Неуспешен обид за закон за родова еднаквост
Родовите по својата природа не можат да бидат еднакви, зашто се различни. Може и треба да бидат рамноправни, а еднакви во правата и можностите. Насловот на дел од нашите сограѓани им асоцира на обид на државата да ги поништи разликите помеѓу жените и мажите и да промовира родово неутрални суштества, како правило и законска обврска. Се разбира дека не е тоа целта, тоа е само индивидуална перцепција, но од голем број индивидуални перцепции се креира јавно мислење кое е негативно.
Изготвувачите на Закон за родова еднаквост добиле нерешлива задача – да спојат два закона во едно. Така, од два добри закона, добиле неуспешен ОБИД за закон. Законот за еднакви можности на жените и мажите и Законот за спречување и заштита од дискриминација се донесени со транспонирање на европски директиви во македонското законодавство. Тие функционираат онолку колку што се силни институциите, па поголема ефективност треба да се бара преку институционално јакнење и подигање на свеста, а не преку поништување на законите и правење некаков НАД-ЗАКОН.
Секој закон мора да има јасни цели, целни групи, логична структура и системска поставеност. Овој текст нема ништо од тоа, речиси секој нареден член е негација на претходниот, па не е можна ни издржана поединечна анализа. Наизменично ги спомнува час жените, час сите други лица по род. Поставувајќи си за цел да ги заштити и унапреди положбата на жените и на ЛГБТ лицата во општеството, што е легитимно како општа цел, прави неуспешна компилација на одредби од двата закона.
Па така, во делот на мерките предлага нова примена на терминот род и родов идентитет, нова статистика по род, нова пропорционална застапеност за вработување итн. Притоа, загазува и во можноста за избор на родов идентитет кај децата и малолетните лица под 18 години. И тука веќе предложениов текст станува сериозно проблематичен, затоа што се имплицираат мерки и механизми за еден вид промоција на преиспитувањето на половиот идентитет од мали нозе и внесување нестабилност во детскиот развој, кој и по својата природа е комплексен(!).
Со ваков предлог-текст и укинување на законот за еднакви можности на жените и на мажите, се гази по женската борба за рамноправност и се разблажува со други агенди, како да е небитна. Се поништува женското движење за еманципација на сите жени од различно културно милје, за излез од патријархатот и активно вклучување во развојот на државата. Со ваков текст се наштетува и на движењето за правата на ЛГБТ лицата за достоинствен живот, па се фрлаат во вртлог на зовриени страсти, поттикнати предрасуди, говор и акти на омраза. Овој обид за закон е штетен уште сега, распалува идеолошки борби и негативни чувства, со огромен потенцијал за нов конфликт во општеството, кое е доволно поделено по многу основи.
Законот за еднакви можности на жените и мажите беше донесен во 2006 година, како резултат на борбата на жените во Македонија за рамноправност во сите аспекти на живеењето. Во него беа вградени стручната експертиза од Министерството за труд и социјална политика со Елена Грозданова како тогаш одделенски раководител, силното лобирање на Македонското женско лоби како широка мултисекторска женска мрежа и едногласната поддршка од Клубот на пратенички. Најголеми резултати даде во политичката рамноправност, каде што се достигна речиси паритетен однос преку родовите квоти, но и во изградбата на т.н. родова машинерија по институциите (координатори и локални комисии за еднакви можности). Притоа, зборот род беше употребен за да се објасни општествената улогата на жената низ историјата и нејзиното потчинето место во патријархатот.
Борбата на жените е обременета со доволен товар од стереотипи и предрасуди, за да мислиме дека е завршена и треба да се напушти. А со овој предлог-текст всушност се напушта женската борба од страна на државата, како нешто недоволно битно за да ѝ се посвети еден закон. Па се завиткува во слоеви од други борби, кои не се помалку важни, но вака измешани, губат на јасност и јачина, а ќе страдаат и жените и ЛГБТ лицата. Ако е потребно да се направи посебен закон, лекс специјалис за некоја категорија, нека се направи. Или нека се дополни законот за недискриминација и други закони што ги тангираат. Но не ги мешајте лончињата, не го намалувајте значењето на женската борба, на борбата на половина од популацијата!
Несоодветен е и предизвикува реакции уште самиот термин „родова еднаквост“ во насловот, според буквален превод на англиското gender equality. Родовите по својата природа не можат да бидат еднакви, зашто се различни. Може и треба да бидат рамноправни, а еднакви во правата и можностите. Насловот на дел од нашите сограѓани им асоцира на обид на државата да ги поништи разликите помеѓу жените и мажите и да промовира родово неутрални суштества, како правило и законска обврска. Се разбира дека не е тоа целта, тоа е само индивидуална перцепција, но од голем број индивидуални перцепции се креира јавно мислење кое е негативно.
Да заклучам. Измешани целни групи, измешани мерки, надлежности на институции. Кога овој текст би станал закон и обврска на државата да постапува според него, би се создал целосен институционален и општествен хаос.
Институционален, зашто нема да знаат службите како да го спроведат, а општествен, затоа што задира во темелите на општествениот поредок каков што го знаеме и во половиот идентитет на човекот, за кој најголем број луѓе имаат јасна претстава. Сметам дека овој текст нема потенцијал со никакви доработки да стане добар и функционален закон, па е најдобро да се повлече.
Ова се моите забелешки на предлог-законскиот текст кој е достапен во моментов за дискусија, а кои ги испратив и официјално до Министерството за труд и социјална политика. Ова е мое лично мислење како граѓанка, застапник за правата на жените и ЛГБТ лицата, како поранешна пратеничка, иницијаторка и активна учесничка во Клубот на пратенички, Лоби групата за ЛГБТ лицата и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Ги наведувам за да нема дилема за моите мотиви и ставови, кои секогаш и биле достапни на јавноста.