НИ ТРЕБА ПРАВДА, А НЕ НОВО КРИВИЧНО ДЕЛО Ќе се замислат ли судиите по реакциите на јавноста за благите казни?
Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска смета дека судиите охрабруваат сообраќајна деликвенција со носење пресуди со условни осуди за овој тип кривични дела без длабока анализа и проценка на секоја една околност важна при одлучувањето.
Не ни е потребно ново кривично дело, потребна ни е правда! Вака накусо реагира адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска откако во јавноста деновиве повторна станаа актуелни казните за предизвикување сообраќајки со смртни последици, што го испровоцира и министерот за правда Бојан Маричиќ да предложи воведување ново кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ според кое би се пропишала затворска казна и до 3 години, а доколку има смртни последици казната најмалку 4 години затвор.
Граѓаните бурно реагираа преку социјалните мрежи и бараат правда за Иван и Милан, откако охридскиот основен суд со условна казна и глоба од 3.000 евра му пресуди на возачот кој ја предизвика сообраќајната несреќа лани во Охрид, во која загинаа две момчиња од Битола и три девојки беа повредени.
Реакциите се однесуваат на тоа дека возачот во кобниот миг возел со брзина од 106,6 километри на час на место каде е дозволена брзина од 60 километри на час, а судот му досудил блага казна. Не е прв пат во Македонија да се покренува ова прашање со осуда на благите казни, но за жал, тоа се случува дури по сторени тешки кривични дела во делот на безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Стојан Рашков на групата на Фејсбук која бара правда за загинатите битолчани и тешко повредените во сообраќајката го сподели својот револт поради условната казна за сторителот.
„Милан го запознав пред неколку години преку заедницата Ротаракт. Беше активен член на Ротаракт клуб Скопје, позитивен, насмеан и добар лик. Минатото лето во Охрид заедно со другар му Иван и 3 девојки налетуваат на будали кои се тркале и едната кола удира во нив. Иван го изгуби животот на лице место, а Мичо подлегна на повредите еден месец подоцна. Вчера бев гневен и бесен кога го прочитав статусот дека нивниот убиец е казнет условно со 4 години и 3.000 евра казна, го видов повторно лицето на ова корумпирано и гнасно судство. Ова е крик за правда, доста беше!“, напиша Рашков.
Адвокатката Јошевска Анастасовска смета дека судиите охрабруваат сообраќајна деликвенција со носење пресуди со условни осуди за овој тип кривични дела без длабока анализа и проценка на секоја една околност важна при одлучувањето. Според Јошевска, воопшто не ни е потребно ново кривично дело, како што предложи министерот за правда Маричиќ.
– Воопшто не ни е потребно ново кривично дело со, ќе си дозволам да кажам, комичен наслов. Имаме сѐ што ни треба во Кривичниот законик. Потребна ни е правда – вели адвокатката.
Taa прави споредба на црните статистики во Македонија со тие во Норвешка и во Финска.
– Минатата година прочитав дека во Осло и во Хелсинки бројот на смртни случаи од сообраќајни незгоди бил нула. Тие гордо објавија дека реформите имале резултат и успеале да го намалат бројот од претходната година кој бил 5. Според податоците на нашиот Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во последните 5 години на македонските патишта животот го загубиле 854 лица во сообраќајни несреќи. Немам податоци само за Скопје. Лани животот го загубиле 125 лица, меѓу кои и младите битолчани – вели Јошевска.
Плусинфо побара реакција и од Судскиот совет, кој вели дека Врховниот суд треба да ја преиспита казнената политика за ваков вид кривични дела.
– Судскиот совет со внимание го следи судскиот процес во Охрид со условната затворска казна, како и други процеси во кои се изрекуваат санкции за сторени дела во сообраќајот. Со оглед на зголемениот број претставки од граѓани кои се однесуваат токму на висината на изречените казни од страна на судовите, Судскиот совет го има известено Врховниот суд да направи воедначување на казнената политика. Во тој допис се наведува дека тргнувајќи од стратешката цел на Судскиот совет за враќање на довербата на граѓаните во судовите и зачестените реакции по однос на изречените санкции за кривични дела од областа на сообраќајот, Советот препорачува Врховниот суд, како највисок суд, кој според Уставот обезбедува единство во примената на законите и вооедначување на судската практика, да ја преиспита казнената политика за ваков вид кривични дела – велат од Судскиот совет.
