НЕВРЕМЕ ГО ПАРАЛИЗИРА НОВ ЗЕЛАНД Илјадници без струја, летови откажани, запрени фериботи и возови

Силно невреме го погоди Северниот Остров на Нов Зеланд, прекинувајќи летови, возови и фериботи и оставајќи повеќе од 30.000 корисници без струја, најмногу во Велингтон.

131

Силни дождови и бурни ветрови денеска го погодија Северниот Остров на Нов Зеланд, предизвикувајќи сериозни нарушувања во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија. Илјадници домаќинства и компании останаа без струја, а делови од патната мрежа беа затворени.

Поголемиот дел од летовите до и од главниот град Велингтон беа откажани или одложени во утринските часови, соопштија аеродромските власти. Националниот авиопревозник „Air New Zealand“ ги суспендираше летовите кон и од аеродромите во Велингтон, Нејпиер и Палмерстон Норт, јавуваат локалните медиуми.






Покрај воздушниот сообраќај, прекинати беа и дел од железничките линии и фериботските врски, што дополнително го отежна движењето на населението.

Според официјалните информации, повеќе од 30.000 станбени и индустриски корисници останале без електрична енергија, од кои речиси 10.000 во Велингтон. Надлежните служби работат на отстранување на дефектите, но предупредуваат дека временските услови ја отежнуваат интервенцијата.

Властите апелираа граѓаните да избегнуваат непотребни патувања, а неколку училишта во погодените области останаа затворени.

– Имавме многу тешка ноќ и нашите пожарникари сè уште реагираат на повиците – изјави шефот на Националната служба за вонредни ситуации, Кен Купер.

Тој додаде дека повеќе од половина од вкупно 852 повици примени во текот на ноќта биле од областа на Велингтон.

Надлежните најавуваат внимателно следење на состојбата и ги повикуваат граѓаните да ги почитуваат безбедносните препораки додека трае невремето.

Поврзани содржини