Никој друг веќе нема да ве боцка освен државата! Ни против грип!

Вакцините исчезнаа за еден ден! Вреска некој. Па што бе, другарче, да не сакаш на државно работа да завршиш онака од прва? Па кај си видел ти таква држава? Не ти е ова Данска или Финска, бре! Ќути таму, земи си бројче и чекај. Може пак ќе дојдат вакцини, од кај знаеш дека нема?

7,786

Порано, кога ова не беше олку средена и реформирана држава, кога бевме параспури де, се сеќавам, вакцини против сезонски грип се даваа и во „Зегин“. Сигурно имало и на друго место, ама јас, ете, паметам за „Зегин“. На приватно. Или, како што велеа бабите и дедовците, на прифатно.

Е сега, откако се средивме и се изреформиравме, онака по европејски, гледате и самите, нема веќе такви импровизации! Сега вакцини купува само државата (дури и за комерцијална употреба), само таа ви закажува термин и само таа ве боцка. Чиста работа.






Доста бре ве боцкаа оние ѓубриња профитерски од приватното здравство и од приватната фармација! Крвта ви ја испија без да сетите…

Ама, ама… Вакцините исчезнаа за еден ден! Вреска некој.

Па што бе, другарче, да не сакаш на државно работа да завршиш онака од прва? Па кај си видел ти таква држава? Не ти е ова Данска или Финска, бре! Ќути таму, земи си бројче и чекај. Може пак ќе дојдат вакцини, од кај знаеш дека нема?

Што е сега, ви се растури комоцијата? Не сакате да чекате? Половина на ноември било, доцна било… Мајката, сите станавте стручњаци за епидемиологија. Има во јануари да ве боцнат, ако така одлучи државата! Имало немало грип…

Аууу, не сте сакале во врат да ви дише некој со корона, додека чекате во ред за вакцина за сезонски грип? Па каде да дишат тие со корона, а? Каква е таа стигматизација? Дишат коронашите на журки, во маркети, на избирачки места… И ништо страшно не се случило. Добро, имаме мртви колку еден земјотрес, од оној скопскиот. Засега. Па што? А тоа дека умираме помалку од лани, тоа не се есапи? Срам да ви е!

Сакате да платите 600, 800 или 1.000 денари и да се боцнете ко луѓе. Ма немој! Нејќете без пари, сакате со пари. Тие што се боцкаат без пари не се луѓе, а вие сте. Како бе ви истекнуваат вакви работи?!

Не може веќе така, другарчиња! Умре тоа! Треба да сфатите дека сега е најважно ѓубрињата приватни профитерски оваа година да останат без своите профити. Да видат како е! Да видат кој е држава, бре!

Е сега, можеби и вие ќе си останете без здравје, можеби ќе закачите корона, кој знае… Ама реформите се болни, нели? Или, како што велат Американците, не можеш да направиш омлет без да скршиш јајце.

Аууу! Не ви било до омлет. Не сакате баш вие да бидете скршените јајца. Комшијата нека биде, јас да не бидам. Тој нека пати, јас сеир да гледам.

Така ли се прави држава? Без жртви? Ситни души!

Е умре тоа! Има да биде вака како што е сега. Никој веќе нема да ве боцка освен државата. Ни против грип!

Ако не за друго, за инает!

Поврзани содржини