Ние, „копилињата“ на светот

Затоа, кај македонскиот граѓанин расте чувството на ништожност, на црнила, на беспомошност…, како да сме последните копилиња на светот. Идентично на оние историски премрежија после Илинден, Балканските и Првата светска војна, распадот на Отоманската империја…, кога гласот на – па и за – македонскиот народ и неговите права бил целосно игнориран.

1,485

Кога слушате што говори Ципрас среде Атина за промената на името, а до него – сосе слушалки! – седи и како мало дете го слуша оној „наш“ политикантски праматар што ја потпиша таа промена, нормален човек го фаќа лутина. Па и бес, или нешто полошо. Па кога го гледате истиот политикант како, како попче, замолчува пред медијаторката која го опоменува за употребата на придавката „македонски“, лутината и бесот многукратно растат.

И за таква прослава, без срам, во Атина се помкна цела параспур делегација како уште едно понижување на државата. Сосе политички шарлатани од „калибарот“ на Венко „Заев“ Филипче, Бучковски (од чие време, не заборавајте, онаа „партија“ викана сдсм тргна удолу!), па Забрчанец… и др. Зачудо, ја немаше „професорскана“ двојка – онаа која нам, глупавите, ни ги преведува пораките на Бајден и Макрон – па „аналитичарон“ на моторчето и уште цела сурија клиентелистички ликови заслужни за ова денес.






Впрочем, „професорон“ од двоецот, со сиот ум, и после Ципрас, му ја честита „разумната изјава за името на идниот премиер“! Па, по ѓаволите, има ли крај на оваа бласфемија со тоа име, со таа агенда, со тоа праматарство…?

И уште едно чудо: во Атина ја немаше ни „Цаци“, која сега, „ѕенѕајќи“ по утрински емисии, доживува просветление дека политикантскион екс-праматар не требал воопшто да си поднесе оставка! А што требаше, да ни ја „смести“ набрзина и „француската рамка“? И таа и таква персона се кандидира за претседател на сдсм (малите букви се… знаете веќе што!)? Па, нека им е со среќа.

Затоа, кај македонскиот граѓанин расте чувството на ништожност, на црнила, на беспомошност…, како да сме последните копилиња на светот. Идентично на оние историски премрежија после Илинден, Балканските и Првата светска војна, распадот на Отоманската империја…, кога гласот на – па и за – македонскиот народ и неговите права бил целосно игнориран.

Затоа, оние македонски „мудри“ глави кои мислат дека го разбираат Фукујама или дека не постои историја, не знаат (ни) да мислат. Историјата дефинитивно е тука – човекот ја носи со себе – и се повторува – ако ѝ дозволите – и тоа најчесто како трагична фарса. А македонските политиканти и нивната клиентела, особено последниве две децении, дозволија сѐ. Затоа и чувството кај нас дека сме последните „копилиња“ на светот. А не сме, сепак, има многу слични на нас, расеани низ светот и со уште пострашни судбини.

Но, чувството останува, особено кога ги слушате оние нешта (не само) од Атина или Софија. И кога и понатаму ја гледате настојчивоста на еден грст бедни политиканти како ја туркаат истата агенда, само сега со сменет географски правец – кон Исток!

Иако, од гнев, веќе нема полза. Неповратно помина времето кога можевме со лутина и бес да ги смениме нештата. Тоа е исто како сега да расправаме за ланскиот снег (што го немавме) односно „што ќе беше“ ако имавме барем малку поумни политичари, и малку поспособни, и малку покарактерни, и малку почесни… Или ако ние бевме малку поумни, поборбени, погласни… Ќе беше многу поинаку, но не е.

Но, на пример, кога читате дека оној од теретанана бил избран за член на некаква меѓународна тинк-тенк организација за образование (sic!), и дека тие заклучиле дека токму тој покажал „непоколеблива посветеност за академска извонредност“, со „многубројни придонеси за науката во полето на економијата и менаџментот“(sic!), гневот се зголемува но можеби нештата стануваат – појасни? Тоа е всушност довчерашна Македонија. И очигледно, од ова парче земја на светот му требаат – такви „извонредности“. И онакви кои ќе одат во Атина на прослава, па понизно ќе прифаќаат да ги корегираат среде говорот дури и кога се во право. Па уште ќе му даваат и награда на оној излапенион Нимиц кој си најде вносна животна занимација цели три децении!

