НЕЗАВИСНИТЕ ЌЕ ИМ ГО ЗЕМАТ И ТОА МАЛКУ ШТО ИМ ОСТАНА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТИТЕ Формирањето на партијата „Независни заедно“ е лоша вест за СДСМ
По укинувањето на спорните одредби од Изборниот законик, дел од најгласните независни иницијативи наместо да настапат како индивидуални листи, решија да се регистрираат како политичка партија. Одлуката ја правдаат со недоверба кон институциите и страв од нови „игри“ во последен момент, но аналитичарите предупредуваат дека нивното гласачко тело најмногу ќе се прелее од СДСМ и практично тоа ќе ја докрајчи партијата на Венко Филипче.
По долгомесечните притисоци, јавни апели и политички битки за укинување на обврската за собирање потписи и право да учествуваат на локалните избори како независни листи, дел од најгласните граѓански иницијативи и невладини организации направија изненадувачки пресврт.
Наместо да се подготвуваат за настап како независни кандидати, тие тргнаа кон формирање политичка партија.
Причините што ги наведуваат се недоверба кон институциите, страв од нови измени „во последен момент“ и потреба од правна сигурност дека нивното учество нема да биде оспорено.
Но, овој чекор отвора и серија прашања: зошто, откако ја постигнаа целта за која се бореа, сега одлучуваат да станат дел од политичкиот систем што со години го критикуваа?
И дали со тоа ќе ја зајакнат граѓанската алтернатива или, напротив, ќе придонесат за уште поголемо раздробување на оној мал, но значаен изборен базен кој традиционално им припаѓа на помалите партии и на независните гласови?
Правилата се менуваат
Најгласните независни групи, како „Зелен хуман град“, „Шанса за Центар“ и „Независни за Карпош“, одлучија да не ја прекинуваат својата мисија да собираат потписи – не за кандидатури, туку за регистрација на политичка партија.
Новата платформа „Независни заедно“ веќе има конкретна цел: минимум 1.000 потписи и формален влез во партискиот регистар. Причината? Недоверба – и кон институциите, и кон процесот.
Според резултатите од анкетите што ги прават поголемите политички партии може лесно да се воочи дека сме на добар пат и дека уште сега сееме страв на политичката сцена.
Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ вели дека последните настани само ја потврдиле перцепцијата дека партиите во Собранието и нивните луѓе во институциите и понатаму се однесуваат несериозно, менувајќи ги правилата од ден за ден.
– Денеска важи едно, утре друго – може ќе се среди, може нема, може ќе има закон, а може и нема. Затоа сметаме дека единствен начин да си обезбедиме учество на локалните избори е да ја формираме оваа политичка партија. Тоа е нашиот пат напред, за никој повеќе да не си игра со нас – појаснува Јовановски.
Сличен став дели и Јана Белчева од „Шанса за Центар“, која во разговор за Плусинфо вели дека според реакциите на поголемите политички партии се препознава дека новоформираната политичка партија составена од независните уште сега котира високо во анкетите.
– Ние немаме пари за да плаќаме агенции за да ни го мерат рејтингот, но според резултатите од анкетите што ги прават поголемите политички партии може лесно да се воочи дека сме на добар пат и дека уште сега сееме страв на политичката сцена. Како и да е, моравме да се одлучиме на овој чекор само за да се заштитиме себеси и да не дозволиме следниот пат повторно да бидеме манипулирани и изиграни. Сметам дека ова е храбар чекор, нѐ има навистина во голем број и се надеваме дека ќе забележиме добри резултати на изборите – изјави Белчева.
На прашањето до каде е процедурата со собирање потписи за формирање политичка партија и дали сѐ ќе биде навреме завршено, таа ни одговори дека крајниот рок за доставување на документацијата е 28 август, но признава дека се соочуваат со тешкотии.
– Прво, многу е жешко и на луѓето не им се излегува од дома. Второ, сѐ уште трае екот на летната сезона и многу луѓе се заминати на одмор. Трето, нотарите работат само до 15 часот додека луѓето се на работа и ретко кој може да излезе во текот на работното време… Тешко е, ама ќе успееме, верувам во тоа – истакна Белчева.
Чии гласови ќе се прелеат?
Формирањето на политичка партија составена од невладините организации отвора едно многу важно прашање – од кого ќе црпи гласови?
Одговорот, според политичките аналитичари, е повеќе од јасен:
Најголемиот дел од гласовите што ќе ги освојат независните ќе бидат гласови од опозицискиот СДСМ, која е скоро пред згаснување.
– Ако се формира политичка партија од невладините, таа нема да им земе гласови на големите и стабилни партии, бидејќи тие имаат своја цврста база и јасна структура. Напротив, ваквата иницијатива најчесто црпи поддршка од политичкиот спектар каде што постои слабост – од разочарани гласачи на помалите или нестабилните партии, од оние кои се колебаат или бараат алтернатива. Тоа значи дека ударот нема да биде врз силниот, туку врз оној што веќе има проблем да ја консолидира својата поддршка.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во разговор за Плусинфо смета дека политичката партија составена од независните листи ќе добијат прилично добар дел од гласовите на претстојните локални избори.
– Најголемиот дел од гласовите што ќе ги освојат ќе бидат гласови од опозицискиот СДСМ, која е скоро пред згаснување. Второ, голем дел од гласовите ќе ги земе од независните интелектуалци кои се огромно јадро, а кои не сакаат да бидат ни лево ни десно. И трето, гласови ќе освојат од разочараноста од оние гласачи кои веќе креваат раце од партиите кои веќе 33 години не ги исполнуваат ветувањата – објаснува Пекевски.
Најголемиот губитник на овие локални избори, додава тој, дефинитивно ќе биде СДСМ.
– Партијата на Венко Филипче е веќе мртва партија и не би ме чудело ако во некое догледно време СДСМ се изедначи со Македонски концепт којашто има тројца гласачи или со Демократски сојуз на Павле Трајанов којашто има 300 гласачи. СДСМ ќе го загуби влијанието. Според мене, излезноста на овие избори ќе биде најниска, а независните листи ќе освојат најдобар резултат од нивното постоење – вели Пекевски.
Како и кога настана проблемот?

Проблемот за независните настана откако минатата година беа донесени измени на Изборниот законик, со кои им се наметна повисок законски праг за да се кандидираат на избори.
Имено, наместо 1.000 потписи од избирачи во конкретна изборна единица, на независните кандидати им беше наложено да обезбедат потписи од најмалку 1% од вкупниот број запишани избирачи, доколку станува збор за парламентарни избори.
За локални избори претходно на независните кандидати за градоначалници и советници им се бараа меѓу 100 и 1.000 потписи во зависност од бројот на жители во општината.
По измените на Изборниот законик, треба да соберат најмалку еден процент потписи од вкупниот број на запишани избирачи во општината, односно во Градот Скопје.
Но, во мај Уставниот суд ги укина одредбите кои ги регулираа условите за потребни потписи, а Собранието оттогаш не донесе нови измени. Така се направи правна празнина што го проблематизира учеството на независните кандидати на изборите.