НИ ВОЛШЕБНО СТАПЧЕ НЕ НИ ПОМАГА Јаневска открива дека проблемот со учебниците е колку широк толку длабок

Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден во печат, некои не се одобрени, а некои се без рецензија или не се ни напишани. Волшебно стапче да имаме нема да стигнеме до септември – рече министерката Јаневска.

779

Иако беше соопштено дека учениците од седмо одделение годинава до септември ќе добијат нови учебници, сепак тоа нема да се случи, соопшти новата министерка за образование Весна Јаневска.

– Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден во печат, некои не се одобрени, а некои се без рецензија или не се ни напишани. Волшебно стапче да имаме нема да стигнеме до септември – рече министерката Јаневска пред почетокот на годишниот настан „Разговори за еднаквост“ на Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација.






Таа додаде дека децата и од септември ќе учат од ланските учебници, но дека Министерството мора да провери дали одговараат на програмата, и дали се компатибилни на концепцијата.

– Ќе ја одложиме концепцијата за седмо, осмо и за деветто. Ако некоја тема не е соодветна во учебниците, наставниците ќе треба да им посочат друга литература и да им ја предадат темата – рече Јаневска.

Таа најави дека недела-две ќе соопштат какво решение ќе се избере. Јаневска смета дека во Македонија ниту учениците, ниту наставниците не се спремни да не учат од учебници, а искуството покажало дека и во земјите, како Шведска, по воведување на дигитизацијата повторно се враќаат на учебниците.

Јаневска најави дополнување и измени на начинот на кој се спроведува образованието за децата со посебни образовни потреби и поголем број образовни асистенти.

– Има проблеми, бидејќи состојбата на буџетот не е добра, но ние ќе сториме максимум за да можат тие деца со посебни образовни потреби да се стекнат со соодветно образование – рече Јаневска.

 

Поврзани содржини