НИЕ СЕЧКАМЕ, ТИЕ ЛАПААТ Од салама-тактиката само Бугарија ќе биде сита

Искуството со Грција покажува дека компромис може да се постигне само ако имате повеќе елементи ставени на маса и само ако точно ја направите комбинацијата за тоа што ни е важно нам, а што е важно за другата страна. Кога намалувате од елементите, односно кога почнувате да ја празните масата, тогаш станува многу потешко да се направи добар компромис, објаснува поранешниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров за Плусинфо.

1,666

Ја вадите саламата од фрижидерот, ја ставате на даската за сечкање и почнувате да сечкате тенки парчиња. Вака поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров ја коментира новата македонска стратегија за решавање на спорот со Бугарија, нарекувајќи ја „салама-тактика“.

Тој во изјава за Плусинфо вели дека пристапот на решавање прашање по прашање не е добар и оти најголеми придобивки од ваквата тактика има само бугарската страна – ние сечкаме, а Бугарите лапаат.






Според Димитров, принципот „ништо не е договорено додека не е сè договорено“ е исклучително важен, оти како што објаснува тој, секогаш кога постојат повеќе елементи во преговори помеѓу две држави, тогаш постојат и повеќе можности за комбинирање.

Сличен став дели и поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски, кој вели дека со ваквиот нов пристап Македонија ќе си остане со двата клучни проблема – првиот, нема почеток на преговори со ЕУ, и вториот, спорните историски прашања си остануваат спорни.

Но, со новата македонска тактика се согласува првиот министер за надворешни работи Денко Малески, кој смета дека треба да се искористат сите понудени шанси наместо да стоиме со вкрстени раце и заглавени во клучната историска тема.

Нов пристап, лош пристап

Од принципот на решавање прашање по прашање придобивка има само Бугарија, тврди Димитров.

Никола Димитров, поранешен вицепремиер: Велат дека со новиот пристап веднаш имале резултати, па се разбира дека имаат, ама во корист на Бугарија. Никој и никогаш не спорел дека можно е решение и за една недела ако пристапот е ваков.

– Решавањето на проблемите помеѓу Скопје и Софија во пакет значи дека ништо не е договорено додека не е сè договорено. Но, вчера самите признаа дека сме го смениле пристапот и стратегијата, а со тоа паѓаат во вода хистеричните напади за мене и тврдењата дека сме немале разлики во размислувањето. Додека бев вицепремиер, јас цврсто се држев до првиот пристап, кој предвидува проблемите да се решаваат во пакет. Но, веќе вториот ден како што сум повлечен од функцијата, тие го сменија пристапот и ја сменија суштината. Велат дека со новиот пристап веднаш имале резултати, па се разбира дека имаат, ама во корист на Бугарија. Никој и никогаш не спорел дека можно е решение и за една недела ако пристапот е ваков. Оти, овој нов принцип за решавање прашање по прашање се вика „салама-тактика“. Сечете едно тенко парче, па сечете второ, па трето… Ако излегувате во пресрет со еден елемент, на некој начин го отежнувате процесот и создавате впечаток кај другата страна дека ако се доволно долго тврдоглави и ако доволно долго опстојат на ветото, на крајот ќе ги добијат до крај сите свои позиции. Затоа, во преговорите принципот „ништо не е договорено додека не е сè договорено“ е исклучително важен – изјави Димитров за Плусинфо.

Тој се потсетува и на преговорите со Грција, а како што вели, тогаш и двете страни покажале волја за постигнување компромис.

– Искуството со Грција покажува дека компромис може да се постигне само ако имате повеќе елементи ставени на маса и само ако точно ја направите комбинацијата за тоа што ни е важно нам, а што е важно за другата страна. Кога намалувате од елементите, односно кога почнувате да ја празните масата, тогаш станува многу потешко да се направи добар компромис. А едно од петте барања од Бугарија ние веќе го тргнавме од масата и го испорачавме, додека, пак, Бугарија не направи таков чекор. И нам ни треба сигнал за добра волја од нивна страна. Со Грција, на пример, кога премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас се сретнаа во Давос, таму договоривме два чекора од наша страна и два чекора од грчка страна – промената на имињата на аеродромот и на автопатот беше нашата задача, а нивна задача беше деблокирање на втората фаза од спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ и влез во Јадранско-јонската иницијатива. Значи, двете страни тогаш покажаа добра волја, за разлика од сега во случајот со Бугарија. Во основа, секогаш кога постојат повеќе елементи во преговори помеѓу држави, тогаш постојат и повеќе можности за комбинирање. Формирањето на работни групи од двете страни сметам дека е корисно, оти дава дополнителни елементи и го рационализира проблемот. Но, од друга страна, пак, големите проблеми и големите маки остануваат и чекаат да бидат решени – објаснува Димитров.

Словенечко-хрватски модел

И пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи,  Милошоски, смета дека новиот преговарачки модел не е добар и тој предлага Македонија и Бугарија да го применат словенечко-хрватскиот модел.

