НИКОЈ НЕМА ДА МРДНЕ СО ПРСТ, ЗА ДА НИ ПОМОГНЕ Итен состанок во Данска за судбината на Гренланд

Продажбата на Гренланд, за која се дискутираше во Вашингтон во последните 24 часа, не е ниту опција, вели данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен.

5,707

Со необично силни мерки за безбедност и за доверливост, данската влада синоќа се состана во Копенхаген за да се договори за стратегија за кризата со Гренланд. По околу 2 часа, министерот за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека ќе побара состанок со својот американски колега Марко Рубио за да се „разјасни недоразбирањето“.

– Треба да разјасниме некои недоразбирања што се случија. Веруваме дека оваа ситуација е резултат на недоразбирање. На пример, не е вистина дека руски и кинески бродови се движат околу Нук во Гренланд – рече Расмусен пред новинарите.






Тој додаде дека ќе оди во Вашингтон заедно со Вивијан Мотцфелд, министерката за надворешни работи на Гренланд, но дека не знае кога тоа ќе се случи.

Ова е очигледен обид за смирување на тензиите и значително поблага реторика во споредба со говорите на данската премиерка Мете Фредериксен во последните денови, која не присуствуваше на состанокот во Копенхаген поради самитот на Коалицијата на подготвените што вчера се одржа во Париз.

Расмусен нагласи дека „САД не можат едноставно да го добијат Гренланд“, но веднаш рече дека се согласува со мислењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека постојат одредени предизвици во безбедносната политика на Арктикот.

Соработка може, предавање на суверенитетот не може

Тој изрази подготвеност за соработка и за проширување на американското присуство на Гренланд, но не и за откажување од суверенитетот над најголемиот остров во светот.

– Продажбата на Гренланд, за која се дискутираше во Вашингтон во последните 24 часа, не е ниту опција – нагласи Расмусен.

Средбата во Копенхаген не наиде на добар одѕив во Гренланд. Пипалук Линге, претседателка на Комитетот за надворешна и безбедносна политика на Парламентот на Гренланд, го изрази своето незадоволство што не е поканет ниту еден претставник од Гренланд.

– Значи, тие одржуваат состанок за нас – историски состанок за нас, а без нас. Ова е неоколонијалистички пристап. Оваа фрустрација постои меѓу населението на Гренланд со години. Затоа сакаме независност, не чувствуваме дека сме рамноправни. Не сакаме да бидеме граѓани од втор ред – изјави Линге за данскиот јавен радиодифузер ДР.

Данските политичари веднаш одговорија дека проблемот е што поради чувствителноста на темата, сите учесници мора да бидат физички присутни во Копенхаген.

И додека уличните анкети во данските градови покажуваат одредено незадоволство и разочарување кај граѓаните од реакцијата на данската влада на американските претензии, данските експерти за меѓународни односи немаат илузии за тоа што ќе се случи со Гренланд, ако Трамп е упорен и стане агресивен во своите намери.

„Американската воена машина е едноставно премногу моќна“

– Ако САД одлучат да го нападнат Гренланд, што во моментов е тешко да се замисли, ќе останеме сами. Никој нема да мрдне со прст, во строго воена смисла. Никој нема да ни помогне – изјави за ДР Петер Виго Јакобсен, доцент на Институтот за стратегија и воени студии на Данската одбранбена академија.

Според прописите, данската војска треба да реагира во случај на напад без да чека наредби од Копенхаген, но Јакобсен верува дека секоја борба би била „сосема бесмислена“.

– Гренланд е многу далеку, таму е многу ладно и условите за борба се ужасни. Американската воена машина е едноставно преголема и премоќна – рече Јакобсен.

На прашање дали поддршката од европските сојузници се сведува на само убави зборови, Јакобсен заклучи:

– Секако, никој нема да умре за Гренланд. Ние немаме намера да умреме ниту за Украина. И даваме пари и оружје, но нема да умреме. Ако Американците нападнат, играта ќе биде завршена. И Гренландците ќе мора да прифатат дека имаат нов шеф – рече тој.

Јакоб Линет Шмит, докторски кандидат на Данскиот институт за меѓународни студии и експерт за одбранбена политика не верува дека САД ќе го окупираат Гренланд со вооружени сили, но ако тоа се случи, тој не остава надеж за дански успех.

– Би било самоубиствено да се влезе во воен конфликт против САД во Гренланд. Дури и со помош на европските сојузници. Секако, Данска има повеќе воени капацитети отколку што признава Трамп кога се потсмева на кучешките санки, но тоа сепак не е доволно – изјави Шмит.

ЧЕТИРИ ЕДНОСТАВНИ ЧЕКОРИ ДО ПРЕВЗЕМАЊЕ НА ГРЕНЛАНД Трамп веќе почна со реализацијата

Поврзани содржини