НИЕ ЌЕ СЕ „ТУШИРАМЕ“ СО ВЛАЖНИ МАРАМЧИЊА, А ТИЕ ЌЕ ГРИЦКААТ ОКТОПОДИ На граѓаните им се гади од морските плодови на Владата

Треба да си генијанец за да ја лечиш трајната неспособност за служење на народот со октоподи и со школки, вели за Плусинфо колумнистот Богдан Илиевски-Бетмен Велит.

2,163

„Слушај ме што ти зборувам, ама не гледај што правам“. Оваа реченица совршено го опишува односот на Владата кон граѓаните во Македонија, особено откако во изминатиов период дел од министрите започнаа активно, преку патетични примери, да го советуваат народот како да штеди струја во текот на зимата, а од друга страна, пак, вчера се појави информацијата дека токму Владата, во овој период на криза, ќе потроши 20.500 евра за набавка на свежа и замрзната риба, октопод и морски плодови.

Како јас да се туширам со студена вода ако знам дека во истиот тој момент министрите грицкаат ракчиња и шмукаат морски школки?

Синиша Пекевски Политички аналитичар





Мислење за ваквиот циничен потег на Владата побаравме од неколку универзитетски професори, политички експерти, граѓански активисти и колумнисти, а аналитичарот Синиша Пекевски погоди директно во целта со прашањето: „Како јас да се туширам со студена вода за да заштедам електрична енергија ако знам дека во истиот тој момент министрите грицкаат ракчиња и шмукаат школки?“

Според, него, сѐ што прави Владата е декларативно.

– Ако Владата навистина сака да штеди, постојат милион начини како да го стори тоа. На пример, нема секојдневно беспотребно да вработува нови луѓе. Нема секојдневно да се организираат разни настани за коишто се фрлаат огромни пари. Министрите и премиерот нема да се возат со десет автомобили од Карпош до Аеродром, туку ќе се возат само со еден. Нивното обезбедување нема да се вози со пет автомобили, туку само со еден. Ова се најобични и највоочливи примери преку кои се прикажува расипништвото на Владата. Затоа, во вода паѓаат сите нивни патетични повици и молби со кои се бара од граѓаните да штедат електрична енергија. Како јас да се туширам со студена вода ако знам дека во истиот тој момент министрите грицкаат ракчиња и шмукаат морски школки? Лицемерно е, а ним воопшто не им е грижа што мисли и како се чувствува народот. Ако се секираа за потребите на граѓаните, тие сосема поинаку ќе го менаџираа целиот процес – ни изјави Пекевски.

Колумнистот Богдан Илиевски-Бетмен Велит во разговор за Плусинфо вели дека воопшто не би го чудело доколку властите им препорачаат на земјоделците да посадат морски плодови за да им тргне бизнисот, бидејќи, како што објаснува, нашата Влада ги гоштева странските делегации строго со морско, а на саеми се фали дека сме пораснале на ајвар и на сирење.

Бетмен Велит: Треба да си генијанец за да ја лечиш трајната неспособност за служење на народот со октоподи и школки. А народот ако нема за леб, нека го фати октоподот за подолгото.

– А што очекувате, овие кои душа дале и продале за да јадат на наш трошок, да се откажат од високопотребните морски плодови? Како да живее еден министер без да има октопод на дофат на виљушка? И што се тие криви ако немаме за леб, нивно е само да јадат и да јадат и да смислуваат идеи како да ни го олеснат животот. На пример, зошто да плаќаме високи сметки за струја кога може да се бањаме само во недела? Зарем мора да се јаде секој ден? Кому му е потребно греење на зима, кога имаме јамболии, јоргани и волнени чорапи? Владата мисли на народот, мисли нон-стоп. И кога спие, го сонува народот и живее за да му помогне. Па во тие соништа се појавуваат октоподи, па некакви морски плодови… Не би ме чудело да им препорачаат на земјоделците да посадат морски плодови за да им тргне бизнисот, бидејќи нашата Влада ги гоштева странските делегации строго со морско, а на саеми се фали дека сме пораснале на ајвар и сирење. Ние ќе јадеме еднаш во денот и ќе плаќаме 200 денари за леб и за млеко, а нашите првенци во Влада ќе ручаат бифтек за 180 денари. Ние ќе се молиме на Бога зимава да не е студена, а тие ќе нарачуваат вечери од 9.000 евра на состаноци со Бугарите. Па, треба да си генијалец за така да си го организираш животот. Да ја лечиш трајната неспособност за служење на народот со октоподи и школки. А народот ако нема за леб, нека го фати октоподот за подолгото – вели Илиевски.

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски го оценува потегот на Владата како „поголема срамота од најголемата срамота“.

– Не постои поголемо лицемерие. Тие продолжуваат да бидат недопирливи. Функционерите пропагираат едно за доброто на народот, а всушност самите тие го прават спротивното. Наместо да бидат добар пример за добро однесување и за домаќинство, тие се живи примери за тоа како раскалашено се злоупотребуваат позицијата и функцијата – истакна Кекеновски.

Мислење побаравме и од фронтменот на музичката група „Меморија“ и поранешен кандидат за градоначалник на Град Скопје, Петар Георгиевски-Камиказа, а тој само кратко одговори со „no pasaran“, познатата парола која е често користена во Шпанската граѓанска војна, а која во буквален превод значи: „нема да помине“.

Петар Камиказа: Од една страна нѐ советуваат како да штедиме електрична енергија, а од друга страна ќе лапаат морска храна.

– Што друго да кажам освен „no pasaran“? Набавката на морски плодови за 20.500 евра среде економска и енергетска криза е класична идиотштина. Од една страна нѐ советуваат како да штедиме електрична енергија, а од друга страна ќе лапаат морска храна. No pasaran! – изјави Георгиевски.

Инаку, набавката на риба и на морски плодови не е единствениот луксуз во којшто уживаат владините функциониери, бидејќи Владата неодамна потроши и 37.000 евра за набавка на лажици, виљушки и луксузни чинии.

Интересно е тоа што Владата уште во март годинава на владина седница донесе одлука дека е време да се стегне ременот и дека ги активира мерките за штедење со тоа што нема да набавува нов мобел и нови возила, а и дека се редуцираат службените патувања во странство.

Владата тогаш ги задолжи сите буџетски корисници и правни лица основани од државата, за 50% да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користењето на службените возила.

ВЛАДАТА СЕ ЛУКСУЗИРА СО МОРСКИ ПЛОДОВИ? 20.500 евра за фирмата која ќе ја снабди храната

 

Поврзани содржини