„НЕВИСТИНИ ЗА ЦЕНАТА НА ПРУГАТА“ Од Железници ја демантираат вчерашната пресконференција на Министерството за транспорт и врски
Стоиме на располагање на целокупната јавност и надлежните институции за дополнителни појаснувања и увид во релевантната достапна документација, со што ќе се потврди законитоста во работењето на ЈП ЖРСМ Инфраструктура. Има светло на крај од секој тунел што е изграден од ЈП ЖРСМ Инфраструктура !!!, се вели на крајот на опширниот демант на претпријатието во кој се дадени детали за проектот за пруга од Крива Паланка до Бугарија.
ЈП ЖРСМ Инфраструктура ги демантираше вчерашните наоди на Александар Николоски, новиот министер за транспорт и врски во врска со цената за пругата до Бугарија и наводите дека проектот води во тунел. Во продолжение го пренесуваме демантот на јавното претпријатие:
„ЈП ЖРСМ Инфраструктура во целост ги демантира изнесените наоди во текот на вчерашната прес конференција на Министерот за транспорт и истите претставуваат манипулација на јавноста или непознавање на проблематиката.
Во однос на невистинитата спектакуларна констатација за цена по километар пруга, би сакале да појасниме дека наведениот износ не е проценка, туку финансиска конструкција на проектот.
Финансиската конструкција не се однесува само на цена по километар пруга, туку на пет компоненти од проектот и тоа: техничка помош, надзорен инженер, градежни работи, сигнализација и телекомуникации, како и електрификација на В9км пруга од Куманово до граница со Р. Бугарија.
Проценетата вредност на проектот за изградба на новата железничка делница од Крива Паланка до граница со Република Бугарија е изработена од страна на еминентни меѓународни консултантски компании ангажирани преку грантовски механизми поддржани од нашите меѓународни стратешки партнери, а не од ЈП ЖРСМ Инфраструктура.
Финансиската конструкција утврдена од меѓународните консултанти за овој проект е составена од најголемиот МИВТЕ грант во историјата на нашата држава во износ од 155,5 милиони евра, РА грант од 60,765 милиони евра и заеми од ЕИБ и ЕБОР кои се донесени во Собранието на Република Северна Македонија и успешно изгласани на 11.12.2023 година од страна на 90 пратеници, без против и воздржани гласови.
Дополнително, би сакале да потенцираме дека горенаведениот проект ќе биде имплементиран од страна на ИПА оперативната структура во кое Министерство за финансии – Секторот за централно финансирање и склучување договори (ЦФЦД) ги има обврските на „договорен орган”, Министерството за транспорт и врски е „корисник“, а Јавното претпријатие за железничка инфраструктура е „краен корисник”. Улогите и одговорностите на трите институции се регулирани со Оперативен договор за секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020 година, според кој ЦФЦД ја има одговорноста за спроведување на тендерските постапки, склучување на договори и вршење на исплати за активности финансирани од ИПА програмата. Во овој случај, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура како „краен корисник“ ги презема и ги извршува навремено сите обврски кон дадениот проект само од технички аспект за кои е надлежно според Оперативниот договор.
Исто така, во однос на рушењето на 16 куќи и раселување на жителите на Крива Паланка, би сакале да потенцираме дека јавната расправа успешно е завршена во текот на 2025 година, а соодветната документација е одобрена и достапна на веб-страната на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
Јавното претпријатие работи врз основа на важечките закони и прописи, заедно со сите инволвирани државни институции, меѓународните кредитори и Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Стоиме на располагање на целокупната јавност и надлежните институции за дополнителни појаснувања и увид во релевантната достапна документација, со што ќе се потврди законитоста во работењето на ЈП ЖРСМ Инфраструктура.
Има светло на крај од секој тунел што е изграден од ЈП ЖРСМ Инфраструктура !!!“
Со почит,
м-р Зоран Трифуновски
Директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје