НЕЗАВРШЕНО МИНАТО Осудени на привременост

Текст на авторот објавен во зборникот „Југославија: поглавје 1980 -1991“), во издание на Хелсиншкиот одбор за човекови права во Србија, во 2021 година.

5,303

Дали на 8 септември 1991 година, на денот на прогласувањето независност, политичарите и граѓаните собрани на скопскиот плоштад помислуваа дека Република Македонија ќе биде само привремено име, дека дури на 8 април 1993 година ќе биде примена во ООН под привремената референца БЈРМ, дека на 19 февруари 2019 година ќе биде принудена да го промени уставното име во Република Северна Македонија за да биде примена во НАТО, и дека на 7 декември 2020 година Бугарија ќе го блокира почетокот на пристапните преговори меѓу Македонија и ЕУ?

На тоа му претходеа тврдењата на бугарската власт дека македонската нација е продукт на комунистички инженеринг официјализиран на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, одржано на 2 август 1944 година, и дека прославата на 11 октомври, Денот на востанието, е политичка провокација. На крајот Софија испорача барање дефиницијата „бугарскиот фашистички окупатор” Скопје да ја замени со дефиницијата „германскиот нацистички окупатор на кралството Југославија и привремената бугарска администрација составена главно од Македонци”!






Неколку децении во федеративна Југославија се живееше со убедувањето дека прашањата што се Македонците и чија е Македонија се одговорени засекогаш и дека минатото е завршено. Но, во средината на осумдесеттите години почна јавно да се пишува и зборува за она за што порано само се шепотеше, или заради што, со многу алкохол, се одвиваа кавги, а понекогаш и тепачки во кафеаната која и денес се наоѓа под просториите на Друштвото на писатели. Почна јавното преиспитување на белите дамки во македонската историја, вклучително и премолчувањето или извртувањето на настаните, документите и човечките судбини. Улогата на кршач на мразот ја одигра неделникот „Млад борец“ со новиот главен уредник Никола Младенов.

На почетокот, спор за крајната цел на НОБ во Македонија

Неформалната група интелектуалци (Киро Глигоров, Благоја Хаџи Панзов, Емануел Чучков, Кирил Петрушев, Лазар Соколов…), собрана во Акциониот народноослободителен комитет (АНОК) на 9 декември 1943 година го упати својот Приговор на Манифестот на Главниот штаб на македонската НОВ и ПО. АНОК приговара дека Главниот штаб не е надлежен да одлучува за политичките прашања, за основните принципи и цели на борбата и дека за тоа е надлежно единствено Народното собрание кое сè уште не заседавало и дека Манифестот на Главниот штаб има само привремен карактер и дека ризикува за некои прашања да биде коригиран од Народното собрание, а тоа би му наштетило на авторитетот на штабот и на целата ослободителна борба во очите на народот и би им дало материјал на противниците да зборуваат дека целата борба е несериозна. „Затоа е потребно најнапред јасно и прецизирано да се разграничат должностите и правата не двете тела.“

АНОК приговара и за тоа дека во Манифестот не се нагласува врската меѓу НОБ и претходните етапи на македонската борба за ослободување и обединување. И најпосле, АНОК смета дека крајната цел на македонската ослободителна борба не е слободна Македонија во рамките на слободна Југославија, зашто тоа би донесло слобода и рамноправност само во една третина од Македонија, онаа која до 1941 година била во границите на Кралството Југославија.

„Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и на денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија. (…) Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество – фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечество и да го оствари својот вековен национален идеал. И ете, како резултат на тригодишни крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна со крф и борба да се дојде до нова, братска, демократска и федеративна Југославија. (…) Да е жива нашата мила македонска федерална држава! Да е жива Федеративна, Демократска Југославија, заеднички покрив на братските јужнословенски народи!” – го отворил заседанието на АСНОМ најстариот делегат Панко Брашнаров.

Претседателот на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто не бил член на КПЈ, но уживал огромен углед како борец за национално ослободување. Лежел на робија во Кралството Југославија, а бугарската окупаторска власт во 1942 година го интернирала во логор. По излегувањето од логорот, на повик од Главниот штаб, им се придружил на партизаните. Во придружба на членовите на Президиумот Емануел Чучков (на 7 март 1945 година именуван за министер во Привремената сојузна влада; неговите ставови биле оценети како националистички, сепаратистички и антијугословенски, бил разрешен и вратен во Македонија) и Кирил Петрушев (на 6 август 1944 година именуван за повереник на АСНОМ за внатрешни работи, а во 1945 година за министер за внатрешни работи во првата влада на Македонија; Резолуцијата на ИБ го затекнала на функцијата министер за труд, од која е разрешен на 26 октомври 1948 година, исклучен од КПЈ и пензиониран), на 24 јуни 1944 година, Ченто се состанал со Тито и го отворил прашањето за обединување на Македонија (Вардарска, Пиринска и Егејска), на што Тито одговорил дека прашањето не е приоритетно и ургентно.

Подоцна Ченто имал несогласувања со Светозар Вукмановиќ Темпо и со Лазар Колишевски и се противел на испраќањето на 15-тиот македонски корпус на Сремски фронт наместо на Солун. Ченто поднел оставка на 14 март 1946 година и веќе на 14 јули бил уапсен пред својата куќа во Прилеп, но власта објавила дека Ченто бил уапсен на граница при обид за бегство во Грција. Судиската тројка Панта Марина, Лазар Мојсов и Коле Чашуле го осудила на 11 години затвор. (Сите тројца имале успешни и дипломатски кариери на републичко и сојузно ниво. Во деведесеттите години Чашуле изјавил дека за пресудата било решавано на највисоко ниво и дека ја пренел Видое Смилевски, левата рака на Колишевски, десната рака бил Страхил Гигов). Пуштен е условно по одлежаните 9 години и четири месеци. До смртта не се одрекол од идејата за самостојна и обединета Македонија.

