НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА Ѝ ПОСТАВУВА НОВИ УСЛОВИ НА МАКЕДОНИЈА Мицкоски му нагласи на Кошта дека не отстапува ни милиметар од ставот за уставните измени
Нашиот став е јасен и тој е непроменет, а пораката што ја кажа господинот Кошта е порака што ја слушаме долго време. И тогаш, и денеска, јас сум на истиот став дека евроинтегративниот процес треба да се темели на вредности, а не на билатерални прашања, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешната заедничка прес-конференција со претеседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Долга, но многу конструктивна посета и разговор. Вака претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја оцени средбата која ја имаше денеска со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
– Јас цврсто верувам дека проширувањето е заедничка цел која ја споделуваме и ова е најдобрата геостратешка инвестиција во мир, стабилност и безбедност што сите можеме да ја направиме. Ја поздравувам одличната работа којашто беше завршена од страна на Македонија, од вашата Влада во поглед на реформската агенда и напредокот кој беше постигнат. Мораме да ја искористиме оваа можност да направиме стратешка инвестиција, да ја завршиме, како што се Коридорите 8 и 10. Во текот на нашата средба јас повторив дека иднината на Македонија е во Европската Унија. Постигнавме поприлично многу досега и дискутиравме за преостанатите чекори кои треба да бидат превземени за да се заврши овој процес – рече Кошта.
Претседателот на Европскиот совет го охрабрил Мицкоски да ги вложи свопите напори за понатамошен напредок.
– Почитуван Христијан, можете да сметате на нас, на Европската Унија, затоа што ние ви стоиме на располагање, подготвени да ви помогнеме да ја искористите оваа динамика. Клучно е да се продолжи со реформите и да се инвестира во владеењето на правото и во борбата против корупцијата. Сакам да ја уважам вашата усогласеност со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика и поддршката за Украина. Верувам дека вашите натамошни ангажмани и на меѓународниот форум ќе ги покаже нашите заеднички вредности – рече Кошта.
Кошта оцени дека пристапниот процес е маратон, а не брза трка. Процесот, рече, е напорен и може да фрустрира, но дека со решеност и напорна работа Македонија ќе успее до крај со заобиколување на пречките.
– Не треба да го потценуваме Планот А. Како што кажав, знаеме кои се копенхашките критериуми, знаеме што беше договорено во 2022 година и мора да го испорачаме тоа. Јас совршено добро го сфаќам премиерот Мицкоски кога вели дека Македонија досега го променила името, знамето и направила многу отстапки. И да, се согласувам дека тоа е фрустрирачки, па токму затоа сега треба да бидеме сигурни дека никој нема да дојде и да побара нешто повеќе од она што претходно било договорено. Тоа што е договорено е договорено и сега треба да испорачаме. Не ни треба План Б, туку треба да го испорачаме План А – изјави Кошта.
Премиерот Мицкоски, пак, повтори дека евроинтегративниот процес треба да се темели на вредности, а не на билатерелни прашања.
– Нашиот став е јасен и тој е непроменет, а пораката што ја кажа господинот Кошта е порака што ја слушаме долго време. И тогаш, и денеска, јас сум на истиот став дека евроинтегративниот процес треба да се темели на вредности, а не на билатерални прашања. За жал, претходната влада прифати такво нешто, ама јас не прифаќам и нема никогаш да го прифатам. Јас не можам да излезам пред граѓаните и да им кажам дека ќе биде променет Уставот, а притоа да заборавам дека најмалку 14 пресуди од Судот во Стразбур има за Македонците кои живеат од другата страна на границата, а кои Бугарите упортно одбиваат да ги применат. Не можам да се согласам на уставни измени ако знам дека постои земја-членка на ЕУ која сѐ уште го доведува во прашање мојот мајчин јазик и мојот македонски идентитет. Кога ќе имаме јасна позиција околу многувековниот македонски идентитет и јазик, тогаш јас сум тука да разговарам за сѐ што е потребно. Дали некој се запрашал зошто Македонците немаат проблем Хрватите или Словенците да бидат дел од Уставот? Никој нема проблем. А зошто имаат проблем со Бугарите? Значи, има добра причина за такво нешто – изјави Мицкоски.