот.
Како што е познато, Никола Тесла работел во Австро-Унгарија, во Франција и во САД. Никогаш ништо не кажал за своите „блгарски корени“, но бугарските медиуми пишуваат дека јазикот што го зборувал тој бил бугарски и дека неговите сестри ги имаат бугарските имиња – Милка, Ангелина и Марица.
Пред извесно време, бугарската наука дојде до ново сензационално сознание – и славниот Питагора бил Бугарин!
Делот „гор„ од неговото име значело „загорие“, а тоа е свето место, таму каде што боговите создаваат сѐ, вклувајќи нѐ и нас.
Имено, бугарската наука смета дека Питагора, според генеалогијата на неговиот татко, бил Тиренец односно „Етрурец – Бугарин“ од еден од островите во Егејското Море, Самос. Тиренците биле протерани од Атињаните од островот. Оваа верзија, пишуваат бугарски медиуми, веројатно е поврзана со фактот дека Етрурците (древните Бугари) биле носители на мистериозно религиозно учење, а етрурското потекло на Питагора се објаснува со неговата сопствена религиозна доктрина. По прогонството во Египет, Феникија и во Вавилон, Питагора емигрирал во Италија, каде што биле Етрурците, Тројанците и Дарданците, значи Бугарите, на чело со императорот Енеј, по падот на Троја. Градот Кротон, каде што се скрасил Питагора, бил етрурски град, односно древен бугарски град, тврдат бугарските научници.
Повеќе детаљи за оваа неверојатна теорија прочитајте на следниот ЛИНК.
Кога сме веќе кај античкиот свет, да го спомнеме и тоа дека бугарската наука и големиот јунак Ахил го смета за Бугарин. Доказ за ова, според бугарски извори, се глинените плочки од 16 век, откриени на територијата на македонскиот град Виница.
Познатиот јунак од Хомеровата „Илијада“ е прикажан на теракотна плоча од 5 или 6 век. Историчарите ова го поврзуваат со една друга плоча, пронајдена кај Виница, на која е нацртан коњаник и на латинскиот натпис „Болгар“.
„Најмалку два византиски извора укажуваат дека Ахил бил водач на Бугарите“, вели историчарот Александар Мошев, уредник на Националниот литературен музеј.
Уште еден голем јунак е Бугарин. Верувале или не, тоа е Атила!
Приказната за ова е прилично комплицирана и љубопитните можат да ја прочитаат од овој извор. Накусо, Атила е од династијата Дуло, која владеела помеѓу 406 и 423 година и е основана од неговиот татко Донат, чие име е поврзано со неговото презиме Мунџук. Бугарите и Кутригурите го сочинуваат јадрото на Хунската империја. Остроготите учествуваат во во битката кај Каталуња под знамето на Атила, борејќи се против Визиготите. Тие се поданици на Хунската империја и живеат заедно со Бугарите и Кутригурите во Панонија.
Еден бугарски сајт кој пренесува сатирични содржини, додава дека има и други „доказателства“ дека Атила навистина бил Бугарин – по цел ден ништо не работел, бил мрзелив и само рекетирал локални феудалци.
Како и да е, јасно е дека ние со Самуил, со Гоце Делчев и со другите македонски револуционери и преродбеници имаме многу поголеми проблеми со Бугарите одошто Грците, на пример. Само што Грција веќе е членка на ЕУ, па не може да добие вето.