Потпретседателот на Президиумот Брашнаров, кој во својот говор се обидел да ги помири ставовите на АНОК и ПК КПЈ, бил уапсен на 11 декември 1950 година. На почетокот на јули 1951 година бил испратен во логорот на Голи Оток кај што починал неколку дена по пристигнувањето.

Поголемиот дел од членовите на Президиумот на Првото и Второто заседание на АСНОМ лежеле во скопскиот затвор или на Голи Оток. Во Белград биле деташирани ветеранот Димитар Влахов и Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија. Во 1991 година тој го формулирал референдумското прашање: Дали сте за суверена и независна Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија? Вака формулираното прашање потсетува на спорот кој во 1944 година не бил решен со референдум туку со директива.

Македонската интелигенција

Во годините меѓу двете светски војни, кога Македонија била дел од Вардарската бановина, идните македонски политичари, интелектуалци и уметници се школувале во Софија или Белград. Малкумина стигнале до Виена или до Москва. Од 1920 година во Скопје функционирал само огранок на Белградскиот универзитет, катедра за општествени науки, со настава на српски јазик.

Македонскиот литературен кружок во Софија, со прекини, функционирал од 1936 до 1942 година. Поетите Коле Неделковски и Венко Марковски (поет, член на Главниот штаб и делегат на Првото заседание на АСНОМ; поради поддршката на Резолуцијата на ИБ затворен е во скопскиот затвор, а поради поемата „Современи парадокси“ од 1956. бил испратен на Голи Оток; во 1965 година отишол на лекување во Бугарија кај што бил пречекан со почести; во 1984. ја објавил книгата „Голи оток – остров на смртта“.) пишувале на македонски, а другите, вклучително и поетот  Н.Ј. Вапцаров, на бугарски – јазикот на нивното образование. Кружокот функционирал полуилегално до стрелањето на Вапцаров во софиската касарна и убиството на Неделковски извршено од полицијата. Венко Марковски, Георги Абаџиев (директор на Институтот за национална историја во Скопје во 1951-52; автор на сценариото за филмот „Мис Стон“ и на неколку историографски романи) и Васил Ивановски (автор на книгата „Зошто сме ние Македонците одделна нација“; член на БРП(к); во 1942 година бугарскиот суд го осудил на 15 години робија; на 20 јуни побегнал од затворот и им се приклучил на македонските партизани; делегат на АСНОМ и прв директор на „Нова Македонија“; по судирот со Колишевски, во ноември 1945 година се вратил во Бугарија; во 1949 година, во процесот против т.н. титоисти бил осуден на 12 години строг затвор.) се приклучиле на македонските партизани.

Првиот број на „Нова Македонија“ излегол на 29 октомври 1944 година. Пет месеци по ослободувањето на Скопје, на 3 април 1945 година, бил отворен Македонскиот народен театар, а на 29 ноември 1946 година бил отворен Филозофскиот факултет, нуклеусот на идниот скопски универзитет.

Значаен дел од македонската интелигенција потекнува од Егејска Македонија. Меѓу писателите, сликарите, режисерите, новинарите, историчарите и универзитетските професори ги има оние кои пролетта 1948 година, пред поразот на Демократската армија на Грција, биле евакуирани на возраст од две до 14 години. Најголем број од нив, околу 11.000, прифатила Југославија. По Резолуцијата на ИБ, Југославија ја затворила границата спрема Грција, а по поразот во 1949 година, борците на ДАГ и македонскиот НОФ преку Албанија биле транспортирани во земјите на Источниот блок.

Во седумдесеттите години беа снимени првите филмови за егејската драма: „Црно семе“ на режисерот Кирил Ценевски, според истоимениот роман на Ташко Георгиевски, со потекло од Егејска Македонија, и документарците „Австралија, Австралија“ на режисерот Столе Попов и „Тулгеш“ на режисерот Коле Манев, кој како дете бегалец бил одведен во Романија. Последниот филм за егејската драма е „Црвениот коњ“ (1981) на Столе Попов, според истоимениот роман на Ташко Георгиевски.

Подоцна кинематографијата крена раце, но не и книжевноста. Романот „Небеска Тимјановна“ (1988) од Петре М. Андреевски (не е од Егејска Македонија) зборува за голготата на групата македонски раководители кои на 3 октомври 1948 година биле уапсени во Албанија под обвинение дека се Титови агенти и префрлени во московскиот затвор Љубјанка. На судењето во Москва 1952 година добиле казни во распон од 8 до 25 години робија во логорот Воркута. Ослободени се во 1956 година, а во Македонија дошле во 1957 година. Претходно, во 1980 година, истиот автор го објави најчитаниот роман Пиреј за делбите на Македонија и Македонците во годините на Балканските војни и Првата светска војна. Двата романи на овој автор имаа свој сценски живот на сцената на битолскиот Народен театар (режија Владимир Милчин).

Колишевски и колишевизмот

Лазар Колишевски беше најмоќниот човек во Македонија од 1945 до 1989 година, со прекин од 1963 до 1972 година, кога претседател на СКМ беше Крсте Црвенковски. Нему Тито му го довери расчистувањето со Александар Ранковиќ и УДБА, но Црвенковски беше отстранет веќе во 1972 година во Титовата пресметка со т.н. анархолиберали (националисти) и граѓанската десница. Моќта на Колишевски се обнови и остана нечепната сè до 1989 година кога СКМ доби и ново име (СКМ-ПДП) и нов лидер, Петар Гошев.

