Американскиот актер Џони Деп (57) и филмовите во кои тој глуми повеќе нема да се прикажуваат на популарната платформа за стриминг „Нетфликс“ во Америка и Австралија.
„Нетфликс САД“ и „Нетфликс Австралија“ решија да ги избришат од својот каталог сите филмови во кои холивудската sвезда толкува улоги. Причината е судењето што се одржа оваа година помеѓу ѕвездата на „Пиратите од Карибите“ и неговата поранешна сопруга Амбер Херд (34). Деп изгуби правна битка вредна два милиони долари против Амбер Херд и британскиот таблоид „Сан“ откако ги обвини за клевета, затоа што во насловот на еден текст напишаа дека Џони бил „семеен злоставувач“, а Амбер даде изјави за весникот.
Актерот повеќе нема да игра ниту во филмот „Фантастични ѕверови“, бидејќи тоа беше официјалното барање на компанијата „Ворнер брос“ и Џони го исполни нивното барање, па „самоволно“ се повлече од продолжението на франшизата.
Во меѓувреме, фановите на Деп започнаа вистинска кампања на социјалните мрежи во корист на славниот актер со барање од „Нетфликс“ да ги врати сите филмови што ги отстраниле од оваа платформа. „Ова е хорор“, „Срамота“, „Луѓе, што е со филмовите? Не ми се верува дека сте го избришале“, „Тој не го заслужи ова“, се едни од многуте коментари на социјалните мрежи.