НИКОЛА ДИМИТРОВ ПОВИКУВА НА ОБЕДИНУВАЊЕ Доста навивање да не нѐ биде!
Ајде за промена да навиваме за успеси, па макар тие да одат на контото на политичките „противници“. Да, да им „дишеме во врат“ на надлежните, силно да критикуваме кога грешат, но да ги поддржиме кога гледаме дека си ја работат работата, порачува Димитров.
Истекуваат деновите на жалост, иако тагата како длабока колективна траума, да не зборуваме за личните и семејните, никогаш нема да заврши.
Ќе си ја носиме додека сме живи, обременети со вистината дека во нашето државиче сме дозволиле да се случи пекол од невидени размери.
Очигледно е дека стариот пат на замижување пред корупција, на „мој човек“, на партиски вработувања и услуги, на институции што служат на лични, партиски или бизнис наместо на јавни интереси, води кон нов крвав пораз.
Обединети во тагата, да се обединиме за прв пат вистински и околу воспоставување на нов систем заснован на ред и на одговорност.
Прво, да престанеме да навиваме да не нѐ биде. Не може да навиваме институциите, државата не само да потфрлат, туку ако треба и да пропаднат, само затоа што во моментов не се водени од „нашите”.
Ова е голема болка на македонското општество и со истово сме се соочувале и во минатото, можам да ви раскажувам од лично искуство.
Просто е неверојатно колку луѓе навиваат за порази и грешки. Ајде за промена да навиваме за успеси, па макар тие да одат на контото на политичките „противници“.
Да, да им „дишеме во врат“ на надлежните, силно да критикуваме кога грешат, но да ги поддржиме кога гледаме дека си ја работат работата.
Како што медиумите и здравствените работници си ја работеа работата во овие ужасни денови, а богами и јавното обвинителство.
Како што владата навремено го вклучи европскиот систем за цивилна заштита.
Второ, да бидеме гласни и активни, и прво од себе, а потоа од институциите, да инсистираме на ред и одговорност.
Имаме искуство како нација дека промената на власта не значи и промена на системот.
Оттука, целта на гласноста мора да биде – системски пресврт. Да даваме предлози и да туркаме кон одвојување на државата од партиите. Да побараме и од други држави кои ужасната лекција ја искористиле за ресетирање на целиот систем, како Шведска, како и што точно направиле.
Владата најави бескомпромисна борба со корупцијата. Во ред е да бидеме најголем сојузник да истрае во тоа ветување, ама да бидеме и најголем проблем ако видиме дека затајува.
Трето, граѓанскиот гнев и болка ќе бидат предмет на обиди за манипулации. Тоа е очекувано. Да бидеме будни и да го чуваме интегритетот на поривот за системски промени, поучени од искуството со Шарената револуција.
Граѓаните имаат право на мирно собирање. Но, ако тоа собирање е во функција на политички агенди, на промена на власта за да дојдат „нашите”, нема ништо да направиме.
Нашата шанса е во сојуз и притисок, владата и сите институции, да издржат и да испорачаат правда и функционален систем.
Овде на тест се граѓанството – да препознае и да отфрли обиди за киднапирање и Владата – да биде голема и да не притиска оправдан револт.
Конечно, после ваков удар и болка, време е сите да изградиме здрава дистанца од старите лојалности. Да гледаме на нештата со отворени очи, без партиски светоглед.
Ако нешто е добро, добро е и тогаш кога го прават и тие кои не сме ги гласале. Ако е нешто е лошо, лошо е без разлика што го направиле „нашите“.
Во нашата Македонија денеска, мора да се издигнеме над партиските поделби. Ајде да сме заедно! Без оваа најважна лекција – ново Кочани, верувајте е неминовно!
(Фејсбук статус на Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи)