Ни заштедува ли гориво системот „Безбеден град“ – во вистинско време?
Возењето со помала брзина, оптимален број на вртежи на моторот, избегнување нагло сопирање и стартирање на автомобилот, негово редовно сервисорање, оптимален притисок на пневматиците, дури и во зависност од надворешната температура и сл., ни заштедува гориво.
Секој совесен и одговорен возач, покрај грижата за сопствената безбедност, безбедноста на своите сопатници и другите учесници во сообраќајот, се труди при возењето да ја зголеми и ефикасноста во потрошувачката на гориво.
Така, знаеме дека возењето со помала брзина, оптимален број на вртежи на моторот, избегнување нагло сопирање и стартирање на автомобилот, негово редовно сервисорање, оптимален притисок на пневматиците, дури и во зависност од надворешната температура и сл., ни заштедува гориво.
Очекувам деновиве некој надлежен орган, вклучително и здруженијата на возачи, да нè потсетат на можностите за штедење гориво при управувањето со возилата, во услови на високите и растечки цени на горивата.
Подолго време размислував јавно да споделам една хипотеза (претпоставка која треба дополнително да се истражи и да се докаже), дека системот „Безбеден град“ (Safe city), покрај зголемената безбедност на улиците и патиштата (и, нека ми простат некои, финансиска корист за државниот буџет од наплатените санкции за прекршоци во сообраќајот), во вистинско време, токму пред налетот на нафтениот шок, сосема неочекувано, можеби ни носи заштеди од намалената потрошувачка на гориво, како за семејните буџети, така и за трговското салдо на земјата.
Велам можеби затоа што системот „Безбеден град“, функционира само еден цел месец, февруари, но веројатно позитивни ефекти во заштеди на гориво, иако во помал обем, можеби се остварени и во претходните два “подготвителни” месеци, декември во минатата и јануари во оваа година.
Серијата податоци за вкупна потрошувачка на нафтени деривати во замјава во тековниов месец (март) ќе претрпи влијание од значително зголемените малопродажни цени на горивата заради растот на цените на нафтата на светските берзи со почетокот на војната меѓу САД/Израел и Иран, со последици и врз другите земји од Заливот.
За очекување е дека високите цени барем донекаде ќе влијаат да се намали потрошувачката на нафтени деривати.
Првичен поглед на податоците за увоз на нафтени деривати во првите два месеци од годинава не нуди можност за сигурен заклучок дека се остварени заштеди како резултат на повнимателното управување со возилата по воведување на системот „Безбеден град“.
Но, од она што го слушам од луѓето околу мене, сепак се чувствува ефектот од смалена потрошувачка на гориво како резултат на поревносното почитување на сообраќајните прописи.
Ќе се обидеме со користење на филтри во статистичката анализа да ја тестираме мојата препоставка за дополнителната, непредвидена и правовремена корист со заштеда на гориво од системот „Безбеден град“.
Но, до тогаш ќе бидам благодарен на секој што ќе го прочита овој текст и доколу во коментарите го сподели сопственото искуство.