Оттука, повторно, времето за нашето „што ќе беше…“ одамна помина, уште од советот на Бадинтер да бидеме трпеливи. Зашто, го сакале тоа некои или не, правдата секогаш (ќе) победува. А таа беше на наша страна, ама на некои овде им се брзаше за френко-чушкарските бизниси, нели? И за Нобеловата награда (Господ на помош!)?

Како и сега за европските фондови. На коишто беше настрвена „извонредноста“ на оваа – за среќа бивша – македонска постава. И којашто, меѓусебе се потпрашува кој е тој Сократ кого го спомнува Претседателката и што толку направил во животот за да биде цитиран на претседателски прес-конференции. Да не е некоја сива еминенција на НАТО, или некој скриен советник на Бајден или Трамп? Па и оној Маршал? Да не мисли Претседателката на „нашиот Маршал“?

Понизноста и провинцијализмот на македонските политички и интелектуални „елити“ – дури и кога се веќе минато – се сведува на омеѓен и во основа медиокритетски личен интерес и аплауз за оние кои можат тоа да им го обезбедат, оние минливи актуелни ликови од воено-политикантската машинерија како Столтенберг, Макрон, Шолц, „госпожа“ Урсула, Бајден или Трамп сеедно… И кои, низ нивната поразителна сервилност, ни ги подметнуваат како меродавни умови на совремието.

Тие тоа не се, се разбира, ниту можат да бидат. Повикувањето/цитирањето на некакви нивни „мисли“ важни за државава се само дневнополитикантска игра за мамење и заплашување на јавноста. И поткопување на моралот. На Македонија, како впрочем и на секоја држава, ѝ требаат темелни вредности и визионерски насоки. Овие тоа не можат да (ни) го дадат. Ги немаат тие капацитети. И не само тие, секако, туку уште повеќе оние нивни емисари што до вчера се врткаа низ земјава и кои отворено нѐ нарекуваа копилиња продавајќи ни половен автомобил од марката „сдсм/дуи“. Дури и тие беа деноноќно цитирани од локалниве политиканти и нивните интелектуални приколки!

И сето тоа, по ѓаволите, продолжува и денес. Не само преку „преводите“ на пораките на светските „лидери“, туку и преку оние шестоодделенски „мудрувања“ крстени како „анализа“ за македонскиот национализам, но со очигледен катаракт да се види оној вистинскиот, европскиот национализам – па и неофашизам за којшто пишува Жижек! – на дело, не само како победник на последниве евроизбори туку како веќе „општо место“ низ целата Унија.

Или барем низ „пердето“ да се види онаа Џорџа во Италија? Или за нив мора да се – молчи? Па тогаш, која и каква полза од такви „анализи“? Или тие служат за отплаќање на некои стари долгови? И колку ли „докторати“ и „професури“ треба човек да има за да разбере такви нешта?

Но, нашето чувство на отпадништво од оваа и ваква (не само) Европа еднаш (ќе) мора да престане. Тоа нема да се случи со плач и лелек за неправдите туку, прво, со директно соочување со сите оние кои ја туркаа оваа копилинска агенда во Македонија. На пример, како што потенцираше и идниот премиер, со оние „од надвор“ кои ветуваа сѐ и сешто. Иако, де факто, тие не се виновни ако дома имате малоумници подготвени да го прифатат тоа сѐ и сешто.

Потоа, второ, оваа локална политикантски промискуитетна багра мора да се лоцира на вистинското место во историјата. Иако, де факто, (и) тоа индиректно го направија последните избори. Но не е доволно и не е персонализирано!

И трето, Македонија конечно, низ соодветни примери, мора да покаже дека не е копиле на светот и дека онаа посакувана од ЕУ „извонредност“ е всушност само карикатура на македонскиот дух. И ништо повеќе, без оглед какви функции завземала. Иако тоа наликува на потежок дел од задачата, не е. Но треба мудрост, знаење, визија… Ако и сега продолжи партократското надмудрување и поттурање на свои полуписмени фаворити, тогаш – ни нема спас! Ако ги пропуштиме и наредните четири години, етикетата „копилиња“ ќе ни остане и за идните сто.

П.С.

И гледајте како и понатаму се формира јавното мислење: нема коментари и „анализи“ за Атина и „делегацијата“, за „извонредноста“ или пцовките и „нашата репрезентација“ од УЕФА ЕУРО…, ама Стоилковиќ е – главна вест!

Поврзани содржини