Никој не знае по која цена е купена вакцината од „Фајзер“, прво ја нуделе за 54 евра
Фармацевтскиот концерн сакал од продажбата на вакцините на ЕУ да заработи вкупно 27 милијарди евра.
Фармацевтскиот концерн „Фајзер/БиоНТек“ првично ѝ ја понудил на ЕУ својата вакцина против коронавирус за огромна цена, која германската Лекарска комора ја оценила како „несериозна“.
Весникот „Зидојче цајтунг“ пишува дека „Фајзер/БиоНТек“ на почетокот на преговорите барал 54,08 евра по доза од вакцините и нарачка од 500 милиони дози.
Фармацевтскиот концерн сакал од тој бизнис да заработи вкупно 27 милијарди евра.
Според претставници на „Фајзер/БиоНТек“, таа цена го содржела највисокиот рабат (попуст) кој би можел да се понуди на една индустриска земја во светот. Со тоа вакцината на „Фајзер/БиоНТек“ би била над 20 пати поскапа од таа на „АстраЗенека“.
Во ноември е склучен договор со ЕУ, а цената досега не е објавена, но според некои медиуми, таа изнесува околу 15 евра по доза.