Ни во Софија нема таков антимакедонизам каков што проповеда Бранко Тричковски, Каракачанов може вода да му носи!

Јавни личности во Бугарија бараат Македонија и Македонците да се откажат од својата интерпретација на историјата и да ги признаат своите „бугарски корени“. Тричко оди чекор понатаму – тој бара да признаеме дека Македонија е „југословенска цепаница“, бара децата воопшто да не учат национална историја, бара од јавниот говор да се исфрлат зборови и фрази кои нѐ поврзуваат со македонскиот идентитет. Ваков брутален антимакедонизам нема никаде, ни во Софија!

12,965

Со нему својствените анални метафори, вулгарности, навреди и со нескротената пизма, очигледно изнервиран од мојата последна колумна во која посочувам на неговиот најнов изблик на антимакедонизам, на тој инфантилен обид од нашиот јавен дискурс да се отстранат сите атрибути на македонизмот и во таа насока да започне и процес на некаква „рехабилитација“ на нашето новинарство, Бранко Тричковски, во колумна на порталот Фронтлајн, се потрудил уште еднаш да ме дисквалификува и да ме „умре“, но овој пат и да ја објасни својата очајна „филозофска“ поза, со некакви ѓоа аргументи, со кои се обидува да го прикрие својот веќе познат говор на омраза насочен кон сопствената нација.

Најновата трич-пич теза, која треба да послужи за покривање на политичките последици што ги предизвикува тој брутален антимакедонизам, е дека Тричко всушност не бил антимакедонист, туку нему му пречел „тој македонизам“ кој да ти бил „најголем непријател на македонството како идеја и како национална и државна реализација“. Хахахахаха! Каква лигавост, какво посипување со пепел! Но, малку подоцна ќе ви покажам колку најголемиот апологет на актуелната власт навистина е загрижен за „македонството како идеја и национална и државна реализација“. Сега ве упатувам на фактот дека во своја одбрана, Тричко наведува дека е против „примитивниот македонизам“, против „вулгарниот македонизам“, кој, освен на мене, им го припишува и на партијата ВМРО-ДПМНЕ, на нејзиниот лидер и на нивните избирачи, но и на една голема група македонски интелектуалци кои се осмелуваат јавно да ги отфрла негирањата на македонската национална самобитност.






Пред сите нас заедно да нѐ испратат на превоспитување во Заводот за рехабилитација на новинари, колумнисти, интелектуалци и граѓани приврзани кон „примитивниот македонизам“ – Тричко предлага да се формира комисија за таа работа, но јас очекувам неговата идеја да биде ентузијастички прифатена и реализирана во форма на една посериозна државна институција – ќе ја искористам можноста да објаснам зошто антимакедонизмот на овој позер е многу пострашен од оној што може да се слушне и да се прочита во софиските кругови и зошто дури и еден Каракачанов на Тричковски може вода да му носи.

Проблемот на Тричковото разбирање на „македонството“ е во тоа што додека Софија од нас бара да се откажеме од етногенезата на македонската нација и да го прифатиме толкувањето дека Македонија, Македонците и македонскиот јазик никнале на дрво во една куса и поволна вегетативна сезона меѓу 1944 и 1945 година (што ќе им овозможи на бугарските политици да ја признаат денешната реалност, дека од Македонци сега допрва не бива Бугари), нашиот принц на пизмата, освен што се согласува да ги исечеме сопствените корени и да ја дисквалификуваме сопствената историја (да ја отфрлиме со потсмев и со пизма), заговара да се откажеме и од сите атрибути кои ја означуваат македонската нација во јавниот говор. Објективно, тоа од нас не го бараат ни Борисов, Радев, Захариева и Каракачанов. Ги следам, колку што можам, написите во некои бугарски медиуми на оваа тема и до сега не сум сретнал бугарски автор да заговара вакви будалштини.

Но, да не биде овде дека измислувам нешто и дека јас, како и вие, не го разбираме начинот на кој своите тези ги „контекстуализира“ нашиот прославен „филозоф“, еве, да изложам дел од аргументите, после што, се надевам, нештата ќе станат појасни:

Тричко супериорниот: „Не гледам зошто луѓето се тепаат да бидат Македонци – јас имам три милиони причини повеќе да не бидам“

1. Tричковски не се откажува од идејата да се состави листа на изрази кои ќе бидат забранети за јавна употреба (погрдни и политички некоретни изрази), во кои тој предлага да се најдат и следните: „Идентитет, национални интереси, национална историја, културно наследство, македонска академија (за што било), македонско радио, македонска телевизија, македонска наука, македонски спорт, македонска репрезентација, автентична македонска историја, мојот народ, партијата секогаш ќе биде со својот народ, вмро, вмро-дпмне, умирање за татковината, татковината“. Во образложението на својот предлог, тој вели дека тоа се „манипулативни изрази без реална содржина, односно како комбинација ги компромитираат нормалните човечки активности и научните и техничко-технолошки дострели на хомо сапиенсот“.

Може ли некој трезен и нормален да ни објасни кој контекст го објаснува и го оправдува тврдењето на овој позер дека и самата употреба на фразата македонска наука, на пример, или македонски спорт, да речеме, ги компромитира нормалните човечки активности? Може ли некој да ни докаже дека не е брутален антимакедонизам тоа кога некој тврди дека употребата на фразата „мојот народ“ и на зборот „татковина“, кога станува збор за македонскиот народ и за Македонија како татковина, се „манипулативни изрази без реална содржина“?

Ве молам, може ли некој што не е отруен од тешка антимакедонистичка пизма да ни каже кој бугарски политичар или друга јавна личност бара денес од јавниот говор во Македонија да се отстранат сите овие изрази кои упатуваат на постоењето на македонската нација во реалноста, на нејзината историја, на нејзиното културно наследство? Да, има во Софија едно за нас неприфатливо разбирање на нашата историја и на нашето културно наследство, но никој таму не вели дека не смееме јавно да говориме за историја, за наследство, за идентитет. Дали сега ви е јасно дека „македонството“ Тричково, всушност, не значи ништо друго освен бришење на Македонија и на Македонците како со гумичка?

2. Во својата колумна на порталот Фронтлајн под наслов „За децата што ќе плукаат крв“, Тричковски се залага за решавање на проблемот со Бугарија „не врз основа на усраноста за македонскиот јазик и идентитет, туку врз основа на супериорниот став дека тие работи се недопирливи за какви било анекси“. Не знам кого и зошто македонскиот јазик и македонскиот идентитет го прават да се чувствува „усран“, но еве, погледнете, на пример, како Тричко ја артикулира сопствената „супериорност“ во таа смисла. Цитирам една малку постара колумна на „филозофот“: „Од друга страна, не гледам зошто луѓето се тепаат да бидат Македонци. Јас имам три милиони причини повеќе да не бидам отколку да бидам ваков, испохован во канцерогениот зејтин на вмро, всушност, нема полоша припадност, културниот момент ме шутира некаде далеку, но некоја инерција, физика клима и староста, ме држат тука. Што е во мене македонско освен ропството“.

Да, тоа е таа „супериорност“ Тричкова, тоа е неговото „македонство“, драги мои. Инерција, физика, ропство. Баш супериорно, нели?

Тричко историчарот: „Бугарија и КПЈ на Тито беа секирата која од Македонија направија југословенска цепаница – посебна нација и држава“

3. Доследно на својот базичен дискурс – негација и пизма кон сѐ што е македонско – ведетата на провладината пропаганда пишува и за македонското културно наследство. Не пишува, всушност, ами вреска: „Ми се крева утробата и говната почнуваат да ми излегуваат од устата, кога ќе го чујам зборот културно наследство во македонскиот контекст. Нема наследство. Сам што ќе создадеш тоа ќе ти биде“. И затоа тој лежерно се потсмева дека Ангелот од Курбиново, на пример, е обичен „молерај“ и им се потсмева на луѓето кои ремек делата на нашата уметност ги споредуваат со оние на Леонардо. Можеби ќе бидам здодевен, но пак барам одговор од трезните и разумните луѓе – кој контекст, која поза оправдува ваква бласфемија?

4. Инаку, воопшто не се разликува Тричковото разбирање на македонската историја од она на радикалните софиски историчари и политици. Во еден пост, „Тричко национале“ пишува: „Втората светска војна како контекст и конкретни решенија што ги презедоа Бугарија како држава и Југословенската комунистичка партија на другарот Тито, на спротивната страна на глобалниот судир, ја одигра улогата на секира која од Македонија направи југословенска цепаница. Посебна држава и нација“.

Дали ви е јасно сега како првата фиданка на владината пропаганда ги разбира создавањето на македонската држава и нејзината посебност? Да ви го разложам она што Тричко инаку сосема јасно и прецизно го кажува: Македонија е „југословенска цепаница“, држава и нација создадена на тој начин што „Бугарија како држава“ и КПЈ на Тито како со секира ја отцепиле од Југославија. Значи, според овој „супериорниов“, Македонија и македонската нација се вештачка творба, Титова измислица, она што постојано се труби во Софија. „Можело да биде и поинаку, се разбира, но не било“, додава Тричко, објаснувајќи го отцепувањето на „југословенската цепаница Македонија“ како подвиг на Бугарија и на Титовата КПЈ „наспроти глобалниот судир“. Баш штета за овој што ломоти за „македонството“, да било поинаку не ќе морал сега да се мачи да негира сѐ што произлегло од тој подвиг, сѐ што подоцна се родило на таа „цепаница“.

Ете, така Тричковото „македонство“ доживеало „национална и државна реализација“. Нашиот македонизам е „примитивен“, како што вели, а неговото „македонство“ е модерно и супериорно! Ви се верува?