По објавувањето на „Борбата за Балкан“ на Светозар Вукмановиќ Темпо во 1981 година, Институтот за национална историја организира дебата за книгата на која го покани и Темпо, но тој не ја прифати поканата. Десет години подоцна беше објавен полемичкиот одговор, книгата „Писмо до Темпо“ од Вера Ацева. „Книгата на Темпо и нејзината содржина, во која пред сè се третираат настани во НОБ во Македонија, беа предизвик да го напишам ова писмо и да му го упатам на авторот“, напиша во предговорот авторката, носител на Партизанска споменица и народен херој. Книгата ја завршила на 8 април 1988 година и ракописот најпрвин му го дала на увид на Темпо, но тој не се огласил ни по 14 месеци. На објавување на книгата морала да чека повеќе од две години, зашто издавачките куќи во Македонија (директори и главни уредници по правило биле писатели) не смееле да објавуваат мемоарска граѓа без да ја одобри Колишевски. (Во една фуснота, Ацева спомнува разговор, во кој влијателната политичарка Веселинка Малинска во доверба ѝ кажала дека при ЦК СКМ постои група кoja одобрува што да се печати, но мемоарска граѓа одобрува лично Колишевски).

Третото заседание на АСНОМ на 14 април 1945 година ги предало извршните функции на владата на чело со Колишевски, кој е роден во гратчето Свети Николе, но растел во Крагуевац. Најважниот настан во неговиот живот се случил во Белград на 27 јули 1947 година, кога ја алармирал Цана Бабовиќ дека агенти на Гестапо го приведуваат окрвавениот Александар Ранковиќ. Група скоевци успешно ја извршила операцијата на спасување на организациониот секретар на ЦК КПЈ. Така Колишевски го задолжил моќниот Ранковиќ, кој за нивното пријателство рекол: „Можеби бев малку сентиментален кон него како човек, но ете – во прашање беше мојот живот. Било – па се запаметило!“

Во почетокот на август 1941 година Колишевски добил директива од Ранковиќ да оди во Македонија со делегатот на ЦК КПЈ Драган Павловиќ Шиља, чија задача била да „расчисти“ со секретарот на Покраинскиот комитет Методија Шаторов Шарло. Вината на Шарло (член на Месниот комитет на КПЈ во Скопје 1941 година и шеф на партиската келија на Првиот скопски одред) била во тоа што ја спровел директивата на Коминтерната македонските комунисти да се приклучат на бугарската партија по капитулацијата на Југославија и бугарската окупација на источна и централна и централна Македонија.

Веќе во септември 1941 година Колишевски бил октроиран во член на ПК КПЈ, иако никој не го познавал, ни во партијата ни во Македонија. На стр. 48 во „Борбата за Балкан“ Темпо пишува дека е формирано ново раководство, во кое решавачка улога одиграл Колишевски, а Вера Ацева прашува: „Како можел да ја одигра таа улога кога новото раководство е формирано на 21 септември, а Колишевски е уапсен веќе на 7 ноември?“ Но, Колишевски сепак нешто презел. Во написот „Белите дамки на македонската историја“, објавен на 19.8.1989 година во загрепскиот неделник „Старт“, Антун Колендиќ пишува дека Колишевски пред 11 октомври со пусулче потпишано со псевдонимот Митре наложил распуштање на партиската келија на Скопскиот партизански одред поради фракционерство и недисциплина и поради тоа што комунистите во одредот се шарловисти и автономаши. Колишевски никогаш не признал дека Првиот скопски одред постоел, иако во него имало повеќе од 40 партизани, комунисти и скоевци.

Книжевникот Димитар Солев, од групата модернисти собрани околу списанието „Разгледи“, во 1989 година објави роман за Васил Антевски Дрен, борецот на скопскиот одред кој по распуштањето на одредот паднал во рацете на бугарската полиција и заедно со соборецот, секретарот на Месниот комитет, Периша Савелиќ, бил осуден на смрт со бесење. Пресудата била извршена во софискиот затвор ноќта меѓу 18 и 19 август 1942 година. Романот „Дрен“ беше исчекор од наметнатиот молк за постоењето на одредот кој не претрпел пораз од окупаторот, туку бил растурен со одлука на октроираниот моќник.

На 7 декември 1941 година Колишевски упатил молба за помилување до бугарскиот цар Борис III и смртната казна му била преиначена во доживотна робија. Бил ослободен на 7 септември 1944 година. Значи, не бил во Македонија ни на денот на востанието на 11 октомври 1941 година, ни на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Сепак, на 2 август 1952 година добил орден Народен херој без да го помириса барутот. Во педесеттите години на минатиот век граѓаните на Македонија скандираа: „Ние Македонците, Тито си го сакаме!“, но скандираа и „Тито – Лазо!“ Авторот на овој текст си спомнува дека во 1952 година одеше во градинката „Лазар Колишевски“ која подоцна беше преименувана во „13 Ноември“, денот на ослободувањето на Скопје.

Ние Македонците, Тито си го сакаме!

На свечената седница одржана на 2 август 1969 година, „длабоко свесни за величината на делото и историското значење за создавањето на македонската држава и изразувајќи ја безграничната благодарност на народот на Македонија“, делегатите во Собранието донесоа одлука нововостановената Златна споменица на АСНОМ да му се додели на Јосип Броз Тито. „Одбележувајќи ја 25-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, денот кога народот на Македонија во заедничката борба на југословенските народи го оствари вековниот идеал за национално ослободување и создавање своја држава, продолжувајќи ги идеалите на Илинден и одлуките на Првото заседание на АСНОМ за афирмација и издигнување на националната култура во Македонија, донесоа одлука во периодот 1970-1975 година во 25 градови во СРМ да се изградат спомен-домови на културата како траен спомен на Првото заседание на АСНОМ.“

