НИКОЛА, ШТО ИМАШЕ НА ТАЈНОТО УСБ? Мицкоски пак го прозива Груевски

Кога зборувам за тајни средби го кажувам тоа што го кажа претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој самиот кажа дека имале многу тајни средби со Никола Груевски и Зоран Заев. Потоа потрчаа двајцата да кажат дека не било така, а од ДУИ кажаа дека тоа не биле тајни средби туку средби за Пржинскиот процес, но не се сеќавам дека тогаш се разговараше за членот 353 став 5 или за останатите членови или за измените во Кривичниот законик, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

3,732

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, говорејќи за ситуацијата со експремиерот Никола Груевски во интервју за Алсат-М истакна дека Груевски сега се прави дека ништо не знае, но дека сепак има докази за оската со ДУИ и СДС, а воедно, како што порача, добро би било да се проговори за поделените УСБ и документи.

– Има некои луѓе и политичари кои секогаш се прават дека се отсутни од времето. И понекогаш се обидуваат поради својата голема фрустрација и самобендисаност да ги навредуваат останатите и тоа го прават на примитивен начин. Тоа што имав да го кажам за оската Али Ахмети, делови од структурата на СДС и Никола Груевски го кажав јасно и гласно. Кажав кои се причините зошто тоа го кажувам – изјави Мицкоски.






Мицкоски потенцираше дека тоа што го објавил се должи на една голема анализа, информации и многу докази кои веќе неколку месеци пристигнуваат и до него и до ВМРО-ДПМНЕ.

– Суштината е што е тоа што го натерало Груевски да оди на тие тајни средби во минатото и што е тоа што го натерало да влезе и биде дел од оваа оска која ја предводи Али Ахмети, структура од СДС и Никола Груевски. Што е тоа кое денеска толку го фрустрира и мора ги пишува тие статуси со многу омраза и гнев? Мојата порака е нека е жив и здрав и втората моја порака е „не им правете на луѓето тоа што не скаате луѓето вас да ви прават” – рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека кога сме кај доказите, напишал во неговиот единствен статус за писанијата на Груевски, а тоа е дека ќе дојде денот кога очи во очи ќе се гледаат и ќе зборуваат и за доказите и за се што се случуваше изминатите години.

– Кога зборувам за тајни средби го кажувам тоа што го кажа претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој самиот кажа дека имале многу тајни средби со Никола Груевски и Зоран Заев. Потоа потрчаа двајцата да кажат дека не било така, а од ДУИ кажаа дека тоа не биле тајни средби туку средби за Пржинскиот процес, но не се сеќавам дека тогаш се разговараше за членот 353 став 5 или за останатите членови или за измените во Кривичниот законик. Можеби треба да им се освежи меморијата и за пликоата кои ги добиваа со едно УСБ и Али Ахмети и Талат Џафери во 2022 година пролетта, што имаше во тоа УСБ и кои беа документите кои беа дел од тоа – нагласи Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на денешната негова средба со Гордана Јанкуловска.

– Тоа е редовна средба која што е со драг пријател, којшто долго време е таму каде што е. И ценам дека од средбата не треба да се гледа каква е пораката, туку треба да се каже дека никој не е заборавен – истакна тој.

Мицкоски додаде дека Гордана Јанкуловска е жртва на еден политички прогон и тортура којашто ѝ се прави веќе три години.

– Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ и ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ се грижи буквално за секој еден лојален член, за секој еден член кој што оставил неизбришлива трага во работењето на партијата. И ценам дека Гордана Јанкуловска е жртва на еден политички прогон и тортура која што и се прави еве веќе цели три години – нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Тој посочи дека средбата беше денеска бидејќи Гордана Јанкуловска денес добила слободен викенд.

– Таа денеска доби право да користи викенд, и таа го користи. И нема друга некоја посебна причина – рече тој.

Поврзани содржини