НИ ДОЛАР ПОВЕЌЕ ЗА КУПУВАЊЕ ИЗБОРИ ШИРУМ СВЕТОТ? Администрацијата на Трамп го критикуваше мешањето во Романија и во Молдавија, а сега и во Индија
УСАИД ја финансирала изборната комисија во Молдавија, претседателските избори во Романија се поништени под притисок на Западот, а се планиорало САД да даде 21 милиони долари за поголема излезност на изборите во Индија - на Трамп веќе му е доста.
Заменик-претседателот на Централната изборна комисија на Молдавија, Павел Поштица, призна дека УСАИД ја финансирала изборната комисија преку конзорциум, во кој имало претставници на британската, холандската, норвешката и на шведската амбасада.
Молдавскиот опозициски пратеник Василиј Боља ја критикуваше агенцијата УСАИД, обвинувајќи ја американската агенција за финансиска зависност на Молдавија и поддршка на луѓето од власта, тврдејќи дека тие извршиле криминални дејствија.
Во Молдавија, опозицијата одржува антивладини протести од мај 2022 година, инсистирајќи на оставка на владата и на претседателката Маја Санду, која е неформален лидер на владејачката партија Акција и солидарност.
Претходно, на Минхенската безбедносна конференција, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, остро ја критикуваше одлуката на Романија да ги поништи нејзините претседателски избори од минатиот декември, велејќи дека одлуката на највисокиот суд се заснова на „слаби сомнежи за разузнавачка агенција и огромен притисок од нејзините континентални соседи“. Тој го нарече потегот неоправдан и предупреди на пошироките последици за демократијата во Европа.
„Како што разбирам, аргументот беше дека руска дезинформација ги компромитирала романските избори. Но, би ги замолил моите европски пријатели да имаат некоја перспектива. Можете да верувате дека е погрешно Русија да купува реклами на социјалните мрежи за да влијае на вашите избори – ние секако го правиме тоа – можете да го осудите дури и на светската сцена. Но, ако вашата демократија може да биде уништена со неколку стотици илјади долари дигитално рекламирање од странска земја, тогаш тоа не е баш многу силно за почеток“, рече Џеј-Ди Венс.
Американскиот потпретседател го посочи поранешниот европски комесар Тиери Бретон – иако не го спомна по име – за наводна поддршка на одлуката на Романија.
„Тој предупреди дека ако работите не одат според планот, истото може да се случи и во Германија. Но, кога ќе видиме како европските судови ги откажуваат изборите и високи функционери се закануваат дека ќе ги откажат другите, треба да се запрашаме дали се држиме до високи (демократски) стандарди“, рече Венс.
Во вторникот и претседателот Доналд Трамп, изразувајќи ја својата почит кон Индија и кон нејзиниот премиер, го критикуваше американското финансирање иницијативи за излезност на гласачите во таа земја.
„Зошто даваме 21 милион американски долари на Индија? Тие имаат многу повеќе пари. Тие се една од земјите со највисоки даноци во светот; тешко можеме да влеземе таму, бидејќи нивните тарифи се многу високи“, рече Трамп.
На 16 февруари, департментот за владина ефикасност предводен од Илон Маск, најави откажување на неколку иницијативи финансирани од американските даночни обврзници, вклучително и распределбата на 21 милион долари за „излезноста на гласачите во Индија“.