НЕВЕРОЈАТНО ОТКРИТИЕ ОД ГРОБНИЦАТА НА ТУТАНКАМОН Кои се мумифицираните девојчиња закопани заедно со фараонот?
Предметите кои се откриени во неговата гробница им дале можност на археолозите и на истражувачите да решат бројни мистерии од древниот свет.
Постојат многу други фараони кои биле моќни и истакнати во текот на своето владеење, но кога зборуваме за слава стекната во модерно време, односно од 1922 година, Тутанкамон е на самиот врв.
Откако неговата неограбена гробница е откриена во Долината на кралевите, место каде што во период од скоро 500 години – од 16 до 11 век пред нашата ера – била изградена гробница за фараони, интересот за ликот и делото на Тутанкамон е сè поголем и поголем.
Предметите кои се откриени во неговата гробница им дале можност на археолозите и на истражувачите да решат бројни мистерии од древниот свет.
Долг е списокот на предмети (богатство) кои се откриени во гробницата, а кои биле наменети за да му помогнат на фараонот во текот на неговото патување на „оној свет“.
На тој список, со големи букви, е испишано и едно откритие кое со години ги интригирало истражувачите. Имено, две мумифицирани бебиња од женски пол лежеле во истата просторија каде што лежел и Тутанкамон. Текот на овие истражувања, како и резултатите, конечно се претставени во документарниот филм „Secrets: Tut’s last mission“, кој е прикажан на каналот „Smithsonian Channel“.
Мумифицираните тела на бебињата биле совршено сочувани, а нивните остатоци денес се чуваат во музејот во Гиза.
Кои се тие и зошто биле погребани заедно со фараонот?
ДНК анализата на бебињата ги зачудила научниците, откако резултатите покажале дека двете девојчиња најверојатно биле ќерки на Тутанкамон.
Едното девојче починало кога имало само четири месеци, а другото починало на самото раѓање.
– Во древниот свет постоела висока стапка на морталитет, па иако е потресно, откритието не е зачудувачко. Сепак, извонредно е тоа што двете девојчиња се многу внимателно мумифицирани и ставени се во ковчег во истата гробница со нивниот татко, а тоа не била вообичаена пракса – рекла професорката Салима Икрам, египтолог од Американскиот универзитет во Каиро.
Иако многумина биле зачудени, египтологот Џојс Тилдслеј верува дека постои објаснување за тоа што било направено.
Тој смета дека старите Египќани биле посветени на погребалните ритуали и долго време се подготвувале за задгробниот живот. Имале неколку планови како да си обезбедат благосостојба на „оној свет“, па ако едниот не бил успешен, тогаш секогаш имале резервен.
– Тутанкамон бил многу богат фараон и можел да изгради гроб за своите ќерки доколку го сакал тоа. Па така, фактот дека неговото тело било погребано заедно со телата на двете девојчиња, сугерира на тоа дека постоела и ритуална причина, а не само емотивна – објаснил Тилдслеј.
Во древната египетска уметност, жените и девојките кои често биле сметани за заштитнички, претставени се како стојат покрај своите татковци или сопрузи.
Според мислењето на египтологот Џојс, тие претставувале повеќе од обични амајлии за среќа, односно тие биле активни учесници во патувањето на фараонот низ подземниот свет.