НЕВАЖЕЧКИ БИЛЕ 139 ЛИВЧИЊА Филипче доби 18.001 глас за претседател на СДСМ

730

Венко Филипче официјално е избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на внатрепартиските избори, на кои тој беше единствениот кандидат.

Претседателот на централната изборна комисија Бранко Георгиевски рече дека од 23.712 запишани избирачи, вкупно гласале 18.140 односно 76,5 проценти од активно регистрираните членови.






– За Филипче гласале 18.001 избирачи, додека неважечки ливчиња имало 139 – изјави Георгиевски.

Филипче по изборот се заблагодари за довербата на членовите и посочи дека се подготвуваат за локалните избори, како и за борба со владата.

– Ова не е само моја победа, туку заедничка победа, на сите членови на СДСМ кои искрено веруваат во правичноста, напредокот, еднавкоста. Тоа што добив двојно повеќе гласови од претходниот пат е потврда дека нашата интензивна работа дава резултат. Ова е доказ дека изборниот процес не е технички организиран, туку членовите веруваат во нашите политики. Ќе продолжиме со отворен дијалог, со вклучување на нови луѓе, со создавање нова генерација на политичари кои ќе ги промовираат вредностите на социјалдемократијата.Од овие избори пораката е јасна: СДСМ не само што не се предава, туку се зацврстува, се подготвува и ќе биде клучен играч во новата политичка фаза што доаѓа – рече старо-новиот лидер на СДСМ.

Тој нагласи дека првата борба се локалните избори и најави дека почнуваат со анкети помеѓу членството, но и меѓу граѓаните.

– Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе нѐ претстават, луѓето кои ќе имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите пријатели и познаници, луѓе на кои ќе може да се верува дека ќе ги исполнат програмите. Ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ. За жал, нивните градоначалници не ги водат општините како што треба, нема проекти за доброто на граѓаните – рече Филипче.

Тој додаде дека втората борба е борбата со владата на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.

Поврзани содржини