НИ ТРАГА НИ ГЛАС ОД ДИРЕКТОРОТ НА ГТЦ Како е можно да не знае што му се случувало под носот?
Ѓоко Трајчевски на функцијата директор на ГТЦ од страна на владата беше назначен во август 2017 година, каде што го замени Аго Абазовски, кој беше дел од партијата на Амди Бајрам.
Во врска случајот на злоупотреба на магацинскиот простор во ГТЦ, каде се копаат криптовалути, на директорот на Градскиот трговски центар во Скопје, Ѓоко Трајчевски, му поставивме неколку прашања.
Иако се обидовме телефонски да контактираме со него, не го добивме, па прашања му ги испративме по СМС порака и преку апликацијата Вајбер и му дадовме доволно време да одговори. Во нашата редакција сѐ уште не се стигнати одговорите. Испратените прашања ги објавуваме во целост и сметаме дека директорот Трајчевски има обврска на нив да одговори, со оглед на фактот дека раководи со акционерско друштво во државна сопственост.
Ова се нашите прашања до него:
„Во врска со случајот на злоупотреба на магацински простор на ГТЦ за активности за копање на криптовалути од страна на син на поранешен пратеник, ве молиме да ни одговорите на следните прашања:
1. Дали магацинскиот простор во кој се вршени овие активности, а кој според наши информации е на површина од 72 метри квадратни, е во приватна сопственост и ако е, кој е сопственик и од кога?
2. Дали магацинскиот простор, за кој имаме информација дека е во сопственост на ГТЦ, е издаден под закуп на приватно лице или на фирма? Ако е тоа сторено, ве молиме да ни презентирате договор за закуп и докази за извршени уплати на закупнина од страна на закупецот,
3. Од ЕВН сме информирани дека за целокупната потрошена електрична енергија на ГТЦ, компанијата фактурира директно на ГТЦ, а не на сопствениците на дуќаните и на другите закупци на деловен и магацински простор. Во магацинските простори на ГТЦ не постојат приватни броила за електрична енергија, а според нашите информации ни посебни броила под контрола на ГТЦ. Ве молиме да ни презентирате докази колку електрична енергија е плаќана за наведениот магацински простор и кој ја плаќал?“
Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, во текот на вчерашниот ден во изјава за ТВ21 рече дека од медиумите дознал за случајот со нелегалното копање криптовалути, што беше откриен во магацински простор во сутеренот на ГТЦ.
– Најодговорно тврдам дека не може да се контролира ситуацијата, бидејќи се работи за 500 до 600 дуќани, магацински и деловен простор и друг вид на простории – изјави Трајчевски за случајот.
Инаку, Ѓоко Трајчевски на функцијата директор на ГТЦ од страна на владата беше назначен во август 2017 година, каде што го замени Аго Абазовски, кој беше дел од партијата на Амди Бајрам.
Скопјанецот Ѓоко Трајчевски е дипломиран инженер и пред да стане директор, своето работно искуство го поминал токму во ГТЦ, каде 18 години бил раководител на оделот за одржување.