„НИКОЈ ВЕЌЕ ДА НЕ СПОМНАЛ ДЕКА ПРОБЛЕМОТ Е БУГАРИ ВО УСТАВОТ“ Мицкоски вели дека Бугарија има јасен план да го уништи македонскиот идентитет
Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија, но, таа блокада не почна денеска, ниту ќе заврши денеска. Таа почна во 1991 година, кога Бугарија ја призна нашата држава, но не го призна јазикот и народот. Тогаш некои политичари требаше да видат дека источниот сосед има поинаква агенда, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Бугарија работи против нас и тоа е факт, одамна источниот сосед има јасна визија да ги уништи македонската нација и идентитет, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вонредна прес-конференција во партиското седиште, откако на бугарска иницијатива во Европскиот парламент денеска со мнозинство гласови беа избришани термините македонски јазик и идентитет од Извештајот за напредокот на Македонија за 2023 и за 2024 година.
– Секогаш сум искрен и отворен и ги кажувам работите со вистински зборови, а не како политичарите во минатото, да ја заобиколувам вистината. Во политиката влегов поради тоа што сум дел од онаа излажана генерација со срушени соништа за сопствената држава, мечтаевме да бидеме дел од ЕУ, а добивавме корупција и неправди. Македонската историја е втемелена на неправди, отсекогаш. Ние нема никогаш да се соочиме со предизвиците, ако не ги идентификуваме, и не ги победиме. Затоа велам неправда. Нека го слушнат ова сите, и не само Македонците, туку нашите пријатели Албанците, Турците, Ромите, Србите, сите живеат со тие неправди и се со нас рамо до рамо со децении и со векови – рече Мицкоски.
Денешниот ден не е ништо поинаков од другите, овој ден е ист како и многу други, по својата суштина, додаде тој.
– Сетете се само на низата неправди, промена на знамето, на името, насилните упади, конфликти, болната транзиција, позитивните извештаи за напредокот на земјата во ЕУ, кои остануваат да зјаат во безизлезноста. Овој ден е ист таков. Има еден момент, една длабока минута во тој ден, која нема да дозволи да биде целосно ист. Ќе биде одредница на еден нов пркос. Овој ден како и многу други остануваме горди и со крената глава – рече тој.
Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија, потенцира Мицкоски.
– Но, таа блокада не почна денеска, ниту ќе заврши денеска. Таа почна во 1991 година, се случи еден гест од Бугарија кон посебноста на една држава, Бугарија ја призна нашата држава, но не ги призна јазикот и народот. Бугарија ја призна нашата држава, но не и нашата нација. Тогаш некои политичари требаше да видат дека источниот сосед има поинаква агенда. Но, тие се одлучиле да го сочуваат мирот и да одат чекор по чекор по патот на евроинтеграциите. И тоа е во ред. Дали времето работи за нас, историјата ќе покаже – рече Мицкоски.
Но, факт е дека Бугарија работеше против нас, нагласи тој.
– Почнавме низа активности кои ќе придонесат за наоѓање долгорочно решение на нашиот проблем. Немавме амбиции, ниту лажна надеж дека ќе успееме. Ја знаеме ситуацијата во Унијата. Не сме наивни, сето ни беше совршено јасно, никој не беше на тоа дека сега и денес ќе се реши сè. Токму затоа го напоменувам признавањето на државата во деведесетите од страна на прв сосед. Тоа, како и настаните од 19 век наваму покажуваат дека источниот сосед има јасна виизја и план да ги уништат македонската нација и идентитет. Скептици ќе речат кому му е гајле кога успеаја во намерите во Европскиот парламент, а таму се свесни за нивните задни намери. Никому не треба да му е гајле, туку светот треба да види со какви предизвици се соочуваме во 21. век, да оставиме трага за историјата – рече Мицкоски.
Тој додаде дека сега Европа може да види со какви предизвици се соочува Македонија.
– Ова е нашиот Крушевски манифест, со кој конечно мора ние самите да се мобилизираме и да ги организираме сите пријатели и сојузници, затоа што ова е борба за фундаментални човекови права и вредности. Ние сме на вистинската страна на историјата, а Бугарија видовме дека знае да ја утне вистинската страна. Оваа борба ниту почнува, ниту завршува денеска. Македонија и сите перипетии, колку и да се трагични, имаат и една успешна димензија, а тоа е дека на Европа може да ѝ кажеме дека вистината излезе на виделина. На површина излегоа и оние кои измислуваа и се потеа за некакви реформи и бугарско малцинство кое треба да влезе во Уставот. Сите беа свесни за вистината, тоа се политичари од врвен калибар, за разлика од Османи, Ковачевски и Маричиќ, и тие совршено знаеја што е зад овие барања, да исполниме услови кои ги нема за никого. Сите знаеја, а сега ние ги соочивме со нив, сега и тоа им е на тацна и не сакам никогаш никој да ми споменува дека бугарското малцинство е проблем, или стотина Бугари. Уште утре можеме да ги внесеме во Уставот. Суштината е подлабока, јасно се виде со чекорите кои го презема Бугарија во европските ходници – рече Мицкоски.
Но, остана запишано, додаде тој, дека македонскиот јазик помина во Комисијата за надворешна политика и денеска се најде на масата пред сите европратеници, пред да се изгласаат срамните амандмани.
– Благодарност до пријателите од ЕУ, кои ни помогнавте и ни помагате, кои верувате во нашите вредности како дел од европското семејство. Нема да ве разочараме. Ќе се обидеме да ја приближиме земјата кон ЕУ, затоа што членството на мојата татковина во ЕУ не е само цел, тоа е потреба, но заедничка потреба. Борбата е и ќе биде тешка, но јас сум подготвен. Ние сме малубројна земја, но со големо срце. Не ми е важна никаква политичка кариера, нема ништо поважно од македонските интереси. Нема да дозволиме да се случи ново предавство, и да се отстапи од македонските интереси, и тоа е завет кој ВМРО го има во својот код. Јас сум само моментален функционер, кој презел одговорност да служи на мојот народ и да го подобри животот на граѓаните. Работам ден и ноќ да ја реализирам таа цел. Не е воопшто лесно, напротив, мака мачиме да излеземе од заврзламите во кои е втурната Македонија, и да ги обновиме инситуциите и да ја обновиме нашата држава. Уште е рано народот да го почувствува тоа. Оптимист сум дека само со ваков искрен и чесен однос и кажување на работите како што се, за Македонија доаѓаат добри денови. Најавувам низа активности и очекувам сојузништво со МАНУ, партиите од другите етнички заедници, опозицискиот СДСМ и другите кои сакаат да помогнат, и да му покажеме на светот дека сме тука и дека сè уште стоиме и после сè – рече Мицкоски.