📷 НЕВРЕМЕТО „БАБЕТ“ ОДНЕСЕ ЧЕТИРИ ЖИВОТИ Силни ветрови и поројни дождови предизвикаа застој во сообраќајот во повеќе делови од Европа

Траектите и возовите не сообраќаат во погодените области во Германија, Данска и во јужна Шведска, луѓето се евакуирани од домовите и камповите во тешко погодените области во Данска, а во Велика Британија затворени неколку главни патишта и железници, како и аеродромот Лидс-Бредфорд.

696

 

Силно невреме придружено со ветер и обилни врнежи во Велика Британија, северна Германија и јужна Скандинавија предизвика поплави, евакуација на жителите, прекин на електричната енергија и на сообраќајот. Невремето „Бабет“ досега однесе четири животи.






Од четвртокот четири лица ги загубија животите во невремето „Бабет“, соопшти британската метеоролошка служба.

Последната жртва е 33-годишна жена чиј автомобил во петокот бил погоден од дрво на островот Фехман во Балтичкото Море, јави германската новинска агенција ДПА. Другите три смртни случаи од невремето биле регистрирани во Англија и Шкотска.

Силните налети на ветерот го подигнаа морето на јужните брегови на Балтичкото Море, така што водата ги урна браните за заштита од поплави во Данска и во северна Германија.

Во Фленсбург, германски град јужно од границата со Данска, нивото на водата се зголеми за повеќе од два метра, што е највисоко во последните 100 години, објави ДПА. Струјата во поплавените делови од градот е исклучена од безбедносни причини.

Траектите и возовите не сообраќаат во погодените области во Германија, Данска и во јужна Шведска. На аеродромот во Копенхаген до вчера беа откажани 142 лета.

Луѓето се евакуирани од домовите и камповите во тешко погодените области во Данска и многумина се без струја. Општина Хадерслев во јужна Данска одлучи да го евакуира целото крајбрежно подрачје.

„Ситуацијата на брегот сега е толку сериозна што е премногу опасно да се остане таму. Погодените подрачја се евакуирани и работат итните служби“, соопшти синоќа општинската администрација.

Данскиот метеоролошки институт предупреди на силен ветер и висок водостој за време на викендот.

Во Шкотска, прогнозите најавуваат обилни врнежи, а неколку градови се под нависоко црвено метеоролошки предупредување.

Невремето предизвика прекини и застој низ Велика Британија каде се затворени неколку главни патишта и железници, како и аеродромот Лидс-Бредфорд во северна Англија.

Поврзани содржини