НИ БОЈКО, НИ ПЕТКОВ – ГОЛЕМИТЕ ЗАПАДНИ СИЛИ ПАК ПОБЕДИЈА Изборите во Бугарија завршија, антимакедонската стратегија останува

Ставот на Бугарија и понатаму ќе остане непроменет, а тоа значи дека не постојат Македонци, дека нема македонски јазик и дека имаме заедничка историја, вели поранешниот дипломат Ристо Никовски.

4,397

Какви промени ќе претрпи преговарачкиот процес со Македонија по промената на власта во Бугарија? Ќе успее ли новиот бугарски премиер да издејствува маневарски простор за брзо и безболно решавање на македонското прашање? Постои ли начин да се промени бугарската стратегија, која со години наназад работи на непризнавање на македонскиот јазик и на македонската историја?

Домашните експерти за надворешна политика со коишто разговараше Плусинфо делат не толку оптимистички ставови – ништо нема да се промени!






Првиот министер за надворешни работи Денко Малески вели дека без разлика на тоа дали Бојко Борисов ќе успее или нема да успее да ја формира новата бугарска влада, нашиот источен сосед во никој случај нема да ја промени својата стратегија во поглед на македонското прашање.

Наивно е да се очекуваат отстапки од бугарска страна. Бугарите триумфираа, постигнаа сѐ што сакаа, па сега човек треба да биде крајно наивен за да верува дека соседите ќе се повлечат во име на пријателството.

Ристо Никовски Поранешен амбасадор

– Нема ништо да се смени за Македонија, без оглед на тоа кој е премиер на Бугарија. Нема да има ниту влошување, ниту подобрување на работите. Нема да има ниту отстапки од бугарска страна. Тие ќе продолжат цврсто да се држат на тоа што го добиле и ќе си ја негуваат својата бугарска стратегија во однос на македонското прашање. Ако се сеќавате, Бојко Борисов и неговата политичка партија ГЕРБ дадоа поддршка и гласаа за предлогот на Кирил Петков за да се крене ветото и да се дозволи да започнат преговорите на Македонија со ЕУ. Секако, тоа беше направено под силен западен притисок. Во некоја идеална ситуација за Бугарија, тие би сакале да го повторат грчкиот пример: нема кревање на рампата додека сѐ не заврши. Меѓутоа, овојпат, геополитиката и сите нови ситуации придонесоа за да биде притисокот врз Бугарите исклучително голем, па тие едноставно не можеа да одолеат на тој притисок – објаснува Малески.

Со „францускиот предлог“, додава тој, ние сме ставени на колосекот кој води кон членство во Европската Унија.

– Тоа е нешто што немаше да се случи доколку Бугарија, како и Грција претходно, инсистираше сите спорни теми да се разрешат, па дури потоа да започнат преговорите. Такво нешто се случи со Грција, па ние скоро 30 години стоевме во место. Вака отприлика сега изгледа големата слика. Предноста во оваа ситуација е дека ние се движиме, почнуваме преговори и не стоиме во место. Секако, треба да бидеме свесни дека ова е издејствувано под притисок на големите сили и по цена на пад на една бугарска влада. Претходниот бугарски премиер Кирил Петков ризикуваше и ја истурка работата до крај, без воопшто да се плаши од фактот дека ќе ја загуби премиерската фотелја. Затоа, ние сега треба да покажеме кои се нашите капацитети, да се трансформираме онака како што течат преговорите. Но, имаме и уште еден услов кој не смееме да го заборавиме, бидејќи без тој услов можат да се прекинат преговорите, а во финалниот дел можеме и да добиеме вето за членство во ЕУ. Условот е Бугарите да бидат вметнати во македонскиот Устав, но и да најдеме заеднички јазик со Бугарија околу заедничката историја – заклучи Малески.

Поранешниот дипломат Ристо Никовски смета дека наивно би било да се очекуваат отстапки од бугарска страна во однос на Македонија.

– Прво, не треба да изненадува моментот што Македонија не беше главна тема на парламентарните избори во Бугарија. За такво нешто немаше потреба, бидејќи Бугарите веќе ги завршија своите интереси на еден невозможен начин – на еден нецивилизациски, антиисториски и неприфатлив начин успеаја сите свои аспирации да ги внесат во нашата преговарачка рамка и веќе тоа е завршена работа. И самиот бугарски народ сега е свртен против Македонија, бидејќи бугарските политичари направија една страшна кампања со приказната дека сме убиле 20.000 и сме прогониле 100.000 Бугари на крајот на Втората светска војна. А кога лансирате такво нешто во јавноста, народот автоматски станува антимакедонски. Второ, откако завршија изборите во Бугарија и откако Бојко Борисов собра најмногу гласови, сите изјави се дека таму нема да има стабилна влада. На Борисов ќе му биде исклучително тешко да формира влада, бидејќи нема доволно поддршка од останатите бугарски политички партии, иако не треба да се исклучи некаква голема коалиција. Меѓутоа, во однос на прашањето за Македонија, тоа е запечатено во Бугарија. Нивниот став и понатаму ќе остане непроменет, а тоа значи дека не постојат Македонци, дека нема македонски јазик и дека имаме заедничка историја. Тоа нема никој да го промени и врз таа основа и врз основа на Договорот за пријателство, Македонија нема никогаш да влезе во ЕУ таква каква што е. Можеме да влеземе само без македонски јазик и можеме да влеземе само како втора бугарска држава – тврди Никовски.

Тој смета дека во овој момент најдобар наш потег би бил да ја промениме нашата политика и да го поништиме Договорот за добрососедство со Бугарија.

– Нема да биде лесно, но тоа е единствениот начин и единствениот пат по кој треба да се движиме ако сакаме да стигнеме до портите на ЕУ. Имаме доволно време за таа операција, бидејќи и проширувањето на Унијата нема да се случи во следните 10 години, а нашите преговори и во најдобри услови би траеле најмалку 20 години. Во Бугарија нема никакви изгледи за промена на политиките кон Македонија. Наивно е да се очекуваат отстапки од бугарска страна. Бугарите триумфираа, постигнаа сѐ што сакаа, па сега човек треба да биде крајно наивен за да верува дека соседите ќе се повлечат во име на пријателството – вели Никовски.

На изборите во Бугарја, ГЕРБ ја однесе победата со 25,34% освоени гласови, пред Продолжуваме со промената на експремиерот Кирил Петков (20,20%). Уште четири партии го надминаа прагот од 4% освоени гласови потребни за влез во Парламентот, но меѓу нив не е Има таков народ на Слави Трифонов, која беше победник на изборите во јули минатата година, но потоа не успеа да формира влада.

Петков изјави дека неговата партија ќе одбие евентуална покана за формирање коалиција со ГЕРБ.

– ГЕРБ ја има целата политичка одговорност и обрзана е да стори сè што може за да формира влада. ГЕРБ нема проблем со силни националистички формации, па Движењето за права и слободи и Преродба се чинат како добри кандидати – изјави Петков.

Конечните резултати ќе бидат објавени в четврток, откако ќе се придодадат гласовите на дијаспората. Таму води Движењето за права и слободи со 31,93% освоени гласови.

ВО МАКЕДОНИЈА НА БУГАРСКИТЕ ИЗБОРИ ГЛАСАЛO 461 ЛИЦЕ Најмногу гласови добила партијата на Борисов

Поврзани содржини