НЕСРЕЌИТЕ КОИ ЈА ЗАВИЈА МАКЕДОНИЈА ВО ЦРНО Авионот „Палер“, хеликоптерот кај Катланово, бродот „Илинден“, „Дурмо Турс“…
Македонија има и две нерасчистени хеликоптерски несреќи, едната во катлановско Блаце, скопско, а другата во Струмица во 2014 година. Автобус на „Дурмо Турс“ во 2019 година се преврте кај селото Ласкарци, во несреќата загинаа 16 гостиварчани, а до денес нема осуден, иако на суд беше возачот на автобусот, со бројни шпекулации за техничкиот преглед. Оваа 2021 година беше исто така година на несреќи: 2-ри август го одбележа стравотниот пожар во Кочани, а на 8 септември се случи трагедијата во модуларната болница во Тетово.
Трагичниот настан кој ноќеска зема 46 животи во запален автобус во Бугарија е само еден од низата нерасветлени, неразјаснети и загадочни несреќи кои во изминативе 30 години ја завија Македонија во црно. Одговорност за повеќето од нив уште се чека. Во нашата независност, само три оставки се понудени, а две се прифатени во вакви случаи.
Во 1993 година дури две авионски несреќи во Скопје и во Охрид го натераа Антони Пешев, тогашниот Министер за транспорт и врски да понуди оставка, а премиерот Црвенковски да му ја прифати, додека оставката на неговиот колега Миле Јанакиески поради потонатиот брод „Илинден“ во 2009 година во Охрид не беше прифатена од страна на Груевски. Третата оставка е оставката на министерот Љубомир Фрчковски по атентатот врз покојниот претседател Киро Глигоров во Скопје. Оставката беше прифатена, но Фрчковски од министер за внатрешни, влезе на функцијата министер за надворешни работи.
Македонија има и две нерасчистени хеликоптерски несреќи, едната во катлановско Блаце, скопско, а другата во Струмица во 2014 година. Автобус на „Дурмо Турс“ во 2019 година се преврте кај селото Ласкарци, во несреќата загинаа 16 гостиварчани, а до денес нема осуден, иако на суд беше возачот на автобусот, со бројни шпекулации за техничкиот преглед. Оваа 2021 година беше исто така година на несреќи: 2-ри август го одбележа стравотниот пожар во Кочани, а на 8 септември се случи трагедијата во модуларната болница во Тетово.
Кобното полетување на „Палер“
На 5 март 1993 се урна авионот на македонската авиокомпанија „Палер МК“, од типот „Фокер 100“, веднаш по полетувањето од Скопскиот аеродром. Авионот се урнал на 400 метри од пистата.
Вкупно 83 луѓе, од кои 79 патници и 4 членови на екипажот загинале, додека 14 луѓе преживеале. Во времето на несреќата, таа била најфаталната авионска несреќа во Македонија. Неколку месеци подоцна се случила уште една авионска несреќа, со поголем смртен исход, кога „Јаковлев Јак-4“2 се урна близу Охрид.
Слетувањето на „Авиоимпекс“
На 20 ноември 1993, „Јаковлев Јак-42“ (Лет 110) на „Авиоимпекс“ се срушил во билизна на охридскиот аеродром. Авионот се враќал за Скопје од Женева, но бил пренасочен да слета на аеродромот во Охрид поради лошите временски услови на скопскиот аеродром.
При доближување до аеродромот, авионот се удрил во рид во атарот на селото Тројани во непосредна близина до аеродромот. Осумчлениот екипаж и 108 патници го загубиле својот живот. Летот првично го преживеал еден патник кој подоцна подлегнал на повредите на 1 декември.
Бродот „Илинден“ потона во 2009 година
Давењето на 15 бугарски туристи близу кампот „Елешец“ на бродот „Илинден“ кој потона во Охридското езеро на неполни 300 метра од брегот. Ова не беше доволно да го натера тогашниот премиер да го смени министерот Миле Јанакиески од позицијата. На бродот имаше 54 патници, а беше поведена постапка против Бранко Бајиќ, инженер за бродоградба и инспектор за пловни објекти.
Бајиќ подоцна се жалеше во Стразбур за пресудата и ја доби правдата, за што Македонија требаше да му исплати 1.500 евра. Бродот, сепак, имал техничка уредна документација. Меѓу првите помош на настраданите им пружиле нуркачките екипи на МВР, кои изведувале редовен тренинг во близина на несреќата и веднаш се вклучиле во спасувањето. На местото на настанот се голем број медицински екипи, припадници на МВР, АРМ и на Агенцијата за заштита и спасување.