Спомен-домот во Битола задоцни. Изградбата започна по Титовата смрт, во јули 1980 година. Последната претстава во старата зграда на театарот беше југословенската праизведба на „Свечената вечера во погребалното претпријатие“ од Иво Брешан. Некој од театарот накодошил кај општинските функционери дека токму тогаш, по Титовата смрт, се подготвува „црна, реакционерна комедија“. Бил алармиран и ЦК, кој на генералната проба испрати тројца членови на Идеолошката комисија. По пробата актерите беа повикани на разговор. Не си спомнувам дали и јас, како режисер на претставата, бев повикан, но актерите инсистирале на моето присуство. Членовите на комисијата (Димитар Солев, писател, директор на Народната и универзитетска библиотека, Георги Сталев, писател, професор на Филолошкиот факултет, и Страшо Тодорчевски, секретар на ИК). ги убедуваа актерите дека претставата е деструктивна и премногу црна и дека не треба да се игра. Им беше понудено простување зашто биле „изманипулирани од авторот и режисерот“, но актерите едногласно одбија да се одречат од претставата: „Зар мислите дека по два месеца работа не знаеме што играме?“

Кон крајот на деценијата, во мај 1989 година, на Македонскиот театарски фестивал во Прилеп беше изведена праизведбата на драмата „Спиро Црне” од Благоја Ристески (поет и драмски автор, недоволно познат на југословенските простори; режисер беше Владимир Милчин). Претставата не беше прогласена за најдобра, иако ги доби наградите за најдобар текст, режија, сценографија, музика и една од наградите за најдобра улога. По завршувањето на фестивалот, Друштвото за наука и уметност, Друштвото на историчарите и Друштвото за македонски јазик од Прилеп со отворено писмо побараа претставата да се симне како „антимакедонска и штетна за македонската историја, зашто пласира идеја спротивна на интересите на македонскиот народ и на историската вистина и ги омаловажува, минимизира и карикира светлите ликови и традицијата на македонската историја”. Претседателството на Сојузот на борците  од Прилеп ги подржа и нивните ставови и барањето за безусловно сметнување на претставата од репертоарот. Потоа неделникот „Екран“ организира т.н. јавно судење по гостувањето на претставата во Скопје. Весникот „Вечер“ го цитира писателот и театролог Благоја Иванов: „…Постојат времиња и генерации кои живеат со митови и умираат со нив. Меѓутоа, доаѓаат други генерации кои се заморени од тие митови, па почнува демитологизација. Пример за тоа е овој текст. Затоа, никој не може да ја забрани претставата освен публиката која тоа го прави едноставно – не доаѓа да ја гледа!”

Александар Алексиев, писател и театролог, по безмалу две децении, почувствува потреба да му се извини на режисерот Љупчо Тозија за судењето на неговата претстава „Хамлет од Долно Гаштани” есента 1970 година: „Тогаш разни идеолошки комисии ги принудуваа луѓето со достоинство и авторитет да зборуваат против себеси. Тоа време не смее да се повтори, тоа време не води никаде, нека тоа остане далечно минато. Меѓутоа, тогаш бевме жртви на поединци, а во конкретниов случај не се јавуваат некакви идеолошки комисии, туку научни друштва, историчари… За мене е уште пострашно доколку зад ова стојат некои други, посуптилни манипулации. Но, верувам дека зад оваа лакрдија сепак стојат само поединци.“ На дваесетгодишна возраст Александар Алексиев во 1949 година бил испратен на Голи Оток под обвинение дека бил „член на некаква информбировска организација“, но по една година бил пуштен на слобода.

Златните години на театарот без хепиенд

Театарската продукција во Македонија во осумдесеттите години беше еден од столбовите на југословенскиот театар. Претставите патуваа ширум Југославија на гостувања и фестивали од кои се враќаа со награди. Горан Стефановски се играше на сите јазици. Слободан Унковски често режираше во Југословенско драмско позориште, Љубиша Георгиевски крстосуваше ширум Југославија, а авторот на овој напис во Приштина режираше три претстави на албански јазик. Театрите во Македонија беа отворени за писателите и за режисерите од сите републики.

Скопскиот Театар на народностите (Албанска и Турска драма) ги надмина републичките граници со повеќекратните успешни учества на сараевскиот фестивал МЕС со претстави работени по текстови од македонски Албанци и Турци (Теки Дервиши, Џабир Ахмети, Ресул Шабани и Ирфан Бељур).

Книгите на Џорџ Орвел не беа преведени на македонски кога во 1981 година, во преполнетата аула на Филозофскиот факултет во Скопје алтернативната Театарска работилница ФФ ја одигра претставата „Како трупата Сини блузи ќе ја прикажеше Животинската фарма од Џорџ Орвел“. Од 1980 до 1984 година Театарската работилница ФФ направи четири претстави (во режија на Владимир Милчин) кои ја прокрстарија Југоославија од Нова Горица до Подгорица.

Театарот во Македонија беше осиромашен во 1987 година, кога исклучително успешниот Ромски театар Пралипе, основан од Рахим Бурхан на почетокот на седумдесеттите, се пресели во Милхајм кај Роберто Чули, кој им овозможи подобри просторни и финансиски услови за работа.

Есента 1988 година претседателот на општината Куманово и претседателот на градскиот комитет одлучија да го затворат театарот. Неофицијалното објаснение беше дека на граѓаните на Куманово не им треба театар на неразбирлив македонски јазик. И едниот и другиот не ја очекувале жестоката реакција во јавноста, а јавноста беше изненадена од млаката реакција на театарскиот еснаф. Интервенцијата од самиот врв на партијата доведе до формирање работна група која требаше да направи елаборат за нов театар под покривот на Домот на културата. По 12 месеци, Извршниот совет на општината Куманово соопшти дека „интензивно се работи на формирање на новиот театар и дека не ги прифаќаат и енергично ги отфрлаат сите протести и инсинуации пласирани од културни работници дека затворањето на вратите на театарот во Куманово е последица од кусогледоста и ароганцијата на бирократијата!”