Неказнивоста во Стратегијата за национална борба против корупција е еден од клучните ризик фактори за корупција во правосудството. Оттаму и Антикорупциската комисија вчера реагираше против благите казни за тешки кривични дела. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Билјана Ивановска побара од Советот на јавни обвинители и од Судскиот совет сериозно да се позанимаваат со постапувањето на обвинителите и судиите, особено со последниот случај за обвинетиот Зоран Милески Кичеец, кому му е изречена блага казна по спроведеното спогодување со обвинителот и тоа под законскиот минимум за тешко кривично дело со смртни последици.
Битката за правда што ја водат семејствата на жртвите оди по трновит пат, иако, како што велат и стручните лица има случаи во кои правните аргументи се на нивна страна, но времето што е потребно да се дојде до пресуда од страна на апелациските судови и евентуално исправање на неправдата, во болката за загубените животи е како голгота. Низ таква голгота помина и сопруга на загинат маж кај Млечниот ресторан во Скопје, но сепак на крајот Апелациониот суд Скопје ја преиначи казната за сообраќајната несреќа и одлучи возачот да биде казнет со 2 години казна затвор, како главна казна, наместо со претходната условна казна.
Во првостепената постапка обвинетиот возач беше огласен за виновен за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 в врска со став 1 од Кривичниот законик и му беше изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 5 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
На ваквата пресуда на првостепениот суд Обвинителството вложи жалба и предложи Апелациониот суд да изрече построг вид и висина на кривична санкција за обвинетото лице, односно казна затвор, како главна казна и забрана за управување со моторно возило од определен вид.
Потребни ли се, навистина, измени на Кривичниот законик или само праведно спроведување на законите?
Во однос на казнената политика за кривичните дела кои што се однесуваат на безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, за жал велат од Коалицијата „Сите за правично судење“, судовите по однос на ова прашање изрекуваат благи санкции. Оттаму, порачуваат дека судиите треба да ги образлагаат пресудите подетално за да нема нејаснотии во јавноста.
– Во однос на санкциите кои што се предвидени, сметаме дека Кривичниот законик предвидува соодветни санкции за овој вид на кривични дела, меѓутоа воочена е праксата на изрекување на санкциите каде што најчесто се изрекуваат условни осуди. Причината за ова се наоѓа во правната квалификација на делото, односно подведување на овој вид на дела под член 300 став 4 од КЗ како привилегиран облик на делото.
Со самото тоа што е вметнат елементот на небрежност, висината на казната за овој вид дела се намалува, а со аплицирање и на одредбите за ублажување на казна, истата се изрекува под предвидениот минимум – велат за Плусинфо од Коалиција „Сите за правично судење“.
Според нив, ублажувањето на казните е категорија која ја предвидува и самиот Кривичен законик, но неопходно е на истото да му претходи соодветна проверка и ценење на околностите без оглед дали се олеснителни или отежнувачки.
– На ова впрочем посочува и една од одлуките на Европскиот суд за човекови права- одлуката Смилјаниќ против Хрватска (Бр. 35983/14) во која Судот е на став дека државите во случаите кога одмеруваат казна затвор под законскиот минимум, имаат обврска внимателно да ги земат сите, а не само олеснителните околности, како и да постои задоволителна јавна дебата во поглед на постигнувањето на целта на казнувањето со изречената санкција – велат од Коалиијата која смета дека е неопходно е судот детално и сеопфатно да ги образлага пресудите за овој вид на кривични дела како пред јавноста би била аргументирана одлуката на судот.
Одмерувањето на казните за овој вид на кривични дела, како што велат, освен што треба да влијае репресивно врз сторителите на кривичното дело што е и целта на казнувањето, исто така треба да има и превентивна улога врз граѓаните како би се намалил степенот на сторување.
– Токму поради тоа, свесното прекршување на сообраќајните правила не треба да се смета за небрежност, бидејќи ваквите квалификции на делата од една страна ги охрабруваат сторителите свесно да ги прекршуваат сметајќи дека ќе поминат со полесна казна, а од друга страна создаваат револт кај пошироката јавност – порачуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“.