Независен академски синдикат: Да се запре постапката за избор на ректор на УКИМ
Постапката за избор на ректор мора да се одржи во редовни околности, при што покрај легалноста, треба да бидат обезбедени услови за транспарентност и фер претставување на кандидатите на првите непосредни избори за ректор на УКИМ, тврдат од синдикатот.
Независниот академски синдикат бара ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, Никола Јанкуловски, сенаторите на УКИМ, како и проректорите и деканите како членови на Ректорската управа да ја сопрат постапката за избор на ректор во вонредна состојба.
Во соопштението упатено до јавноста, од независниот академски синдикат велат дека постапката за избор на ректор мора да се одржи во редовни околности, при што покрај легалноста, треба да бидат обезбедени услови за транспарентност и фер претставување на кандидатите на првите непосредни избори за ректор на УКИМ.
„Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски ја продолжува постапката за избор на нов ректор во услови на вонредна состојба. Нејасно е брзањето за спроведување избори во кратки рокови, кога Уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба предвидува дека на универзитетските тела и органи кои за времетраењето на вонредната состојба не извршиле избор на нов состав, „мандатот им се продолжува за време на траење на вонредната состојба“. Во време кога поради вонредната состојба кандидатите не можат да ги претстават своите програми, односно гласачите не можат да бидат информирани, а академската заедница е преокупирана со организација на наставата и испитите, нема ни потреба ни услови за спроведување избори за ректор“, се вели во соопштението од Независниот академски синдикат.
На 26 мај е закажана седница на Сенатот на УКИМ, на која на дневен ред е ставена точката за спроведување на тајно гласање, а наредниот ден Сенатот треба да гласа за формирање на Универзитетска изборна комисија.
Синдикатот тврди дека сѐ уште не се знае како ќе се реализира гласањето.
На 28 мај, на седница на Ректорската управа треба да се донесе Одлука за објавување јавен оглас за избор на ректор на УКИМ, во која е предвидено рокот за пријавување на кандидатите да биде само пет работни дена.