Нигеријка (68) роди близнаци по четвртиот ин витро обид
Една жена од Нигерија на 68-годишна возраст роди близнаци, момче и девојче.
Маргарет Аденога мина низ три претходни ин витро постапки, пред конечно да добие близнаци.
Нејзиниот сопруг Ноа Аденога (77) изјави за „CNN“ дека тие стапиле во брак во 1974 година и долго време посакувале да имаат свое дете.
Тој рече дека тие никогаш не се откажале дури и по неуспешните обиди.
Пензионираниот ревизор за акции изјави за „CNN“: – Јас верувам во сонови и бев убеден дека ќе се оствари овој наш посебен сон“.
Бебињата беа донесени царски рез во 37-та седмица во минатиот вторник во „Lagos University Teaching Hospital“ (LUTH), но болницата неодамна ја објави веста за да и се даде на мајката време да закрепне, се вели во извештајот.
Д-р Адемими Окуново, кој ја породи жената, изјави за „CNN“ дека во болницата била собрана екипа од специјалисти за да ја следи бременоста заради нејзината возраст.
– Како постара жена и како мајка која за прв пат останува бремена, тоа беше бременост со висок ризик и исто така затоа што таа ќе има близнаци, но ние бевме во можност да ја следиме бременоста до крај – рече Окуново.