НЕВЕРОЈАТНИ 42 МИЛИОНИ ЖИТЕЛИ Еве кој е најнаселениот град на светот

Девет од 10-те најнаселени градови во светот се наоѓаат во Азија.

0

Светот има нов најнаселен град. Главниот град на Индонезија, Џакарта, е на врвот на листата на која доминира Азија. Според новиот извештај на Обединетите нации, Џакарта е на првото место, пред главниот град на Бангладеш, Дака.

Со проценето население од речиси 42 милиони, Џакарта убедливо се искачи на врвот. На претходната листа од 2018 година градот беше рангиран на 33. место, а јапонската метропола Токио беше најнаселениот град.






Сепак, прашање е колку долго Џакарта ќе го задржи водството. Дака моментно има население од 36 милиони и се очекува да стане најнаселен град во светот до средината на векот.

Тоа е знак за брзите промени што се случуваат низ целиот свет, со порастот на густо населените мегаградови, пишува Ен-Би-Си Њуз. Речиси половина од 8,2 милијарди луѓе на планетата сега живеат во градови, според извештајот „Перспективи за светска урбанизација 2025“, што е двојно повеќе од бројот на жители во урбаните средини во изминатите 75 години.

Листа на 10 најнаселени градови во светот:

Џакарта (Индонезија) – 41,9 милиони
Дака (Бангладеш) – 36,6 милиони
Токио (Јапонија) – 33,4 милиони
Њу Делхи (Индија) – 30,2 милиони
Шангај (Кина) – 29,6 милиони
Гуангжу (Кина) – 27,6 милиони
Каиро (Египет) – 25,6 милиони
Манила (Филипини) – 24,7 милиони
Калкута (Индија) – 22,5 милиони
Сеул (Јужна Кореја) – 22,5 милиони

Девет од 10-те најнаселени градови во светот се наоѓаат во Азија. Единствен исклучок е египетскиот главен град Каиро, кој е на 7. место со население од 25 милиони луѓе, што двојно повеќе од населението на Њујорк.

– Урбанизацијата е дефинирачка сила на нашето време. Кога се управува инклузивно и стратешки, таа може да отклучи трансформативни патишта за климатска акција, економски раст и социјална еднаквост  – рече Ли Јунхија, потсекретар на Обединетите нации за економски и социјални прашања.

Во 1975 година имаше само осум мегаградови, според дефиницијата за град со население од најмалку 10 милиони луѓе. Оваа година, тој број пораснал на 33, од кои 19 се наоѓаат во Азија. Лос Анџелес и Њујорк се единствените два мегаграда во Соединетите Американски Држави, според извештајот.

– За да се постигне балансиран територијален развој, земјите мора да усвојат интегрирани национални политики што ги хармонизираат домувањето, користењето на земјиштето, мобилноста и јавните услуги во урбаните и во руралните области – истакна Ли.

До 2050 година, во светот може да има повеќе од 15.000 градови, од кои повеќето ќе имаат помалку од 250.000 жители. Проекциите на ОН покажаа дека Дака веројатно ќе биде најнаселениот град во светот со 52,1 милиони жители до 2050 година, а населението на Токио ќе се намали за 2,7 милиони, што го одразува стареењето и демографската криза на Јапонија.

Џакарта, пак, е град што е склон кон земјотреси и поплави, пренаселен е, загаден и – брзо тоне. Во август 2019 година тогашниот индонезиски претседател Џоко Видодо објави дека главниот град на земјата ќе се пресели во Нусантара, на друг остров, оддалечен 1.200 милји, во Борнео.

Сепак, преселувањето се соочува со тешкотии, вклучувајќи доцнења во изградбата, недостаток на странски инвестиции и проблеми во управувањето со земјиштето и со сопственоста.

Поврзани содржини