Неофицијално, први во помош на патниците во потонатиот брод, пристапиле лица од автокампот со чамец, кои успеале да спасат голем дел од нив.
Хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце
Паднатиот армиски хеликоптер кај Катлановско Блаце е досега единственото летало од овој тип кое паднало и комплетно се распаднало на илјадници парчиња. Се смета дека пилотот Тони Спасовски на армиската „МИ-17-ка“ од маглата не ја видел шумата, кај Катлановско Блаце, што кобното пладне на 12 јануари 2008 година, него и уште 10 македонски војници-мировници ги чинеше живот.
Резултатите од Воената комисија според која пилотите ја згрешиле работата, но и оправдувањата на израелската компанија „Елбит“ која инсталираше електронска опрема во леталото, според која одговорноста на контролорите на аеродромот „Александар Велики“ не е доволно испитана.
– Ниедна „МИ-17-ка“ не е толку уништена како нашата, а ги има многу што паднале. Степенот на уништување на нашиот хеликоптер, фактот дека летал многу ниско и со мала брзина, расфрланоста на парчињата, изјавите на очевидците – сè директно укажува на тоа дека леталото било разнесено од некаква направа сместена внатре, можеби меѓу многуте кутии во кои војниците ги спакувале своите работи. Ова би значело дека таа направа била поставена во базата Бутмир во Босна бидејќи нема докази оти хеликоптерот некаде слетувал на летот за Скопје – вели еден анонимен извор.
Хеликоптерската несреќа кај Струмица во 2014 година
Хеликоптерската несреќа кај Струмица се случила на 10 јули 2014 година во околу 22.00 часот кога хеликоптер на Министерството за внатрешни работи со екипаж од четири лица удрил во предавател на Македонската радио-телевизија и се срушил на земјата.
Според првичните информации, хеликоптерот се враќал од смена на граничната полиција. Очевидци за медиумите изјавиле дека хеликоптерот вртел во воздух повеќе од пет минути без светла, а потоа удрил во предавател висок над 100 метри. Пилотите во текот на летот не пријавиле технички проблем со леталото, кој бил еден од поновите во МВР, произведен во 2008 година[2].
Според поранешен началник на безбедност на летање во воено воздухопловство Небојша Антиќ, пилотите најверојатно се обиделе да го слетаат полицискиот хеликоптер на ледината во близина на Струмица. Хеликоптерот најпрво удрил во сајлите кои го држеле антенскиот столб. Во текот на истрагата биле пронајдени вградените три црни кутии.
Превртувањето на „Дурмо Турс“ во 2019 година
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари 2019 година кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски беа обвинети за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
Во своја одбрана, сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули рече, дека на никој начин не придонел за сообраќајната несреќа и дека за тоа не се чувствува виновен.
– Јас жалам и чувствувам тага за тоа што се случи. Што и да се случи со нас, тоа жртвите не ги враќа. Го повикувам единствениот учесник во сообраќајната несреќа – возачот Мануел Трифуновски да каже што се случило. Без оглед кој ќе одговара, да каже. Само тој ја знае вистината, другото се претпоставки – изјави Белули.
Пожарот во модуларната болница во Тетово годинава
Зачуденост и неверување, па дури и гнев во јавноста предизвика одлуката на министерот за здравство Венко Филипче да си ја задржи министерската фотелја и да не поднесе оставка поради страшната несреќа што се случи во тетовската модуларна болница, во која живи изгореа 14 луѓе.
– Во нормална држава, одговорност и оставка се носи неколку минути по случената несреќа. Ако падне авион, на пример, министерот не треба да ја чека истрагата за да си поднесе оставка, туку веднаш го прави тоа без разлика на резултатите од истрагата. Тогаш не е важно кој го управувал авионот, како го управувал и кој е виновен за несреќата. Фактот е дека авионот се срушил и дека загинале патниците. Истото требаше да се случи и по пожарот во Тетово, министерот за здравство и директорот на болницата да си поднесат оставки, а истрагата подоцна нека утврдува кој е виновен. Фактот е дека прерано згаснаа човечки животи и тоа е најважното – објаснува аналитиарот Пекевски.
Мавровската „снежна трагедија“ во 1956 година
Ноќта помеѓу 10-ти и 11-ти февруари 1956 година, во тогашна Социјалистичка Република Македонија по долината на реката Радика неколку снежни лавини се урнале врз куќите на градежници и караули при што биле затрупани стотина луѓе. Тоа биле градители на тогашната мавровска брана, а 52 од нив ги загубиле своите животи.
Останатите биле извлечени од спасувачките екипи. По тој повод подоцна во 1970 година е изграден познатиот Споменик на градителите на патот кон хидроцентралата „ХЕЦ Маврово“.