НЕВЕРОЈАТНО НО ВИСТИНИТО Дури 95% од обвиненијата во Македонија завршуваат со осудителни пресуди, само 1,7% со ослободителни!
За споредба, во Канада процентот на осудителни пресуди е 62%, во Велика Британија е околу 80%, во САД се движи од 59% во Флорида до 84% во Тексас. Само руските и кинеските обвинителства се „поефикасни“ од нашите.
Извештајот за работата на Јавното обвинителство за 2020 година открива традиционална неверојатна ефикасност на оваа институција – од сите судски постапки што ги водела во 2020 година, дури 95% ги добива со осудителни пресуди, пишува адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска на Фејсбук.
Одбраната успева да обезбеди ослободителна пресуда во само 1,7%. Останатите проценти се на судски опомени, повлечени обвиненија и друго.
Овие податоци уште една година по ред покажуваат дека Јавното обвинителство, помогнато од полицијата која му помага во прибирање докази, „е неверојатно ефикасно, дека речиси сѐ што сработуваат со полицијата го сработуваат максимално професионално, без грешка која би била успешно предизвикана во судска постапка, сите права и процедури се секогаш обезбедени максимално, надвор од разумно сомневање (стандард и согласно нашето право) се прибрани ‘несоборливи докази’ (Гордана Јанкулоска, на времето) и сето ова придонесува за 95% осудителни пресуди донесени од страна на судот“, коментира Јошевска Анастасовска.
За споредба, додава таа, полицијата и обвинителството не се „толку ефикасни“ и прават грешки во држави како Канада, САД, Велика Британија и истите можат да им позавидат на нашиве.
На пример, во Канада процентот на осудителни пресуди е 62%, во Велика Британија е околу 80%, во САД се движи од 59% во Флорида до 84% во Тексас.
„Сите овие држави имаат очигледно помалку ефикасна полиција и обвинителство од нашето, па не успеваат да го убедат судот почесто да носи осудителни пресуди. Единствено поефикасни од нас од големите се обвинителствата на Русија и Кина со 99% осудителни пресуди“, коментира адвокатката.
„Не сум чула да се направи сериозна анализа за тоа како е можно да зборуваме за неефикасност и постојано да бараме реформа на обвинителството и на полицијата, а тие да испорачуваат традиционално вакви неверојатни резултати и како е можно систем со толку недостатоци, корупција и недоследности во постапувањето да е подобар од развиени судско-обвинителски системи со силна традиција на due process?!“, пишува таа на Фејсбук.
Со други зборови, извештајот уште еднаш покажа дека граѓанинот треба да се плаши да не биде ставен „на лента“. „Шансите му се 1,7%!“, коментира Јошевска Атанасовска.