НИЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ НЕМАМЕ ЗЛАТНИ ВИЗИ ЗА ДУБАИ За кој дом се грижи Филипче, за хациендите, јахтите и за апартманите, праша Мицкоски
СДСМ дојде до тоа дереџе што главната кампања им е Кочани – и тоа од човекот поради чија акутна неспособност, десетици илјади страдаа во ковидот, а во државен објект – модуларна болница – 15 живи пациенти изгореа, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг во општина Кавадарци.
Нема поголемо задоволство од тоа да се биде меѓу народот, кого не си го разочарал. А јас меѓу вас одам со крената глава, затоа што, заедно со вас, ги водевме и ги водиме сите битки за подобра иднина на нашата татковина, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг во општина Кавадарци.
– И еве нè повторно пред уште еден предизвик, пред уште едни избори на кои се одлучува за правецот по кој ќе се движиме. И кога се наближува денот, човек има многу избори за кои може да се одлучи, но само еден е вистинскиот. Овој пат тој избор е лесно препознатлив, разликата со нашите противници е очигледна, но многу е важно тој избор да биде силен и одлучен. Затоа што јасната волја нема да значи само одлука за твоето место, за твоето маало, вашиот град, за улиците по кои чекорите, за маалата и местата каде се сите ваши важни животни случки, туку и испраќате порака за тоа во каква Македонија сакате да живеете – рече Мицкоски.
Нагласи дека никој од ВМРО-ДПМНЕ нема златна или било каква виза за Дубаи, не возат мотори по јужниот сосед, ниту пак коленичат пред источниот сосед.
– Ние резервна татковина немаме. А тие, пак, првиот ден кажаа дека немало да водат негативна кампања, а вториот ден, на телевизија, пуштија негативни спотови – сечени, извадени од контекст реченици – само за да направат пометња, само за да излажат со намера да не се гледа она што од Марс е видливо, дека СДСМ не се менува и дека е во тотална безидејност. Еден мој соработник ми вели: „Претседателе, овие започнаа негативна кампања и црни спотови од првиот ден“. Јас му велам:„А замисли тоа да не го пуштеа, што ќе кажеа? Ниту програма, ниту идеи, ниту развој ги интересира. А, од друга страна, еден аналитичар ми вели: „Да не сте им инфилтрирале некој вмровец во кампањата на Венко?“ Му велам: „Зошто така мислиш?“ „Па види, Филипче… Замислете, Филипче почна да зборува за правда во судството, да зборува за патриотизам, црвени линии и сè она што е антипод на нивниот карактер“. Откако порано направи предавства на секој чекор – рече Мицкоски.
Нивната кампања се состои од злоупотреби на трагични судбини, од гола реторика без докази и аргументи, додаде Мицкоски.
– Дојде до тоа дереџе што главната кампања им е Кочани – и тоа од човекот поради чија акутна неспособност, десетици илјади страдаа во ковидот, а во државен објект – модуларна болница – 15 живи пациенти изгореа. Но, ова не е начинот на кој јас сакам, и јас ќе ја водам кампањата. Човекот се изгуби во поданичката улога дадена од неговиот шеф Заев. Аман, пазете го детево – забега. Тој не се ни труди да се тргне од неговата сенка, напротив – гордо си ја носи. Некогаш големата партија СДСМ ја сведоа во приватно гранапче за одбрана на личните интереси. Го слушам пред некој ден Филипче како кажува дека СДСМ се борат за нивниот дом. Ако за домови мислат на хациендите, на јахтите на кои поминуваат недели, на апартманите во Дубаи, каде што престојуваат и се веселат со турбо-фолк пејач(к)и, тогаш е јасен нивниот слоган. Се борат за ова – тогаш од нивната борба народот нема аир, туку зијан. Па уште Филипче вика, слоганот им го прифатило членството со екстаза, а веќе следниот ден нивниот кандидат за една од општините го менува – како да се срами од својата партија. Ете, до тоа дереџе дојде државотворната партија СДСМ – нејзините кандидати да се оградуваат, што јавно, што преку менување на изборните пораки, од ставовите на нејзиниот лидер – рече Мицкоски.
Мицкоски ја искоментира изјавата на Филипче дека на овие избори настапувале со концепт кој е континуитет на нивните изминати политики, и праша дали има полоши години за Македонија и македонскиот народ од 7 годишното владеење на СДСМ и ДУИ.
– Затоа на овој 19 октомври треба масовно да излеземе и да го заокружиме бојот 9, за да им покажеме дека тие се минато, трајно минато на политичката сцена во Македонија – порача Мицкоски.
Тој се обрати и до неопределените и оние кои што се двоумат дали да излезат на гласање, и истакна сега се потребни.
– Сосема разбирам дека секој од нас има очекувања. Вашите можеби се поголеми од тоа што реално можевме да го исполниме овие година и пол централна власт. Но, покажавме вредност, истрајност и посветеност да ги менуваме работите. Затекнавме распаднат систем, трули институции и напластени проблеми. Темелите ги градевме овие месеци, полни со ентузијазам и енергија. Надежта не ја загубивме – заедно ја одржавме. Покажавме и резултати. Не паднавме, иако сакаа да нè видат клекнати; работевме за секој еден од вас. И затоа, сега сте ни потребни – не само нам, туку и на државата – бидејќи вие одлучувате за вашата иднина, и овој е тој момент. Сакам да се обратам до оние кои се колебаат или не планираат да гласаат. Така им правите услуга на оние кои сакаат да живеат на грбот на татковината, кои ја сакаат Македонија поделена и разединета. Така директно се охрабруваат оние кои сакаат власт без борба на концепти и програма, кои сакаат повторно тендери и предавства. Затоа, одлучете мудро – излезете и гласајте. Излезете, затоа што ова не се само локални избори, туку тест на заедничката волја за тоа каква Македонија сакаме. Нашиот сон и нашата визија е нашата иднина, која сега ја градиме токму во овој момент. Дајте ни шанса и сила да ја изградиме Македонија каква што ја заслужува – кажа Мицкоски.
Мицкоски се обрати и до членовите на СДСМ и кажа дека тој ги почитува чесните и искрени членови, но рече дека таму мора да има реформи и собир на искусни и млади за кој рече дека постојат, но се маргинализирани од мала група кој ја приватизираат партијата.
– И вие добро знаете дека ова раководство е затворен круг кој, наместо да гради иднина, штити бизнис-интереси на неколкумина. Затоа ви подавам рака и ве повикувам да гласате – за иднината на татковината – да излезете и да направите вистински избор, и да ги поддржиме промените во кои мора заеднички да веруваме – потенцираше Мицкоски.
На крај Мицкоски ги повика кавадарчани да излезат на 19 октомври да гласаат за Митко Јанчев кандидат за градоначалник од Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ и советничката листа.