📽️ НЕВИДЕНА СЦЕНА ВО АНГЛИСКИТЕ УЧИЛИШТА Наместо на часови, децата во дресови и со знамиња ја славеа драмата против Мексико
Во неколку британски училишта наставата започна невообичаено – учениците наместо на часови, заедно ја гледаа драматичната победа на Англија од 3:2 над Мексико на Светското првенство, без однапред да го знаат резултатот.
Додека низ Англија сè уште се слави драматичната победа на националната репрезентација над Мексико со 3:2 на Светското првенство, понеделничкото утро во голем број училишта изгледаше сосема поинаку од вообичаено.
Наместо учебници и редовни часови, учениците ги исполнија училниците во дресови на Англија, со насликани знамиња на лицата и со едвај скриена возбуда додека заедно го гледаа натпреварот. Атмосферата во училниците беше пренесена во утринската програма на Би-Би-Си.
Бидејќи дуелот започна длабоко по полноќ по британско време, повеќето деца спиеја и не успеаја да го следат во живо. Затоа, неколку училишта решија да организираат нешто што учениците долго ќе го паметат – целосна реприза на натпреварот, без никој претходно да им го открие конечниот резултат.
Во основното училиште „Малмсбери“ стотици ученици утрото пристигнале без да знаат кој победил. Директорот и наставниците дури избегнувале да читаат вести и да гледаат во мобилните телефони за никој случајно да не го расипе изненадувањето.
Во училниците владеела атмосфера како на вистински стадион. Речиси стотина деца во еден момент едногласно скандирале „Англија, Англија“, бурно реагирале на секоја судиска одлука и со огромен аплауз го прославувале секој напад на „Трите лава“.
View this post on Instagram
Вистинска експлозија од емоции следувала кога Џуд Белингем за помалку од две минути постигнал два гола и ја довел Англија во водство. Во училниците се слушале врисоци, аплаузи и навивачки песни, а дел од учениците признаа дека тоа било многу поубаво отколку натпреварот да го гледале дома.
– Неверојатно е! – рекол еден ученик по завршувањето на репризата.
– Белингем даде два гола за речиси половина минута. Ова беше фантастично – додаде негова соученичка.
Друг ученик признал дека повеќе уживал што натпреварот го гледал со своите другари отколку со родителите.
Слична атмосфера владеела и во основното училиште „Сент Лук“ во Ворксоп, каде наставата започнала без училишни униформи. Наместо нив, учениците носеле дресови на Англија, шалови и реквизити во националните бои, а многумина на лицата имале исцртано англиско знаме.
Фудбалската еуфорија не останала само во училиштата. Во фабрики, магацини и дистрибутивни центри работниците го следеле натпреварот додека биле на смена, а некои родители дури ги разбудиле своите деца среде ноќ за заедно да ја прослават победата.
Херојот на Англија Џуд Белингем, кој со двата брзи гола го отвори патот кон четвртфиналето, на шега им порача на навивачите: „Испратете им порака на шефовите дека денес нема да дојдете на работа“.
По ваквото утро, малкумина ученици ќе го паметат понеделникот по редовните часови. За нив ова беше ден кога училиштето се претвори во мал „Вембли“, а фудбалот уште еднаш покажа дека може да обедини цела нација.
View this post on Instagram