Тричко учителот: „Нема национална историја, каков Гоце, каков Јане, Даме и Гули, какви бакрачи, фрли им го тоа ѓубре на Бугарите!“

Така апологетот на власта ја разбира нашата историја. Каракачанов и Захариева се поразумни од него. Тие барем оставаат простор за некаква, минимална расправа за етногенезата на македонската нација, без оглед што таа расправа, според нив, мора да заврши со признанието дека нашите корени се бугарски. Овој нашиов, „супериорниов“, не остава простор ни за таква дебата. Во еден пост, тој пишува: „Сите македонски историчари кои не се спремни да кажат дека вмро е бугарска организација во сите свои афилијации, ќе ги сметам за шарлатани. Всушност, веќе ги сметам. Доста беше. Крај!“

Е, дами и господо македонски историчари и сите вие кои сметате дека Македонија и раѓањето на нашата нација имаат некаква врска со Гоце Делчев, со Питу, со Јане, со револуционерите и со преродбениците кои говореле, пишувале, се бореле и гинеле за Македонија, за Бранко Тричковски сите вие сте шарлатани! Можеби не сте, но не сте ни достојни дури и на она рудиментирано „македонство“ што „филозофот“ ви го дозволува, бидејќи молчите и не се осмелувате и него да го одбраните, да му се спротивставите на ова хаотично и психотично негирање на македонската самобитност и на разбирањето на Македонија како комунистички цепаница-проект.

За да го сфатите вашиот грев кон Македонија и кон идните поколенија, шарлатани мои (како што ве нарекува Тричко, не јас), еве прочитајте како „филозофот“ го најави бришењето на предметот Историјата од македонските учебници: „Нема историја, бе, другари, колку пати треба да ви се каже, нема ништо историско што на децата ќе им се ускрати ако се избрише усраниот предмет. Само ќе се облагородат. Имаме една претстава што нотарите на националните просерувања што многу погрешно ги викаме историчари, ја имаат запишано на ретривизорите на нашите раздрндани автомобили со кои патуваме во светлата иднина и толку. За тоа ли ќе ги осиромашиме децата. Па, ако е за тоа и треба да ги поштедиме. Никаква национална историја. Никаква. Само светски процеси и феномени: Чајна, Египет, Рим, Хелада, Шпанија, Британија, Германија, Франција, Инките Маите Ацтеките, Абориџините, да ти е мерак да учиш, каков Гоце, каков Јане, Даме и Гули, какви бакрачи, фрли им го тоа ѓубре на Бугарите, ако се луди да го сакаат, ај не ме заебавајте, доста со полнење на празното со ништо“.

Да ги повторам неговите вџашувачки зборови: „Нема национална историја. Каков Гоце, каков Јане, Даме и Гули, какви бакрачи, фрли им го тоа ѓубре на Бугарите!“ Да да, ова се зборови на Бранко Тричковски, колумнистот на Фронтлајн, човекот кој пишува пофални слова за СДСМ и за Зоран Заев, човекот чиј брутален антимакедонизам не може да не го препознаете (освен ако сте слепи и глуви), човек кој тврди дека и самото јавно спомнување на придавката „македонски“ ги компромитира „научните и техничко-технолошките дострели на хомо сапиеност“. Што ќе рече, ако си Македонец, не си бре човек!

Затоа, драги мои, без оглед колку гадости Бранко Тричковски досега истури од својата клоака за мене, без оглед колку ќе ме навредува во иднина и колку медиумски простор за тоа ќе му биде даден заради „каузата“, јас нема да отстапам од намерата јавно да ги разобличувам неговите антимакедонистички изливи. „Филозофската“ и „писателската“ димензија на неговиот безумен потфат е небитна, битен е фактот дека елементи на тој брутален антимакедонизам веќе можеа да се препознаат и во некои јавно искажани ставови на македонскиот тим што преговара со бугарскиот, но и во некои најавени политики во сферата на образованието, веројатно како начин на доближување на позициите меѓу Скопје и Софија. А со тоа веќе не можеме да си играме дрндупка, без оглед што некој недоветен нашиот македонизам ќе го нарече „примитивен“ или не знам каков.

ПС. Без зла намера, колегијално, јавно му обрнувам внимание на Џабир Дерала, уредникот на порталот Фронтлајн, дека последните две колумни на Бранко Тричковски посветени на мене (иако ме нарекува Кикифрики, линкот до мојата колумна е доказ за тоа со кого полемизира авторот) содржат брутални навреди и жесток говор на омразаж. Немам намера овие тешки фаули да ги пријавувам во Советот на етика во медиумите и во Здружението на новинарите во Македонија, за да не им создавам непријатности на колегите. Сакам само на уредникот Дерала јавно да му кажам дека објавувањето на вакви гадости во медиум што претендира да биде сериозен, одговорен и етичен, е под нивото на пристојноста. Јасно ми е дека во случајот на Тричковски рацете на уредникот се врзани, но би побарал кусо објаснување од Дерала дали ваквиот начин на комуникација со читателите, што го наметнува Тричковски, е составен дел на уредувачката политика на порталот Фронтлајн.

 

Поврзани содржини