Натемаго на Правниот факултет

Во јуни 1974 година партиската организација на Правниот факултет го исклучи професорот на социологија Славко Милосавлевски, а веднаш потоа му беше раскинат работниот однос. По падот на Ранковиќ, Милосавлевски беше член на Извршниот комитет на ЦК СКЈ, а од 1969 година беше секретар на ЦК СКМ. Во кампањата против либерализмот и национализмот, се најде на удар и поднесе оставка на барање на новиот претседател на СКМ, Ангел Чемерски. Во деведесеттите години објави десетина книги, од кои најголем интерес во јавноста предизвика „Социологија на македонската национална свест“ во два тома и, во коавторство со Крсте Црвенковски, „Наш поглед на времето на Колишевски“.

Професорот по Кривично право Ѓорѓи Марјановиќ падна во немилост во 1983 година. Во воведниот реферат на XXI Советување на Југословенското здружение за кривично право и криминологија Марјановиќ се залагал за укинување на т.н. вербален деликт. Бил изложен на остри напади од естаблишментот и партиски казнет, по што истапи од Сојузот на комунистите и беше лидер на партијата Лига за демократија, основана на 12 ноември 1989 година.

Тројца професори на Правниот факултет кои учествувале или пасивно ја набљудувале хајката против Милосавлевски и Марјановиќ незадржливо напредувале во своите академски и политички кариери. Камбовски, Климовски и Беличанец беа членови на републичкиот Извршен совет во втората половина на осумдесеттите години кога се случи полициската интервенција во Вевчани. Нивните кариери не настрадаа ни по воведувањето на повеќепартискиот систем. Камбовски беше министер за правда во коалициската влада на ВМРО-ДПМНЕ, ДА и ДПА (лидери: Љубчо Георгиевски, Васил Тупурковски и Арбен Џафери) и до денес е неизбежен консултант на сите влади. На врвот на својата политичка кариера Климовски беше претседател на Собранието. Беличанец од 1986 до 1991 година беше потпретседател на републичкиот Извршен совет. Од 1985 година го предаваше предметот Самоуправен здружен труд, но од крајот на 1991 година се префрли на попрофитабилното Деловно право. „Се прослави“ и како еден од мозоците на приватизацијата.

Васил Тупурковски предаваше Меѓународно право од 1983 година. Неговиот подем од прв младинец до член на Претседателството на СКЈ и Претседателството на СФРЈ беше побрз, но и пократок од кариерата на Колишевски. Неговата кованица за „непринципиелната коалиција“ на последниот конгрес на СКЈ ги катапултираше неговите слики на шофершајбните на камионите во Србија, а неговото име на транспарентите  „Тупурковски, колку гордо звучи тоа!“. А кога на Претседателството на СФРЈ по деветомартовските настани во 1991 година се противстави на воведувањето вонредна состојба, во Србија беше прогласен за еден од „гробарите на Југославија“. Сè уште член на Претседателството на СФРЈ, на 4 март 1991 година во Македонскиот народен театар Тупурковски ја организира манифестацијата „Мир во светот – мир во земјата! Пружете рака, прогласете мир!“, во која учествуваа уметници од сите републики и покраини. Во 1993 година ја објави книгата „Историја на Македонија: од древноста до смртта на Александар Македонски“ и детската сликовница за Александар и неговиот коњ. Тупурковски е пионер на популизмот во Македонија.

Закопот на еден либерал

Чистката на либералите, националистите, односно т.н. граѓанска десница се протегна на осумдесеттите години. Државната безбедност водела групно досие „Плави 9”. Прислушувани и следени биле Крсте Црвенковски, Вера Ацева, Славко Милосавлевски, претседателот на скопската конференција на СКМ Ќамуран Тахир, професорот Димитров Димитров од Филозофскиот факултет и професорите на Правниот факултет Томислав Чокревски и Милан Нетков

На 15 септември 1985 година, на пешачкиот премин кај МАНУ возило на ЈНА го прегази Нешо Маркоски (по игра на случајот, несреќата се случила пред очите на актерот Бранислав Лечиќ кој сведочеше на судењето во воениот суд во Скопје), носител на Партизанска споменица и главен и одговорен уредник на македонското издание на „Комунист“ до 1972 година, кога беше разрешен и ставен на располагање. Следниот ден претпладнето, група функционери од понизок ранг дојде во станот на семејството Маркоски да им изрази сочувство на сопругата, но панично избегаа низ кујната за да не се сретнат со пријателите и едномислениците на покојникот од групното досие „Плави 9”. А на закопот паѓаа в очи припадниците на СДБ кои ревносно ги фотографираа сите кои дојдоа на закопот на либералот.

