Ни објаснија ли Ковачев и Јотова колку се два и два?

Таканаречениот вицепремиер ни е убеден „дека по усвојувањето на уставните амандмани Бугарија ќе го изгуби кредибилитетот да блокира“, независно што вели математиката. Оној Османи, кој онака „кредибилно“ ја туркаше приказната за непостоечките протоколи, упорно сонува дека „Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена“, наводно заборавајќи дека протоколите се дел од рамката.

1,038

Секоја глупост се плаќа, на еден или на друг начин. Ние, за жал, особено последниве петнаесетина години, скапо ги плаќаме глупостите на неписмените македонски власти. Особено последниве пет „незаборавни“ години безмалу секојдневно сме бомбардирани од неверојатните будалаштини со несогледиви последици на оваа „прогресивна“ власт.

Последнава, оваа со „Резолуцијата на Бундестагот“, ќе се влече како налудничава опашка уште многу години и ќе им пружа делотворен материјал за дополнително наше исмејување на сите закостени умови, особено зад источната граница. Но, по наша вина, се разбира. И тие тоа веднаш го користат, нарекувајќи нѐ „чудниот феномен“ што се моли кај друга држава со одлука во парламентот да признае дека постојат македонскиот јазик, култура и идентитет, вели Ковачев. И продолжува: „Не сум слушнал за друг сличен феномен на нашата планета, една држава да биде толку несигурна во својот идентитет, јазик и култура што мора да моли друга земја со политичка одлука на законодавно тело да ѝ ги признае јазикот, културата и идентитетот“. На ваквите „одгласи“ некој требал малку порано да мисли.






А тоа, индиректно, ни го кажуваат и пријатели на оваа земја, меѓу нив и британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон, кој само пред неколку дена порача дека „Не треба да дебатираме дали постои македонскиот јазик. Го зборуваме, го предаваат на нашите универзитети, се пишуваат деловни договори на македонски јазик“… Но нашиве шушумиги се поумни, нели?! Затоа, претпоставувам, се восхитуваат и на онаа полутешка европска полит-артилерија составена од поединци од форматот на г-ѓа Пирц (која беше дури и симпатична кога стана претседателка!), оној Сарацин, Питер Бурк… и други, а претходно уште цел еден одред „политрекетари“, и нивните убедувања да прифатиме и самоубиство ако е потребно.

Но, интересно, никој од нив не се прашува дали Скопје е вистинската дестинација за нивниот слаткоречив монолог или тоа е само и единствено Софија како вистинскиот извор на сите досегашни апсурди? Зашто (не само) последниот истап на „госпожа“ Јотова, потпретседателка на Бугарија и директен јуришник во нерамноправните бугарско-македонски (не)пријателски „преговори“ изминативе неколку години, сосема точно – конечно! – ги лоцира идните случувања на прашливиот селски македонски пат кон ЕУ.

Таа, имено, без да трепне и наспроти сите ЕУ официозуси и потенцијални „стратешки“ разочарувања, ни ја повтори основната математичка логика: дека два и два се секогаш – четири! Или, преведено на чист бугарски „математичко-дипломатски“ јазик: дека од потпишаното не се бега. А ние – односно слепциве во наше име – с(м)е потписници на двата протоколи што ги посочува Јотова. Оние истите коишто онака срамно „нашиве“ ги криеа, истите што потоа беа вклучени и во фамозната „француска рамка“ како современ придонес на Франција за врамување на слики на безлични народи (што „нашиве“ повторно најпростачки го негираа!) итн. А протоколите го предвидуваат тоа што „госпожата“ (повторно) ни го влепува како сочен шамар: „Потпретседателката Јотова повика да не заборавиме дека освен Уставот на РСМ треба да има промени според потпишаните заеднички протоколи, во кои се зборува за промена во учебниците, оценката на историските настани и личности и отворање на досиета, а ништо од тоа не е направено“, вели БНТ.

Следствено, тоа се чекорите – или малку поголемата „слика“, за жал – што ја чекаат Македонија по внесувањето на Бугарите во Уставот (како прв но не и единствен услов). И тој трасиран „пат“ им е кристално јасен на сите: на ЕУ, на САД, на Франција и нивната измислена рамка, на Германија…, освен на македонската Влада. Но и ова всушност не е точно бидејќи оваа власт, не само што се покажа како најнеспособна, најпростачка, најнеука, најкоруптивна и најкриминална власт во македонската историја, туку дефинитивно е и – најлажлива. Толку лажење немало ни во времето на оној еротомански „поет“ кого будали го направија премиер, но и во сите претходни влади заедно. Безмалу секој збор, секоја одлука кај овие е чиста, бесрамна, ординерна – лага! Впрочем, повторно: прво ја убедуваа јавноста дека нема протокли, потоа дека не се потпишани, па дека тие не се составен дел од „рамката“ итн. И секогаш беа фаќани во стапицата на лагите, но најпростачки продолжуваа понатаму.

А во таа иста лажлива насока продолжуваат и најновите мудрувања на фамозните стрип-ликови Маричиќ, Османи, Сарацин… и др. Тие, во сопствената глупост, упорно настојуваат да ја манипулираат јавноста со бајковити математики каде два и два никогаш не се четири. И мислат дека им веруваме! Таканаречениот вицепремиер ни е убеден „дека по усвојувањето на уставните амандмани Бугарија ќе го изгуби кредибилитетот да блокира“, независно што вели математиката. Оној Османи, кој онака „кредибилно“ ја туркаше приказната за непостоечките протоколи, упорно сонува дека „Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена“, наводно заборавајќи дека протоколите се дел од рамката. И за нашиов дует да не биде осамен, тука е оној Сарацин како терца со тврдењето дека „Доколку сега ги отворите кластерите после уставните промени, мислам дека патот на земјата кон ЕУ е неповратен“.

Но, истиот Сарацин заборава дека во истиот ламент вели и дека „Сега има момент каде Европската унија ви вели ’дојдете чекор поблиску’“! Неговата „математика“ со „чекорот поблиску“ и „неповратниот пат“ е иста како и на нашиве и никако не го дава единствениот точен резултат. Односно, ако патот е „неповратен“, од каде сега „чекор поблиску“, што сугерира дека потоа следат уште чекори. И кои се тие? Оние за коишто говори „математиката“ на Јотова и на „француската рамка“?

П.С.

Се разбира, нештата не би биле така смешни како што се да ги нема и нашите локални „мудреци“ кои организираат огномети со паролата „Danke Deutschland“ и ја идентификуваат со некои нивни „равенки“ од типот: ако може Бугарија да донесе Декларација за непостоење на македонски јазик, идентитет и култура, зошто да не може Германија да донесе Резолуција за постоење на македонски јазик, идентитет и култура?! Да, звучи „логично“, нели? Ама, прво, стварно мислевме дека една Германија треба да е поумна од една Бугарија. И второ, ваквите провинциски „равенки“ служат само за по дома. Надвор – ги нарекуваат дилетантизам!

Поврзани содржини