НЕЗАПАМТЕН ЕГЗОДУС ОД АЛБАНИЈА Околу 30 отсто од жителите се иселиле, уште половина планираат да заминат
Иако Албанија не е во војна и се смета за „безбедна земја", таа е зафатена од мноштво проблеми. Таа е една од најсиромашните земји во Европа и се бори со корупцијата, проблеми со правосудниот систем и владеење на правото, организираниот криминал и инфраструктурата – пишува Еуроактив.
Според податоците објавени од Форбс, албанските граѓани ја сочинуваат третата по големина дијаспора во светот, со околу 30 отсто од родените во земјата, кои сега живеат надвор од нејзините граници, пишува Еуроактив.
На рангирањето на Форбс, Албанија е трета со околу 1,2 милиони имигранти, бројка која ја става земјата над Сирија, Молдавија и Ерменија. Двете земји кои ја надминуваат Албанија се Босна и Херцеговина со 34 отсто граѓани кои сега живеат во странство и Гвајана со 36,4 отсто.
– Миграцијата претставува голем ризик за Албанија, каде повеќе од половина од нејзиното население сака или планира да замине, пишува Еуроактив.
Покрај тоа, масовниот егзодус на млади и образовани луѓе резултираше со значителен недостиг на работна сила на пазарот на труд, особено се угостителството, туризмот, производството и земјоделството, пренесува Топ чанел.
Дополнително, продолжува написот, постои загриженост дека многу луѓе нема да плаќаат социјално осигурување, што ќе резултира со дефицит во блиска иднина и проблеми со исплата на пензии, социјална помош и покривање на трошоците за здравствена заштита и образование.
Во написот се споменува и масовната емиграција на албанските граѓани кон Велика Британија.
При тоа се наведува дека само годинава најмалку 12.000 Албанци, претежно млади луѓе, заминале во Британија, со моторни чамци, за што плаќаат големи износи пари, што предизвика гнев кај британската влада и десничарските медиуми, кои ги нарекоа „криминалци”. Поголемиот број од нив по пристигнувањето побарале азил.
– Иако Албанија не е во војна и се смета за „безбедна земја”, таа е зафатена од мноштво проблеми. Таа е една од најсиромашните земји во Европа и се бори со корупцијата, проблеми со правосудниот систем и владеење на правото, организираниот криминал и инфраструктурата – пишува Еуроактив.
Исто така констатира дека земјата има ниска стапка на криминал во целина, но на оние кои се жртви често им е тешко да најдат правда и на крајот мислат дека немаат друг избор освен да заминат.
Премиерот Еди Рама се изјасни против реториката на омраза искажана против Албанците во Британија. Тој ја обвини британската влада дека ги напаѓа Албанците затоа што влегла во ќорсокак со својата нова политика што произлегува од Брегзит.
– Фактот што немаше извинување покажува дека тоа беше добро пресметан напад – изјави Рама.
Тој рече дека визната либерализација ќе помогне да се намали бројот на луѓе кои доаѓаат илегално, но политиката на владата на Велика Британија е „целосно спротивна”.
Во меѓувреме, британската влада потпиша договор со Франција за спречување на оние кои се обидуваат да го преминат Каналот. Договорот предвидува Обединетото Кралство да ѝ плати на Франција повеќе од 72 милиони евра во следните 12 месеци во замена за 40 отсто зголемување на француските крајбрежни патроли и распоредување дополнителен број офицери.