Точка на пресврт: Вевчани, 1987

Кит Браун, професор по антропологија на Државниот универзитет на Аризона и добар познавач на Македонија, на 21.10.2020 година објави текст под наслов „Како аферата Вевчани стана важна лекција за американските демонстранти“: „Во август 1987 година, раководството на комунистичката партија, без локално учество, наметнало голем инфраструктурен проект за пренасочување на водите од вевчанските извори кон други населени места. Вевчанците во тоа виделе закана за иднината на нивните деца и започнале со граѓанска непослушност. Ги блокирале улиците со импровизирани барикади и со своите тела. Држеле Титови слики за да ја соопштат својата лојалност кон идеалите на државата. Нивната борба била против злоупотребата на државната моќ. Власта одговорила со распоредување на милицијата која користела и електрични пендреци за да ги растера ненасилните демонстранти. (…) Описите на вевчанците за ќотекот, електричните шокови и неоснованите притворања добија нов и вознемирувачки одек кога Трамповата администрација распореди паравоени единици за да ги задушат протестите не само на плоштадот Лафает, туку и во градовите ширум САД. (…) Соочена со гневот на вевчанци, владејачката комунистичка партија ширеше дезинформации во медиумите за да фрли сомнеж на карактерот и мотивите на демонстрантите. Им се одмазди на водачите на отпорот со блокирање на пристапот до образование или вработување за нив и на нивните семејства. Режимот ја распореди целата државна машинерија за да демонстрира сила и да ја скрши волјата на движењето. Вевчанците се противставија на напорите да бидат замолчани. Продолжија со креативен, ненасилен отпор да градат коалиција со сојузниците ширум Југославија. Повикаа уметници, поети и новинари да се приклучат на нивната кауза. Театарскиот режисер Владимир Милчин објави моќна критика на колаборантството на македонските интелектуалци со режимот („Неморално е да се биде пристоен“, интервју во загребскиот неделник „Данас“, 22.9.1987 година) и помогна претставата на аматерската трупа од Вевчани (трупата „Поклони се и падни“ играше на фестивалот Млад отворен театар во скопскиот Дом на млади) да стигне до пошироката публика. Словенечкиот поет Дане Зајц крена глас против насилството на власта („Скепска кон моќта“, интервју за загрепскиот неделник „Данас“,15.9.1987.) Црногорскиот режисер Крсто Шканата ја раскажа приказната за Вевчани во краткометражниот филм „Фала ви на слободата“.  (…) Со настојчивото повторување на директното прашање до лидерите на партијата кој наредил да се употреби насилство, вевчанците се противставија на авторитарноста. Ги прозваа сите за кои сметаа дека се одговорни така што ги испишаа нивните имиња на потсмешливиот паметник на селскиот плоштад. (…) Во мај 1989 година вевчанци маршираа од селото до седиштето на ЦеКа оддалечено 160 км. Насобраните повеќе од 2.000 граѓани бараа средба очи в очи со раководството на СКМ. Во тоа време, поголем број угледни, реформски настроени новинари и политичари се придружија на каузата на вевчанци. Месец дека подоцна министерот за внатрешни работи и неговиот заменик беа принудени да поднесат оставки.“

Потсмешливиот паметник што го спомнува Кит Браун беше отворен на 8.8.1990 година, на тригодишнината на полициската интервенција во Вевчани. Во духот на древната вевчанска карневалска традиција, комуналниот ѓубреџија со метла ја исчисти со пченкарни лисја покриената бетонска плоча на која под натписот „Бог да ве убие, погани изроди“ беа врежани имињата на сојузните, републичките и општинските функционери: Л. Колишевски, Ј. Лазаревски (претседател на ЦК СКМ), Г. Гоговски (претседател на републичкиот Извршен совет) и други.

Македонски парадокс: Дисиденти во СВР

Членовите на IV основна организација на 7.9.1989 година покренаа постапка за утврдување на одговорноста на претседателот на Извршниот совет Гоговски за тешката општествено-економска и социјална состојба, толерирање на кршењето на законот во РСВР и користење привилегии и неодговорна употреба на сила и репресивни мерки во вевчанскиот случај кога прв пат беа употребени и електрични пендреци. Одговорност се побара и за млаката реакција на Републичкиот извршен совет за молчењето на југословенскиот печат за Средбата на децата бегалци од Егејска Македонија одржана во јули 1988 година во Скопје. Извршниот совет не реагираше ни на однесувањето на југословенската делегација на меѓународните конференции за човековите права во Париз и Женева во мај и јуни 1989 година, на кои не беше поставено прашањето за македонските национални малцинства во соседните земји, а не реагираше ни на иницијативата на Собранието на СР Србија за ревизија на Законот за доделување земјиште на колонистите во Македонија и Космет. Реагираше само Друштвото на писателите на Македонија.

„Отворањето на дел од овие ’жешки‘ прашања од страна на вработените во РСВР за центрите на политичка моќ значеше чин на јавен сомнеж во највисокиот принцип на кој почиваше македонскиот партиско-полициски проект чија политичка метафора беше култот на Лазар Колишевски. Оттаму, реакцијата на оваа постапка беше логична – брутална политичка репресија врз Осумтемина (Слободан Богоевски, Павле Трајанов, Беџет Беџети, Станоја Богев, Гроздан Цветковски, Јован Чамински, Александар Диневски и Миле Илиевски) која ја симболизираше одмаздата на моќта, но и директна закана за секој кој ќе се обиде на каков и да е начин да чепне во безгрешноста на овој концепт. Индиферентноста спрема продолжувањето на ваквата пракса, во мугрите на демократската преобразба на општеството, претставува хипотека и закана за иднината“ – Александар Диневски, аналитичар во ДБ („10 тези – Сè беше тајна!?“, објавено во неделникот „Млад борец“ есента 1989 година; „Нова Македонија“ и „Вечер“ одбиле).

На 20.3.1990 година, Осумтемина, кои меѓувремено биле ставени на располагање, се обратиле на делегатите во Собранието со отворено писмо: „Една од основните дилеми е дали првостепено значење имаат обелоденетите злоупотреби и деформации, или се работи за далеку посуптилни прашања: Чија е Службата за безбедност, кој ги влече конците во овој замрсен театар и, најпосле, како му поаѓало од рака на Лазар Колишевски да раководи со неа неколку децении? Зар не треба отворено да се проговори за монтираните политички и судски процесии, за повеќегодишната сеча на македонската интелигенција и дали и понатаму можеме да бидеме индиферентни за трагичните судбини на луѓето?“

Задоцнета дебата за културата

Раководството на денес заборавениот ССРНМ (во 1991 година ССРНМ се трансформира во Социјалистичка партија на Македонија) свика Собир на културните работници на 5-6.10.1989 година. Во двобројот 7-8/1989 година на месечникот „Културен живот“, издаван од денес непостоечката Културно-просветна заедница на Македонија, беше објавен прилог со излагањата. Беше тоа очајнички и задоцнет обид да се запре времето и да се конзервира системот на политичка контрола над културата. Собирот требаше да прерасне во „траен облик на општествено-политичка, културна и творечка акција“. Беше најавено дека на заседанието планирано за мај 1990 година ќе биде усвоена национална програма за развој на културата што, се разбира, не се случи. Социјалистичката партија на Македонија (основач беше вечниот сојузен и републички пратеник Љубисав Иванов Sинго, еден од најмоќните тајкуни во независна Македонија), основана на 22. 9. 1990, се прогласи за правен наследник на распуштениот ССРНМ!

