НИ „М“ ОД МЕРКИ ВО КАМПАЊАТА Д-р Даниловски вели дека короната дојде за да остане

Загрижувачки, како што вели професорот, независно од неповолниот развој на епидемиолошката ситуација, дека секому е јасно дека кај нас короната како да е избришана од свеста на населението.

2,949

Мислам дека излегува на виделина вистината дека, кога-тогаш, „ѓаволот секогаш доаѓа по своето“. Кај некој порано, кај некој подоцна. Или поинаку, се покажа дека не може да не се „плати данокот“ на новиов жител на планетава. Независно од „кореографијата на танцот“ со него! „Чеканот“ за сите е практично минато. Но, во фазата на „танцот“, кореографијата како да беше различна во одделни земји. Некои чекори во таа кореографија, на прв поглед, изгледаа успешни во многу земји – дури бевме сведоци на триумфални восклици – за да се покаже дека само се одложувало неминовното, вели за Плусинфо проф. д-р Драган Даниловски во врска со влошената ковид-состојба во регионот и појавата на новата верзија на сојот делта, наречена делта плус.

Професорот додава дека се покажа дека eкологијата е математика. Адаптацијата е динамичен процес во којшто се воспоставува меѓусебна рамнотежа меѓу микро и макро живите видови на планетава.






– Короната дојде за да остане – со помалку или повеќе крв и солзи, сеедно. Ние цело време, од почетокот на пандемијата, имавме „лабава“ кореографија на „танцот“. И тоа нѐ чинеше (и нѐ чини) многу крв и солзи. Но, се покажа дека таа скапа цена ни овозможи т.н. четврти бран да го искусиме први во регионот – летно-есенскиот бран. Да не ги елаборираме веќе секому познатите причини за тоа (непостоење на бариери на границите во текот на летото, свадбите, журките). Во тоа меѓувреме, сите други околу нас како да беа „уљуљкани“ во едно самозадоволство дека тие имаат успешна кореографија, пред сѐ, заради порано достапните вакцини кај нив. Па, дури и великодушно ги поканија и нашите граѓани да се вакцинираат кај нив. Благодарни сме заради тоа, дефинитивно – објаснува д-р Даниловски во врска четвртиот бран на коронавирусот кај нас.

Вакцините беа дизајнирани за вуханскиот сој на вирусот, а делта е во состојба да ја заобиколи во одредена мера заштитата што ја обезбедуваат

Проф. Д-р Драган Даниловски епидемиолог

Во разговорот за Плусинфо, проф. Даниловски се осврна и на процесот на вакцинација и на имунизација кај нас и зошто заинтересираноста кај населението е значително ниско.

– Времето си врвеше неумоливо. Се покажа дека интересот за вакцинација бил ограничено присутен само кај дел од населението. Повеќе од половината кај нас, но и во Србија, на пример, се покажа дека не ни помислуваат да примат во себе „отров“, „екпериментална вакцина“, дури „чип“… А на невидливиот натрапник тоа му беше доволно – тој непречено го продолжи својот поход. Што резултираше со понатамошно „билдање“ на колективниот имунитет. Кој се потпираше, од една страна, на прележување на болеста и од друга, на вакцинацијата – вели Даниловски.

Професорот додава дека веројатно веќе имаме околу 70 проценти имуно население – повеќе или помалку… зашто се покажа дека имунитетот од вакцините не „држи“ вечно.

Дека антителата со време венеат… И заради што стана јасно дека нема шанси да се постигне колективен имунитет од близу 90 проценти – колкав што е потребен за да се задуши сосема делта сојот. Зошто нема шанси? Затоа што од една страна се регрутираат нови имуни граѓани, но од друга, дел од веќе вакцинираните повторно се заразуваат.

– Зошто? Затоа што вакцините беа дизајнирани за вуханскиот сој на вирусот, а делта е во состојба да ја заобиколи во одредена мера заштитата што ја обезбедуваат. И затоа што, се покажа, антителата од кинеските вакцини ги снемува по три месеци во просек, а кај другите вакцини – по шест месеци. Требаше да спроведеме „блицкриг“ со вакцинацијата – во што пократко време, да вакцинираме голем дел од луѓето. Се покажа дека тоа е невозможна мисија. Оттаму, колективен имунитет за елиминација на вирусот е „мисловна именка“. Но, колку е повисок тој колективен имунитет, толку помалку ќе има заразени-кандидати за хоспитализација – и за смрт – ни објасни професорот.

Според него ние врвот на четвртиот бран го поминавме на 25 август и оттогаш бројките беа во постојан пад, сѐ до 15 септември. Очигледно е дека наставата во живо во училиштата не влијаеше на нарушување на епидемиолошката рамнотежа, освен што бројките продолжија да паѓаат, но со позабавено темпо – сѐ до 12 октомври, кога конечно ефективниот репродукциски број стана повисок од единица. А тоа значеше почеток на експоненцијален раст.

– Тоа подразбира дека наредните денови ќе бидеме сведоци на сѐ поголемо забрзување на растот на бројките. Ќе имаме раст на заразените, но не верувам дека болниците ќе се преполнуваат. Причините дефинитивно се „згуснатите“ социјални контакти во текот на предизборните активности, но и веселбите, дружбите во затворено, заради постуденото време. Во моментов сме сведоци дека мерки практично нема – дури и се релаксирани (!?) – а бројките експоненцијално растат. И ќе растат цела зима, сѐ додека не се воспостави епидемиолошка рамнотежа на т.н. повисоко ниво. За потоа, експоненцијалниот раст да стивне. И од пролет да го имаме вирусот во ендемична форма на постоење. И така сите наредни години би имале сезони на настинки, грип и – ковид! Со тоа што на ковидот ќе му бидат истапени забите… – проценува д-р Даниловски.

Загрижувачки, како што вели професорот, независно од неповолниот развој на епидемиолошката ситуација, дека секому е јасно дека кај нас короната како да е избришана од свеста на населението.

– Не само кај обичните луѓе – особено младите и оние „заколнатите“ негатори на постоењето на вирусот… туку и кај сите политички партии! Јас не видов ни „м“ од мерка во тек на предизборните митинзи, особено не во тек на прославите после првиот круг. Јас не видов во разговори по телевизиите некој да носи маска… – реагира Даниловски за непочитувањето на протоколите за заштита од ковид-19.

Во епидемиологијата, според него се зборува за социолошки (социјален) крај и медицински (епидемиолошки) крај на една пандемија. Тој првиот многу порано настапува од оној вториот. Медицинскиот (епидемиолошкиот) крај сѐ уште е далеку. Евентуално после зимата ќе се сведе постоењето на вирусот на ендемски сој – како грипот. Ама дотогаш?

– Нашите соседи се штотуку на прагот на четвртиот бран. Поинтензивните „стегања“, помасовното вакцинирање… го одложи врвот кај нив. Во Србија попушти одбраната на кинеските вакцини – кои претежно ги користеа. Плус, огромната застапеност на противниците на вакцинирањето, исто така, си го стори своето… Мислам дека нас не може тоа да не засегне. Инаку, не верувам дека влошувањето на епидемиолоката состојба во нашата околина се должи на делта плус сојот. Премногу е рано за тоа. Но, дури кога и би се појавил, освен што се проценува дека е околу 10 проценти позаразен од делта, други последици не би требало да има. И понатаму, основната мерка за заштита останува што помасовната вакцинација  – вели професорот Даниловски.

Поврзани содржини