📷 НЕЗАДОВОЛЕН ОД СЕДМАТА ПОЗИЦИЈА Каевски побарал да биде тргнат од пратеничката листа на СДСМ
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски наводно го прифатил барањето на Каевски и на неговото место број 7 во ИЕ1 ќе биде Горан Трајковски, сегашен директор на пазарниот инспекторат.
Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски, незадоволен од позицијата што му била доделена на парламентарната листа побарал неговото име да биде избришано пред почетокот на Конгресот на партијата на кој официјално беа соопштени носителите на листите за претстојните парламентарни избори, дознава ТВ 24. Според листата што ја објави телевизијата, на Каевски му било доделено местото број 7 во Изборната единица 1 во која носител е Димитар Ковачевски. Освен лидерот на партијата, пред Каевски се најдоа уште и Моника Зајкова од ЛДП, Даниела Николова, Бојан Маричиќ, Милена Стевановиќ и Маја Морачанин.

Неофицијално, Ковачевски го прифатил барањето на незадоволниот портпарол на СДСМ, Каевски и на неговото место број 7 во ИЕ1 ќе биде Горан Трајковски, сегашен директор на пазарниот инспекторат.
Според ТВ 24 денешните седници на Централениот и на Извршниот одбор на СДСМ на кои се разгледуваа предложените листи по изборни единици од страна на претседателот на партијата Димитар Ковачевски, се одвивале во тензична атмосфера со бројни реакции од незадоволните членови.
Претходно Клан ТВ објави дека Дарко Каевски и Оливер Спасовски, ја напуштиле седницата на којашто се разговарало за пратеничките листи на СДСМ за изборите на 8 мај, но набрзо потоа Каевски на социјалните мрежи објави дека бил присутен на седницата.
По информацијата дека и потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев ја напуштил седницата на Централениот и на Извршниот одбор на СДСМ, Богоев потврди дека бил присутен и нагласи дека гласал за листите иако не бил на нив.