„НИКОЈ НЕМА ДА НЀ СКРШИ“ Водата и струјата утринава се вратија во Киев

Издржавме девет месеци сеопфатна војна и Русија не најде начин да нè скрши. И тоа нема да им успее, рече украинскиот лидер Володимир Зеленски.

161

Во Киев речиси целосно е обновено снабдувањето со вода, по руските ракетни напади врз инфраструктурата на главниот украински град. Јавните комунални претпријатија се обидуват да го обноват снабдувањето на градот со електрична енергија, поради чии прекини речиси целиот тримилионски град остана без вода.

Во многу делови од главниот град откажа затоплувањето, немаше струја, интернет ниту мобилна телефонија. Делови од Киев и доцна синоќа сѐуште беа без електрична енергија.

 






Заменик-шефот на претседателската канцеларија, Кирило Тимошенко, со оптимистичка порака. „Всушност, сите области на Украина се снабдени со електрична енергија”, изјави синоќа Тимошенко за украинската телевизија.

Во редовното видео обраќање, претседателот Володимир Зеленски ги пофали Украинците за нивниот дух на отпор кон руската инвазија.

– Издржавме девет месеци сеопфатна војна и Русија не најде начин да нè скрши. И тоа нема да им успее – рече украинскиот лидер.

Претходно на Телеграм се огласи градоначалникот, Виталиј Кличко, кој рече дека во одреден момент дури 70 отсто од Киев бил надвор од системот за снабдување со електрична енергија.

– Општинските служби работеа без престан на санирање на штетите, но снабдувањето со електрична енергија за Киев зависи од стабилноста на целиот енергетски систем во Украина – изјави Кличко.

Најмалку седум лица загинаа, а десет се повредени во вчерашното ракетирање на Херсон, од каде руските сили се повлекоа пред две недели.

„Руските окупатори отворија оган врз станбен кварт од повеќецелен ракетен фрлач. Големата зграда се запали“, напиша на Телеграм шефот на херсонската воена управа Јарослав Јанучевич.

Руско ракетирање имаше и во другите делови на Украина. Во Вишхород, во близина на Киев загинаа шест, а повредени се 30 луѓе.

Повеќе од 15 илјади луѓе исчезнале од почетокот на војната во Украина, изјави синоќа официјален претставник на Меѓународната комисија за исчезнати лица (ICMP), организацијата основана по војната во поранешна Југославија.

Организацијата со седиште во Хаг летото отвори канцеларија во Киев, за да им помогне на украинските власти во документирањето податоци и пронаоѓањето исчезнати лица.

Директорот на Програмата „ICMP” за Европа, Метју Холидеј, рече дека не се знае колку лица се насилно раселени, колкумина се затворени во Русија, колку се живи и одвоени од своите семејства, колкумина се загинати, колку закопани во необележани гробови…

– Процесот на потрага по исчезнати лица во Украина ќе продолжи со години и години по завршувањето на војната – рече Холидеј.

Се проценува дека бројката од 15 илјади исчезнати е далеку од реалноста, со оглед на тоа што не е позната судбината на 25 илјади луѓе само од Мариупол.

– Бројките се огромни, како и предизвиците за Украина. Освен тоа, не се знае кога ќе заврши војната – изјави Холидеј.

Од  „ICMP”, единствената меѓународна организација што работи исклучиво на решавање на проблемот со исчезнатите лица, посочуваат дека со складирање примероци од ДНК на роднини на исчезнати лица, се создаваат бази на податоци.

Во Киев организацијата почна да собира ДНК материјали што ќе му помогнат на обвинителството во истрагата за воените злосторства. 

Поврзани содржини