НЕВРЕМЕ СО СИЛЕН ВЕТАР СО БРЗИНА НАД 60 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС Многу дожд за кратко време, громови и град
За утре е издадено жолто предупредување за невреме со пороен дожд и со грмотевици, а од задутре следува период на претежно стабилно време, најавува Управата за хидрометеоролошки работи.
Управата за хидрометеоролошки работи и за утре издаде жолто предупредување за невреме со пороен дожд и со грмотевици.
„Утре на повеќе места ќе биде нестабилно поинтензивни, во форма на невреме, со пороен дожд и со грмежи. Локално врнежите ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време, над 20 литри на квадратен метар. Ќе дува засилен ветер со брзина од над 60 километри на час. Ќе има услови за изолирана појава на град“, се вели во предупредувањето од УХМР.

Најстудено ќе биде во Берово и во Маврово, со утринска темература до 12 степени. Најтопло ќе биде во Скопје, Струмица и во Велес, со максимална температура до 35 степени Целзиусови.

Од задутре следува период на претежно стабилно време. До недела ќе дува слаб до умерен северен ветер, а од понеделник ветерот ќе го смени правецот во јужен. Температурите ќе бидат во пораст.

Алармите за предупредување на населението од временски непогоди се издаваат во жолта, портокалова и во црвена боја и се дел од системот за метеопредупредувања во Европа. Жолт аларм значи умерена опасност од временските прилики, со можност за умерени последици по околината, портокалов значи дека опасноста е голема, а црвениот аларм предупредува за екстремна опасност, со можност за катастрофални последици по луѓето, нивните имоти и по околината.
Алармите се издаваат за различни временски прилики и појави: за ветер, дожд, горештина, студ, снег, мраз, грмотевици, крајбрежни настани, шумски пожари, лавини, поплави, порои, опасности на море и за суша.