НИ УКРАИНЦИТЕ, НИ РУСИТЕ, ВСУШНОСТ, НЕ САКААТ ВОЈНА Еве ги чувствата и приказните на обичните луѓе
Животот продолжува и ние треба да го живееме, со овие мали задоволства, а војната е некаде таму, во потсвеста , вели 25-годишната Евхенија која сега живее во мала населба за раселени семејства надвор од Киев.
Никој реално не размислува за војна меѓу обичните луѓе кои живеат во Русија и во Украина и за разлика од политичарите и медиумите кои само што не ја запалија „Третата светска војна“, Киев, а и соседна Москва мирно се подготвуваат за Новогодишната ноќ и православниот Божиќ. Како се чувствуваат братските народи во однос на евентуална ескалација во Донбас, Доњецк и Луганск?
Кога ќе им спомнете војна на повеќето Украинци кои брзаат по новогодишните пазари и купуваат храна тие велат „сме го слушнале тоа и порано“, пишува Гардијан кој успеал да интервјуира некои од луѓето. Слично на своите соседи, повеќето млади Руси сметаат дека војната меѓу двете земји е само на телевизија и не би учествувале во неа, ако Путин реши принудно да ги мобилизира во армијата.
Дека не сакаат проблеми, тоа е единственото нешто за кое веројатно би се согласиле еден Украинец и Русин во оваа предвоена ковид-зима. По останатите прашања, веројатно е вообичаеното: скоро секој Украинец ќе го посочи прстот на Москва за виновникот, а само 4 отсто од Русите ќе признаат дека со својата агресија го подгреале она што денес се случува, пишува МоскваТајмс.
Војна? Тоа досега сто пати сме го слушнале
Прво, се селиме во Киев. Таму Градот поставува новогодишни елки наместо известувања за засолништа за бомби и организира концерти, наместо соби за регрутирање војска. Украинците, кои штотуку излегоа од ковид-карантин уживаат во лизгалиштата и пазарите поставени за празничната сезона. Прашани за можната војна мавтаат со раката:
– Сме го слушнале тоа многупати досега во последните неколку години. И обично тоа е само возбуда – вели Олја Симбирова.
Олја работи во фризерски салон во центарот на главниот град.
– Ќе ја поминам Новата година со семејството и пријателите дома, иако сум сигурна дека ќе има многу забави во Киев. Во мојот круг на пријатели никој не зборува за војна – додава таа.
Нема зошто да ги пакуваме куферите, животот продолжува
Во меѓувреме Путин распоредува 175.000 војници од руската страна на границата. Киев е на над 700 километри од линијата на фронтот, па некои се надеваат дека ако има окупација, поверојатно е Путин да „удри“ на источните и јужните области поблиску до линијата на фронтот. Киев во тој случај ќе се справува оддалеку со набавки за војската и со напливот на дезинформации.
Сепак, неодамна, една странска фирма во Киев им дала упатства на вработените како да спакуваат куфер во вонредна состојба.
– Уште не сум спакувала куфер. Бидејќи ниту тогаш не спакував ниту еден – вели семотководителката Евхенија Бурдијан(49) и признава дека нема да ги послуша тие совети.
Пред седум години, не можејќи да поверува во војна која веќе беснееше, таа беше последната на нејзината улица што ги залепи прозорците против гранатирање со лента. Таа го напушти градот во јули 2014 година со последниот воз пред да се уништи железничката пруга. Тогаш Путин влезе во Крим.
– Животот продолжува и ние треба да го живееме, со овие мали задоволства, а војната е некаде таму, во потсвеста – додава Евхенија која сега живее во мала населба за раселени семејства надвор од Киев.
Како Русите се чувствуваат за војната со Украина?
Војната е, секако, работа на младите и на регрутите. Но, 66 отсто од Русите на возраст меѓу 18 и 24 години имаат позитивен или многу позитивен став кон Украина и не се баш расположени да бидат мобилизирани. И таа бројка опстојува и покрај тоа што сите руски телевизии постојано повторуваат како Русија мора да се одбрани од нападите на Западот.
МоскваТајмс уште во 2015 година истражувал „Дали Русите сакаат војна“. Тоа е само една година по победничкото отцепување на побунетите региони и присвојувањето на Крим. Резултатот покажал дека Русите прават разлика меѓу Крим и оние крвави протести во Донбас, а нивниот став е приближно ваков: „Русија нема никаква врска со тоа, виновни се САД и Украина. За сите загуби на животи, и во секој случај нема вистинска војна во тек“.
Денес, по 6 години анкетите покажуваат слична скепса кон Западот. Дури половина од испитаниците ги обвинуваат САД и НАТО за влошувањето на ситуацијата во Украина, а само 16 отсто ја обвинуваат самата Украина. Само 4 отсто од Русите сметаат дека Русија била одговорна за ескалацијата на тензиите.

Немиот гневот на Русинот кон режимот на Путин
Просечниот Русин не е воинствен, тој сака да пишува онлајн или да гледа тв-прилози за руската армија, но не и да биде регрутиран. Се разбира, ако избие војна, државната пропаганда ќе ги убеди повеќето Руси дека тоа е неопходно, и дека „ние, всушност, ги „ослободуваме“ нашите украински браќа од туѓа влада. Сето ова може се случи и покрај фактот што во 2021 година, 23 отсто од Русите веруваа дека Русија и Украина треба да бидат пријателски соседи, но сепак имаат свои граници, а само 17 отсто од испитаниците би поддржале обединување на двете држави.
Просечниот Русин е уморен од самоизмама и да се убедува себеси дека ако навистина се случи војна, таа нема да влијае на неговиот или животот на членовите на неговото семејство. Своето незадоволство Русинот неодамна го искажа на парламентарните избори во 2021 година, кога луѓето гласаа за Комунистичката партија како апстрактна алтернатива на власта на Путин.