„Ние сме лудаци …“
Ќосето си ја тресе наталожената неколкугодишна прашина од рамениците, ги опашува пиштолот и камата што уште мириса на крв, и ја полни „берданката“. Се подготвува пред носот на слепциве повторно да се искачи на својот пиедестал – пред судовите или под некоја сенка, сеедно му е.Прашање е само зошто го чуваа до денес? Ако веќе било констатирано дека е дивоградба, ако нарачателот не го платил спомникот, ако официјална работна група во елаборат сугерирала споменикот да се отстрани, кој и зошто – го чувал? За „недај боже“? Е па тоа „недај боже“ стана – дај боже.
Не – не се тие, НИЕ сме лудаци бидејќи очигледно уште им веруваме дури и кога самите признаваат што се. Со зборови и/или со дела. А на тој кој во 2015 година признаваше дека се лудаци бидејќи трошат за чоколадо а немаат за леб, а малку после тоа, на „црниот понеделник“, мавташе со прстето наредувајќи да ги исфрлат од Парламентот „прогресивниве“ слепци, ни влакно од главата не му фали. А сите буџетски милијарди поминуваа „низ“ него! Па и денес, откако министерон чие име премиерот не го знае откри дека нема пари за учебници, власта експресно наоѓа милиони евра да си ги покачи функционерските плати. Затоа, впрочем, едно вакво општество, или држава, како сакате, е општество/држава на луди луѓе. И се вика – Северна Македонија!
И затоа, во таа иста држава, маскирани автократи раздаваат како на помен совети за здружување на „умерени левичари и десничари“ (што и да значат тие будалаштини!), ја кријат сопствената неодговорност зад некакви небулози за некоментирање на судски одлуки дури и кога се смртоносни за демократијата, слават „нови победи“ со најкриминални Ал Капонеовски „проекти“ во историјата на оваа држава итн. А тоа никого не го возбудува. Дури и Ќосето си ја тресе наталожената неколкугодишна прашина од рамениците, ги опашува пиштолот и камата што уште мириса на крв, и ја полни „берданката“. Се подготвува пред носот на слепциве повторно да се искачи на својот пиедестал – пред судовите или под некоја сенка, сеедно му е.
Но, зошто не повторно пред судовите? Та зарем таа симболика од минатите болни умови е значително променета, зарем судовите станаа нешто друго од она време на „тефтерчиња“ и однапред напишани пресуди? И токму Ќосето, односно тој Андон Лазов – историјата го препознава како првиот познат македонски масовен убиец – е вистинскиот симбол што треба да стои пред судскиот систем во оваа луда држава. Или пред Владата, сеедно, зашто и тоа е добра локација, токму на местото на „Ослободителите на Скопје“ на Мирковиќ. Тој модернистички споменик – мислам на „Ослободителите …“ – ионака стилски не одговара со провинцискиот „неокласицизам“ на преоблечениот објект на Владата. Ама Ќосето е тамам, го заокружува општиот налудничав впечаток за оваа држава. А всушност, што друго работи власта во оваа држава освен што ги „погубува“ сопствените граѓани?
Од друга страна, да не заборавиме дека споменикот на овој грд лик едновремено е и еден од симболите на она шизоидно „Скопје 2014“, „проект“ што го чинеше овој народ речиси 900 (досега познати) милиони евра. Денес, токму оваа „прогресивна“ власт со сите сили се труди да го надмине тој износ со еден нов „проект“ викан нагалено „Коридори 2023“. Ќе чинел околу една луда милијарда и триста милиони евра. Е па затоа Ќосето е добредојден пред Владата: да им ги заработи тие пари – со камата, пиштолот и пушката!
Но Ќосето и неговиот споменик се препознаваат и како друг симбол токму на оваа власт: на целиот нивни, но и наш, петгодишен маскенбал – повеќе налик на оној струмичкион отколку на вевчанскиот – којшто се трансформира во една голема процесија на глупоста, на лажни ветувања и неисполнети надежи, а особено на пропуштени шанси односно незавршени обврски. Затоа Ќосето повторно им се удира од главата на „умерениве“ и „прогресивниве“. Но не како „случај“ туку како циркус во којшто целата правна држава глуми налудничава сурија кловнови кои талкаат низ институциите, без резултати но со (сега) огромни пари во џебовите.
