НЕТАНЈАХУ НАЈАВИ КРАЈ НА ВОЈНАТА? „Иран веќе не е егзистенцијална закана за Израел“
Премиерот на Израел тврди дека Иран веќе не претставува егзистенцијална закана за Израел. Тој најави продолжување на операциите до целосно исполнување на целите.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Иран повеќе не претставува егзистенцијална закана за Израел, посочувајќи дека во изминатиот месец се постигнати значајни воени и стратешки резултати во конфликтот.
– Постигнавме огромни придобивки“ во кампањата против Иран и неговите сојузници – истакна Нетанјаху, додавајќи дека „Иран повеќе не може да ни го загрози постоењето“.
Изјавата на Нетанјаху доаѓа по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека војната може да се заврши за 2 недели, додека западните медиуми пишуваат дека попладне шефот на САД ќе објави „голема вест“.
Израелскиот премиер зборувајќи за војната нагласи дека операциите биле насочени кон нуклеарната инфраструктура, ракетните постројки и безбедносните структури, при што, според него, е направен „стратешки пресврт“ во однос на претходните години, кога Израел бил под постојан притисок.
„Ние вршиме притисок“
– Денес, ние вршиме притисок – рече Нетанјаху, оценувајќи дека иранското раководство е ослабено, додека Израел ја засилил својата позиција и регионално и глобално.
Во исто време, тој посочи дека Израел делува во „невидена соработка“ со Соединетите Американски Држави, што, според него, дополнително ја зајакнува ефикасноста на операциите и безбедносната координација.
– Ќе продолжиме да го напаѓаме терористичкиот режим, да ги зајакнуваме нашите безбедносни зони и да ги постигнеме нашите цели – изјави Нетанјаху, додавајќи дека операциите ќе траат сè додека не се исполнат сите поставени цели.
„Израел е посилен од кога било“
Тој истакна дека Израел воспоставил безбедносни зони на повеќе фронтови, како и дека конфликтот довел до промена на безбедносната доктрина, со поголем фокус на превентивни и проактивни акции.
– На овој празник на слободата, Израел е посилен од кога било – порача Нетанјаху, нагласувајќи дека отпорноста на општеството и економијата останала стабилна и покрај воените дејствија.