Никогаш не сум питачел, не сум крадел и не се плашам од работа
Деветнаесетгодишниот Валентин Ракип, едно од многуте невидливи деца во Македонија, има 6 браќа и сестри, мајка му ги оставила кога имал 12 години, а татко му починал пред 4. Има само една желба - да добие документи и да работи. Тој е дел од продавачите на „Лице в лице“ и дел од извиднички одред кадешто стекнал многу пријатели. Додека зборувавме, помини-замини, застануваше по некој од неговиот извиднички одред да го поздрави, деца од Дебар маало, реонот во кој Вале е како дома.
Скопјанецот Валентин Ракип, има 19 години, но сѐ уште нема матичен број, нема лична карта, нема никаков документ, како воопшто и да не постои. Тој е еден од невидливите, исто како што беше и Тони Сали, момчето кое почина пред неколку дена, заглавено во бирократските лавиринти. На средбата дојде со Магдалена Чадиноска Кузманоски, една од првите 10 социјални ментори во регионот кои работат со продавачите на „Лице в лице“. Додека седевме со нив во Дебар Маало, веднаш до зградата во која е канцеларијата на „Лице в лице“, постојано не прекинуваа луѓе од околината, соработници и пријатели, но најчесто се тоа познаници и пријатели на Валентин. Конкретно, двајца од оние кои дојдоа да го поздрават и одблизу и да го викнат подоцна да им се придружи, беа негови врсници со кој се спријателил во сојузот на извидници кадешто членува повеќе од една година, а потоа и една девојка од истата дружина, но од постарите извидници, за која ни кажа дека му е најблиска и дека го разбира како постара сестра.
„Многу сакам да одам со извидниците, се запознав со многу луѓе таму. Овие сега што ги видовте, каде и да ме сретнат и со кого и да се, се поздравуваат со мене, ме почитуваат“, ни кажува Валентин со гордост, а во тој момент се појавува и девојката која ја спомна, Снежана, на која не ѝ требаше многу за да го убеди за следната извидничка авантура, на Китка.
И така, додека неговите пријателства во овој сосема поинаков свет од тој во кој пораснал и каде што живее, се шират, Валентин е меѓу стотиците невидливи кои се соочуваат со проблеми на секој чекор, проблеми за кои многу од нас, а особено тие деца кои се сега негови другари, не ни размислуваме, бидејќи ги добиваме со раѓањето. Немаат матичен број, не можат да се лекуваат, да се школуваат, ниту да се вработат и да отворат сметка во банка. Немаат право на социјална помош, ниту пак можат да се движат слободно бидејќи немаат документи, едноставно, ги нема во системот, тие за државата не постојат.
Прочитајте го целиот текст на порталот „Мајка и дете“.