„Ова е голем ден на македонската култура. За прв пат се собравме творците и културните работници од сите области на културата, на оваа слободна трибина, низ еден демократски дијалог да се произнесеме за суштинските прашања и проблеми со кои секојдневно се соочуваме и да најдеме патокази за иднината. Мудар човек има речено: јазикот е мојата татковина. Ние денес ќе ја прошириме оваа мисла и ќе кажеме: нашата заедничка татковина е културата. Имено, културата, заедничкото национално чувство, е она што сега го поврзува распарчениот македонски народ без разлика во кој близок или далечен дел на светот живее. (…) Ако не го заштитуваме тоа најголемо богатство со будни очи и со храбро срце, ако ни го одземат наврапито и дрско, ќе останеме со празни раце, глуви, неми, слепи. Ќе бидеме сираци на светот, историјата ќе ни биде маќеа. Затоа се собравме денеска, да се видиме, да се изброиме колку сме, како што вели поетот, да го измериме нашиот од, како што вели друг поет, и да зачекориме напред. Им подаваме братска рака на сите културни дејци на Југославија за да ги премостиме сите небиднини, сите миракули и сите симболи на злото, што сакаат да нè повлечат назад, да нè вратат на старите окови и национални срамови, и да го урнат достоинството на човекот, најголемата придобивка на југословенската револуција. Ние сме за левиот марш на историјата!“ – Паскал Гилевски, претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата во време на Вевчанската афера, секретар на РК ССРНМ и член на ДПМ.

„На која кота сме во цивилизацискиот, културниот, хуманистичкиот и демократскиот развој? На кое отстојание сме од остварувањето на класно-револуционерните ослободителни културни цели за да можеме најдобро да ги согледаме патеките на културниот развој што е пред нас? Кои се најзначајните трендови и најактуелните прашања на културниот развој и каде се, какви се и колкави се нашите заемни координати на единствениот југословенски културен простор и нашите универзални комуникации? Каков е односот културно творештво и културна политика?“ – Томе Момировски, писател, претседател на Културно-просветната заедница и некогашен републички секретар за култура.

„Не може да се каже дека за овие 45 години слободен живот и развој во Македонија не се создадоа доволен број имиња на творци во ликовниот и во целокупниот културен живот со потребен авторитет. Напротив, меѓу нив има и голем број моќници, кои станаа дел од политичкиот живот, кои се одвоија од животот и од народот, па не ги интересира ниту неговата судбина, ниту утрешниот живот. Тие се издвоија самозадоволно и себично и ги испомешаа критериумите во творештвото“ – Петар Мазев, сликар и професор на ФЛУ.

„Да се каже дека постоењето на Македонија е историска реалност е малку; треба да се подвлече дека Македонија, како независен национален субјект е историски факт чија основна заштитна аргументација е постоењето на богатото разгрането културно минато и мошне продуктивната сегашност без оглед на кризните периоди низ коишто таа денес поминува. (…) За жал, недостигот на една постаменита национална програма нам ни го забавува историскиот развиток. Сепак, веднаш ќе речеме и ќе подвлечеме: културата тука се јавува како инвентивна и ефикасна дополна, како компензација од посебен вид, надомест на пропуштеното, нестореното, несогледаното, недефинираното. Таа протејска моќ на културата да врши улога на апсолутен надомест во логиката на процесите на националниот развиток е основен факт. Може да се помисли, еднипати, дека македонското гледиште било и во условите на слободен национален развиток, низ некои и неколку етапи од тој развиток, поначесто или доста често замаглувано, лимитирано, блокирано. Бездруго, тогаш и културата била омалуважувана, обеспредметнувана, оставана вон концепти и визии, била дискредитирана. Не е на одмет малку и присеќавање: во нашата меморија останале скромни податоци за моќници коишто ја масакрирале културата на СРМ преку жестока и безмилосна сеча на способни кадри од нејзините широки области, преку демагошки залагања за егалитаризација на творечкиот дух во некакво марксистичко кривогледство (прогласувајќи го физичкиот работник за единствен творец), преку репресијата на анационални високи партиски и државни функционери врз творците што ја одгледуваа националната тема, преку настојбите да ѝ се избрише на СРМ Гоцевиот амблем како антијугословенски белег. (…) Но, денес исто така, и негациите на македонската самобитност и на македонската држава и нација се преместуваат постепено од надвор кон навнатре. Уривањето на Македонија, на нејзината вистина, на нејзиниот стабилитет (економски, политички, културен) почнува да се врши подмолно перфидно, итромански преку нови петти колони и тројански коњи. И тука културата како најслободна територија на духот треба да ги понуди првите прецизни согледби за начинот на македонската самозаштита. Се пласираат јавно поставки за СРМ како банкрот-република, за македонската нација се кажува дека е октроирана, дека е коминтерновско-ватиканска компромисна солуција, дека Македонците во Југославија се паразитска нација, нерентабилна нација, која се храни во јаслите на Федерацијата. Други антимакедонски средишта во Југославија измислуваат жаришта на србофобија во СРМ, за да имаат право на евентуален претекст за каков и да е оправдан облик на агресија и интервенција. Некои наши белградоцентрици им асистираат на овие неубавости преку негации на највредното во областа на литературната уметност кај нас – на Егејската тема. И така си тече проблематиката на нашиот ден и ние си мижиме и се оглушуваме кон многушто од тие недолични закани“ – Гане Тодоровски, книжевник, професор на Филолошкиот факултет и член на МАНУ.

