„НИКОЈ ВО ЕВРОПА НЕМА ТАКВО ОРУЖЈЕ КАКО СРБИЈА“ Пленковиќ алармира, Вучиќ вели „ќе купам повеќе“
Хрватскиот премиер предупреди дека новото кинеско оружје во српскиот арсенал е без преседан во Европа и најави разговори со НАТО. Вучиќ возврати дека Србија е суверена држава и сама ќе одлучува какво оружје ќе набавува.
Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ предупреди дека новото оружје на српската армија претставува прашање за НАТО. Тој зборуваше за кинеската балистичка ракета CM-400, која, според изјавите на српскиот претседател, веќе е дел од српскиот воен арсенал.
– Такво оружје никогаш не е видено на европска територија – изјави Пленковиќ во Загреб.
Тој најави дека Хрватска ќе ги информира партнерите во НАТО за новото оружје што се појавува во регионот.
– Ќе разговараме со нашите партнери во НАТО алијансата и ќе ги предупредиме за ваквото оружје, кое е ново во арсеналот на српските вооружени сили – рече хрватскиот премиер.
Хрватски Индекс пишува дека Пленковиќ рекол дека го известил генсекот на НАТО за најавите дека Србија го поседува оружјето.
Сепак, освен изјавите на српскиот лидер Александар Вучиќ и објави на воени блогери нема официјална потврда дека ракетите се дел од српскиот арсенал.
[TANGO SIX POST] RV i PVO Vojske Srbije danas prikazalo da poseduje nove kineske rakete vazduh-zemlja.
Reč je o (kvazi) balističkoj raketi vazduh-zemlja pet puta bržoj od zvuka, koja po nekim podacima može imati domet i do 400 kilometara. https://t.co/yvpHLpBumh
— Petar Vojinović (@petarV) March 9, 2026
„Загреб нема да одлучува што Србија смее да има“
Српскиот претседател Александар Вучиќ веднаш реагираше на изјавите од Пленковиќ.
– Загреб нема да одлучува што Србија смее да има – изјави Вучиќ.
Според него, Србија нема намера да нападне земји од НАТО.
– Не можеме да ги нападнеме земјите од НАТО, а Албанија и Хрватска се дел од таа алијанса. Ниту сакаме да го направиме тоа – нагласи Вучиќ.
Вучиќ вели дека во Хрватска се кренала хистерија околу една ракета, „а не ги виделе ниту останатите ракети на Србија“.
– Не ги виделе другите ракети. Пленковиќ не мора да го информира НАТО, јас ќе ги информирам затоа што сум горд на она што го заработиле српските раце. Нема да го топам српското оружје, туку ја зајакнувам Србија. Не дека напаѓаме некого, можете мирно да спиете. Немојте да мислите дека некој ќе ја освои Србија.

„Добивме мал попуст од Кинезите“
Вучиќ потврди дека Србија купила балистички ракети CM-400 од Кина. Тој изјави дека ракетите веќе се интегрирани во српските борбени авиони МиГ-29.
– Имаме значителен број ракети и ќе имаме уште повеќе – рече Вучиќ за Радио-телевизија Србија.
Фотографии од српски борбени авиони со овие ракети неодамна се појавија на специјализирани воени форуми.
Вучиќ тврди дека снимките се направени случајно.
– Ракетите се ужасно скапи. Добивме мал попуст – додаде српскиот претседател.
Воен сојуз Хрватска, Албанија, Косово
Политичката реторика се заостри по Декларацијата за соработка во одбраната, потпишана во март 2025 година меѓу Хрватска, Албанија и Косово. Практично беа договорени заеднички воени вежби меѓу трите армии со прва локација во Албанија.
Српските власти ја опишаа таа иницијатива како закана за безбедноста на Србија.
Белград најави дека ќе продолжи со модернизацијата на вооружените сили и со набавка на нови ракети и оружје.
Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, изјави дека тврдењата на српските власти дека се вооружуваат за одбрана од соседните земји не се основани и дека со купувањето кинеско оружје Србија покажува хегемонистички тенденции кон нив.
– Ниту една соседна држава на Србија во ниту еден случај не покажала агресивна или напаѓачка намера – изјави Маќедонци, додавајќи дека токму Србија покажува територијални претензии кон Косово.