Незаконското прислушување е злосторство

Секој што мисли дека може да биде воајер на туѓи животи и да решава кој има право на приватност, а кој нема, мора да знае дека тоа е кривично дело. Тоа е злосторство.

69

Македонија повторно живее прислушувачки скандал. Трет, четврти пат веќе никој не брои. Историјата се повторува: „Големото уво“ во 2001, „бомбите“ во 2015, и денес АНБ и Агенцијата за разузнавање. Досега резултатот секогаш е истиот, никој не одговараше. Министри, директори, службеници сите помина без казна или беа амнестирани.

Случајот со поранешниот директор на УБК кој беше осуден на 12 години затвор за незаконско прислушување на над 5.800 телефонски броеви од 2008 до 2015 година е типичен случај како такво сторено злосторство останува неказнето. Неговата пресуда беше предмет на повеќе правни процеси и жалби, што доведе до одложување на конечната извршување на казната. Во меѓувреме, јавноста и медиумите редовно известуваат за неговите правни битки и за неговото влијание над политичките и правосудните структури во земјава. Оваа ситуација ја илустрира длабоката криза и неморал во правосудниот систем на Северна Македонија, каде што и по сериозни пресуди, поединци со моќ и влијание често успеваат да избегнат целосна одговорност. Овој случај и многу други слични во целост ја разнишаа довербата на граѓаните во институциите и ја загрозија основната вредност на правото на приватност.






За да се спречи повторување на вакви злоупотреби, неопходно е да се обезбеди непристрасност и ефикасност на правосудниот систем, како и да се гарантира дека никој, без оглед на својата позиција, нема да е над законот.

Бидејќи досега не научиме ништо од минатото денес, повторно, институциите што треба да штитат злоупотребуваат. АНБ и Агенцијата за разузнавање користеле државни ресурси за лични и политички цели, следејќи опозиција, новинари, обвинители, бизнисмени. Секој што мисли дека може да биде воајер на туѓи животи и да решава кој има право на приватност, а кој нема, мора да знае дека тоа е кривично дело. Тоа е злосторство. Навистина е страшно она што вчера го кажа премиерот Мицковски: „Дали овие луѓе, без доволно цели и мотиви за сопствен живот, се свртеле кон туѓите, мислејќи дека така ќе добијат признание, привилегии или ќе напредуваат во својата кариера?“. Овие (не)луѓе, било да дејствувале самоволно или слепо ги извршувале незаконските наредби, очигледно не разбираат дека со својата моќ не само што ја газат довербата на целата држава, туку предизвикуваат страв, вознемиреност и несигурност кај граѓаните. Тие ги игнорираат законите. Тие ги газат правата. Тие предизвикуваат страв и несигурност.

Контролата, како и секогаш, целосно откажала или не сакала да дејствува. Дали Јавното обвинителство, институцијата што има должност да го запре ова, молчело или намерно заташкувало? Ако институцијата што треба да гони прикрива и не спречува незаконски дејствија, тоа веќе не е само пропуст тоа е соучесништво, директна соработка со неправдата.

Правото на приватност е неприкосновено. ПИМ-мерките (посебни истражни мерки) имаат смисла само кога се легални, контролирани и оправдани. Кога тие се користат за да се притиска и контролира опозицијата, новинарите, обвинителите, тоа е злоупотреба на моќта, тоа е политичка и криминална бруталност и нечовечност и безочност. И овие што ги извршиле или дозволиле овие мерки мора да се соочат со правдата.

Доста е! Нема повеќе амнестии, нема повеќе паравани, нема повеќе замижување. Незаконското прислушување е злосторство. Секој што го извршил, секој што го дозволил, секој што се правел дека не гледа мора да одговара. Државата мора да покаже дека законот важи за сите, а не само за граѓаните, додека елитите се недопирливи.

Ова е последната шанса Македонија да покаже дека е правна држава. Ако сега не се постави крај на оваа пракса, утре повторно по којзнае кој пат секој граѓанин може да биде следен, прислушуван, контролирана жртва и тоа ќе биде злосторство легализирано од сопствената држава.

Доста е со оваа злоупотреба! Колку уште граѓани треба да бидат жртви пред да има правда?

Поврзани содржини