Бидејќи токму Ќосето испадна безмалку единствената „жртва“ на новава власт од цело онакво налудничаво „Скопје 2014“ и старата власт. Некој ќе рече: од убиец – жртва. Не дека го жалам, јас сум еден од потписниците на „егзекуцијата“ на неговиот споменик, иако сега, ете баш пред Велигден, некои решиле да го воскреснуваат. И така и ќе биде, не се сомневам. Зашто во луди држави, со такви власти, чудо би било тоа да не се случи. Прашање е само зошто го чуваа до денес? Ако веќе било констатирано дека е дивоградба, ако нарачателот не го платил спомникот, ако официјална работна група во елаборат сугерирала споменикот да се отстрани, кој и зошто – го чувал? За „недај боже“? Е па тоа „недај боже“ стана – дај боже.
И повторно Собранието ќе молчи за фактот дека само тоа е надлежно за спомениците во државава, сега ќе бидат зафатени со трошењето на покачените плати, па утре со Уставот, па со идните избори …, и Ќосето – ќе воскресне? И не се сомневам дека во најавеното агитирање на владејачката македонска партија за следните избори ќе му положат и цвеќе. Зашто тие, и единствено тие се, и ќе бидат, негови воскреснувачи!
Иако, во ваква налудничава атмосфера, се појавуваат и „сериозни“ политикантски гласови не само за воскреснување туку и за некаква рехабилитација на овој опскурен лик само заради фактот што бил „другар со Гоце Делчев и Јане Сандански“! И таквото другарување би требало да ги засени сите негови злодела како егзекутор на историското вемеро. Кога историјата, и совремието би се „читале“ низ призмата на другарувањето … Иако, кај нас, мислам дека така и се „читаат“ нештата, затоа оваа држава стана налудничава. Но, само замислете кога ваквите малоумни толкувања – кој со кого другарувал! – би се примениле и на други историски личности, од „форматот“ на еден Хитлер, Сталин, Берија, Пол Пот, комшијана Цар Борис … и др. Па тие „другарувале“ со државници од целиот свет! А во ова „друштво“ никако не треба да се изостави и „нашиот“ Аце Македонски, чијшто меч е натопен со потоци крв од многу народи. И сепак неговион „споменик“ – според еден наш екс министер а сега вицепремиер „храбро дело на бившата власт“ (sic!) – и понатаму дрско опстојува во центарот на Скопје.
Но, барем оние кои така жестоко се залагаат за законитоста во државава, треба да знаат дека примарниот аргумент за отстранувањето на споменикот на Ќосето воопшто не е неговата, најблаго речено, контроверзна биографија (иако и таа би морала да се има предвид!), туку фактот дека споменикот беше – дивоградба, поставен контра сите позитивни прописи за овој вид „градби“. И тој аргумент важи и за сите други „градби“, особено од споменичен вид, од шизоидното „Скопје 2014“. Коешто, нели, според ветувањата на оваа власт, требаше да се доведе во ред. Затоа и оној „претседател“ на Собранието, но и сите пратеници до последниот, наместо да си ги пресметуваат новите плати и да калкулираат колку ќе заработат до крајот на годината, треба да се зафатат (и) со споменичката проблематика бидејќи токму тие ги имаат клучните надлежности за таа област. Или – не го знаат тоа? Прашање е и дали знаат дека тоа Собрание цели три децении не ја исполнило својата законска должност да носи повеќегодишна програма за подигање споменици за одбележување на знаачајкни настани и истакнати личности? И дека сите негови досегашни претседатели треба да одговараат за тоа?! И на крајот, кога оваа полуписмена власт, но и иста таква опозиција, би знаеле како современата историја на уметноста, но и социологија, филозофија и др., ги толкуваат спомениците денес, дека секој споменик, независно од големината е порака, „текст“, симбол …, и кога сето тоа би го „превеле“ на овој чудовишен „споменик“ на Ќосето, ние не би биле во ваква провинциска кал. А впрочем, забораваат ли дека после Уставот, втората кривина на којашто нè чека Бугарија се – спомениците од НОБ?