– Најважната работа е тоа што решавањето прашање по прашање не ја решава бугарската блокада. Клучниот проблем лежи во тоа што Бугарија го блокира почетокот на преговорите со Европската Унија, а за жал, македонската страна направи грешка кога го креираше Договорот за добрососедство, бидејќи во документот постои член кој вели дека Бугарија е обврзана да даде поддршка за Македонија за членство во НАТО, но дека не е обврзана да даде поддршка за Македонија за членство во ЕУ. Затоа, решавањето прашање по прашање, вклучително и апсурдното писмо испратено до Обединетите нации, дополнително ѝ користи на Бугарија за да си го подобри дипломатскиот имиџ, а Македонија останува со двата клучни проблема – првиот, нема почеток на преговори со ЕУ, и вториот, спорните историски прашања си остануваат спорни – објаснува Милошоски.

Македонската страна направи грешка кога го креираше Договорот за добрососедство, бидејќи во документот постои член кој вели дека Бугарија е обврзана да даде поддршка за Македонија за членство во НАТО, но дека не е обврзана да даде поддршка за Македонија за членство во ЕУ.

Антонио Милошоски Поранешен министер за надворешни работи

Ако веќе одиме на европски модели коишто досега се применети и кои покажале добри резултати, додава тој, тогаш би требало да се примени словенечко-хрватскиот модел.

– Ако се сеќавате, Словенија и Хрватска имаа спор за морската граница, но двете држави се договорија дека за тоа спорно прашање ќе разговараат паралелно со текот на преговорите за членство на Хрватска во ЕУ. Разговорите за тоа прашање се поврзаа со конечното зачленување на Хрватска во ЕУ. Ако е тоа веќе еднаш применето и ако ние се повикуваме на добри европски практики, тогаш би требало и македонската дипломатија да си постави за цел да примени таков модел во преговорите со Бугарија. Но, кај нас, за жал, гледам дека целта е да се одржува некоја надеж во однос на зачленувањето во Унијата, а со тоа краткорочно да се одржува и власта. Дефинитивно, решавањето на проблемите дел по дел ѝ користи само на Бугарија – објаснува Милошоски.

Петков не може сам

Во поглед на преговорите што ги водат Скопје и Софија, очигледно тешко оди усогласувањето околу историјата и тоа прашање ќе ни потроши поприлично многу драгоцено време, па затоа ние не смееме да седиме со вкрстени раце, вели првиот министер за надворешни работи Денко Малески, кој смета дека решавањето прашање по прашање е добар пристап.

– Работата на комисиите ќе биде од голема корист. Тоа би бил тој европски пристап, но тоа нема да ни ја отклучи вратата за почеток на преговори со Европската Унија, бидејќи нема да има решение за историската тема. Ние можеме да решиме многу економски, инфраструктурни и културни проблеми, но сепак, прашањето за историјата ќе претставува бугарски услов до самиот крај. Онаму каде што можеме да ја развиваме соработката, ние треба да одиме напред. Ако можеме да изградиме пат, тогаш ајде да изградиме пат. Ако можеме да изградиме железничка пруга, тогаш ајде да изградиме железничка пруга и да ја подобриме трговијата помеѓу двете соседни земји. Сметам дека најдобро би било да не стоиме закопани во историската тема, но таа тема ќе мора еден ден да ја отвориме за да добиеме датум за преговори со Унијата – објаснува Малески.

Онаму каде што можеме да ја развиваме соработката, ние треба да одиме напред. Ако можеме да изградиме пат, тогаш ајде да изградиме пат. Ако можеме да изградиме железничка пруга, тогаш ајде да изградиме железничка пруга и да ја подобриме трговијата помеѓу двете соседни земји.

Денко Малески Прв министер за надворешни работи

Тој во новиот бугарски премиер гледа еден европски политичар, но како што вели, Петков не може сам да ја извлече Македонија од калта.

– Бугарскиот премиер Кирил Петков е добар профил на политичар и е прифатлив за нас, меѓутоа тој е само еден европски човек кој не може сам да го реши билатералниот проблем. Бугарската политика во моментов ја отсликуваат национал-популистите кои ги наметнаа овие национални теми коишто се важни за Бугарија и за модернистите кои ги додадоа европските теми. Целината ќе мора да се состави за да тргнеме напред, така што, Петков не може сам против сите. Сепак, бугарскиот премиер прави добар пробив со другите теми што ги наметнува, иако и самиот е свесен дека без историската тема нема да може да се реши билатералниот спор – вели Малески.

Барањето за Скопје да испрати нота до Обединетите нации во која ќе каже дека со краткото име Северна Македонија нема територијални претензии кон соседите, а што веќе го стори Македонија, Бугарија го постави уште во 2020 година, неколку денови по првата испорачана блокада во Европската Унија. Сега, при првата посета на бугарски премиер на земјава по блокирањето, првите луѓе на македонската и на бугарската влада Димитар Ковачевски и Кирил Петков соопштија дека тоа е веќе надминато, со што стана јасно дека едно од барањата на Софија е исполнето.

Поврзани содржини