„НИКОЈ НЕ ТЕ МРЗИ, СИТЕ ТЕ ПРЕЗИРААТ“ Жестока порака на Филипче до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, од трибина во Јегуновце остро го нападна премиерот Мицкоски, обвинувајќи го за ширење омраза, поделби и манипулации кон народот.

728

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Јегуновце, остро му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски, велејќи дека никој не го мрази, туку сите го презираат поради, како што рече, лагите, манипулациите и деструктивната реторика што ја шири.

– Мицкоски вчера вели СДСМ имал патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски зборува за омраза, а сам е извор на омраза. Цела година навредува, понижува, го дели народот и сите кои ги критикуваат неговите очајни политики ги нарекува глодари и лешинари. Цела година го храни стравот, се заканува, плука по секого – па после глуми жртва кога народот ќе му ја врати вистината – изјави Филипче.






Тој додаде дека премиерот е извор на дестабилизација во земјата преку говор исполнет со омраза и поделби, кои, според него, ја загрозуваат стабилноста на државата.

– Никој тебе не те мрази, Мицкоски, туку те презира. Те презира за сите лаги и безочни манипулации кои ги сервираш секогаш кога ќе бидеш соочен со неуспех или вистина која те боли. Те презираат оние кои со лаги ги измами за да дојдеш на власт, а потоа не исполни ништо. Те презираат сите кои веруваа дека си човек од народот, а испадна дека си најарогантниот премиер кој го имала Македонија – рече лидерот на СДСМ.

Во своето обраќање, Филипче порача дека залудни се обидите за замолчување и заплашување на критичарите.

– Никого нема да замолчиш. Никого нема да исплашиш со заканите и пропагандата – затоа што одамна си прочитан. СДСМ нема да молчи пред политичар што ја валка Македонија со омраза, што шири поделби и што мисли дека патриотизмот е да ги хушкаш луѓето еден против друг. Граѓаните не сакаат жалопојки, туку решенија, правда и достоинствен живот – истакна Филипче пред присутните во Јегуновце.

Поврзани содржини