Авторот на овој напис, Владимир Милчин, доби збор по заминувањето на функционерите:

„Собиров на културните работници на СРМ се одржува во време на кулминирањето на кризата во нашата земја која се наоѓа на крстопатот на старото и новото. Хоризонтот е драматично натежнат од најразлични закани кои вознемируваат со мрачната перспектива минатото да ни се врати како иднина. Нашата сегашност е гротескна: одговорите за кои нè убедуваа и речиси нè убедија дека се вечни и универзални, се покажаа како заблуди. Она што долго беше премолчувано, денес добива облик на пцости, а она што беше изговарано на сет глас како парола, денес ни звучи како бесмислица. А сепак, се чини, оваа средина сè уште живее по инерцијата на веќе мртвите канони. Исклучоците, никулците на новото мислење и дејствување само ја потврдуваат превладувачката ориентација која со сите сили се обидува да одржи еден неодржлив статус кво. Таа ориентација, диктирана од политиката, од политичарите и идеолозите, сè уште има свои поддржувачи и навивачи во другите слоеви во општеството, па ги има и меѓу нас, културните работници. Оние кои сè уште ја посакуваат културата како верна придружничка на политиката, без оглед каков алиби нудат за тоа, па и оној за политиката како прв и врховен бранител на националната самобитност, нè прават сите нас да бидеме соучесници во маргинализацијата на Македонија, Македонците и народностите кои живеат во неа. Таа маргинализација направи последниве години да бидеме духовна периферија на Југославија. А Европа е само далечен сон и поради тоа што за некои европеизацијата значи зло, зашто ја загрозува нивната неспособност. Денес за нас Европа е подалеку отколку за Македонците кои живеат во Австралија!

Доминацијата на политичкото над културата остави длабоки лузни во нашата свест која дури во последно време се обидува да го воспостави континуитетот и единството на националната историја и култура како историја и култура на сите Македонци, без оглед на државните граници. Културата само делумно го компензираше недостигот на интерес на политиката за судбината, чувствата и самосвеста на Македонците надвор од СРМ. Таа рамнодушност беше диктирана од една инфериорна политика чија главна преокупација беше во самите поданици да всадува чувство на задоволство и усреќеност дека живеат во најсовршениот од сите светови под раководството на оние чија далекувидост и мудрост ја укинува потребата и должноста и ние поданиците критички да размислуваме за овој малечок свет. Оттука, за нас до вчера беше особено важно на врвните културни манифестации да присуствуваат и функционери од трет ранг. Зар не се срамиме од тоа што слушаме изветвени и излитени говори пред настапите на најголемите поети од сиот свет? Зар поезијата не беше навредена од присуството на општинските силеџии во почесните редови на Струшките вечери на поезијата?

Треба да докажеме дека оваа трибина е слободна, треба да ја освоиме таа слобода, а тоа значи и да си ги признаеме и сопствените заслуги и грешки, превозмогнувајќи ја патетиката и мелодраматичноста на романтичарското и соцреалистичкото кои и денес овде прозвучуваат во една одамна видена стиропорно-ботаничка сценографија. Се прашувам: дали навистина го препознаваме времето во кое живееме?“

Раѓањето на невладиниот сектор

По краткотрајната и задоцнета епизода со Здружението за југословенска демократска иницијатива (УЈДИ), чија подружница во Македонија беше формирана во октомври 1989 година, интелектуалците одиграа водечка улога во формирањето бројни невладини и непрофитни организации во кои членуваа граѓани од сите националности. Приоритети беа признавањето од страна на Европската заедница и внатрешната интеграција на мултиетничката и мултикултурната Македонија. Во ноември 1992 година во Охрид се собраа повеќе од 400 учесници на Меѓународната мировна конференција во организација на Хелсиншкиот парламент на граѓаните и Постојаната конференција на локалните и регионалните власти во Европа. Еден од заклучоците беше барањето за итно признавање на Македонија кое не беше поддржано само од учесниците од Грција.

Раскин

Селекторката Вида Огњеновиќ за Стерииното позорје 1992 година ги одбра претставите „Чернодрински се враќа дома“ на тандемот Горан Стефановски Слободан Унковски во изведба на скопскиот Драмски театар и праизведбата на „ЦЗ“ од Биљана Јовановиќ во режија на Владимир Милчин во изведба на Битолскиот народен театар. Двата македонски театри во април 1992 година го откажаа учеството на Позорјето. Југославија во распаѓање стана воено боиште. Театрите од веќе независната Македонија, која тогаш мнозина ја сметаа за оаза на мирот, не можеа да го игнорираат крвопролевањето во пожарот кој го запали Милошевиќ. Сојузот на суверени држави од вториот дел на референдумското прашање веќе не беше можен.

Епитаф

„Епитаф за она што го снема од мапите. Безбројни се шансите за ропство, никакви за слобода. Надворешните ѕидови се уриваат, па што­? Никнуваат нови, внатрешни, цврсти ѕидови длабоко во нас. Илузиите привлекуваат, слободата плаши и одбива. Ерупција на слободата? Ни се откри како најкус пат од еден во друг затвор. Централниот затвор има ѕидини, но нема граници. Тие кои ќе побегнат по неговото уривање, ќе го расеат семето на неслободата: сонот на жртвата да биде џелат.“ (Од драмата „ЦЗ“ на Биљана Јовановиќ).

Поврзани содржини