Неславниот крај на лустрациската хајка
Судот ценејќи ги наводите на тужителот истакнати во тужбата од 17.08.2012 година, списите приложени кон истата и Предлогот за повторување на постапката, најде дека: ТУЖБАТА НА ТУЖИТЕЛОТ Е ОСНОВАНА.“
На седницата одржана на 24.02.2022 година Управниот суд донесе
ПРЕСУДА
СЕ УВАЖУВА предлогот на тужителот Владимир Милчин за повторување на постапката;
СЕ ДОЗВОЛУВА повторување на постапката правосилно завршена со Пресуда на Управниот суд од 29.01.2014 година;
СЕ УКИНУВА ВО ЦЕЛОСТ пресудата на Управниот суд од 13.02.2014 година;
СЕ УВАЖУВА тужбата на Владимир Милчин против Решението на Комисијата за верификација на фактите од 30.07.2012 година;
СЕ ПОНИШТУВА Решението на Комисијата од 30.07.2012 година;
СЕ ЗАДОЛЖУВА Министерството за информатичко општество и администрација да го отстрани Решението на Комисијата за верификација на фактите бр. 07-2659/1 од 30.07.2012 година од интернет страната www.kvf.org.mk во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата. Одлуката има печат на правосилност од 23.03.2022 година.
Еве дел од образложението на одлуката:
„Тужителот Владимир Милчин од Скопје на ден 18.11.2021 година до Управниот суд поднесе Предлог за повторување на постапката започната со неговата тужба против Решение на Комисијата за верификација на фактите бр. 07-2658/1 од 03.07.2012 година, правосилно завршена со Пресуда на Управниот суд од 13.02.2014 година, потврдена со пресуда од 22.09.2014 година на Вишиот управен суд. Тужителот во прилог достави Пресуда од 16.09.2021 година на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во случајот Милчин и Псалтиров против Северна Македонија во која има констатирано повреда на чл. 6 став 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи по основ на целокупната правичност на постапката за лустрација и повреда на член 8 од Конвенцијата. Судот ценејќи ги наводите на тужителот истакнати во тужбата од 17.08.2012 година, списите приложени кон истата и Предлогот за повторување на постапката, најде дека: ТУЖБАТА НА ТУЖИТЕЛОТ Е ОСНОВАНА.“
Еве и како Груевски и тајфата ја испоганија и идејата за прочистување:
На 13.07.2000 година стапи во сила Законот за постапување со досиејата за лица водени од СДБ/ДБК. Со чл. 2 од Законот се дефинира дека „лично досие е самостоен документационен комплет на податоци, оформен и воден за определено лице од политички и идеолошки причини, од страна на Службата за државна безбедност, односно Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, за периодот од 1945 година до влегувањето во сила на овој закон“, а според чл. 3 „државјаните на Република Македонија во периодот од 1945 до 1991 година можат да побараат пристап и увид во личното досие“.
Тогашната министерка за внатрешни работи, Доста Димовска, ми порача дека имам лично досие водено од СДБ и дека можам да појдам кај неа да си го земам. Не појдов кај министерката, туку поднесов барање за пристап и увид во лично досие и добив одговор дека СДБ/ДБК водела за мене лично досие од политички и идеолошки причини и дека пристап и увид можам да остварам на 22.12.2000 година во 9 часот во барака 2 во МВР. Таму добив на увид фотокопија од досието бр. 25630 кое имаше 217 страници. На прашањето кои граѓани давале информации при формирањето на моето досие, добив одговор: „Не може да се утврди нивниот идентитет.“ Се разбира, излажаа. Имињата на информаторите можеа да се прочитаат зашто црниот туш со кој ги покривале не беше досушен.
Предлогот за Заведување на претходна оперативна обработка бил поднесен на 9.10.1976 година. Предложен е псевдонимот „Драматург“. Податоците кои укажуваат за постоење непријателска дејност се однесуваат на: „Порано беше интерес на СДБ поради анархолибералистички истапи и однесување: како студент на Академијата учествувал во студентските демонстрации (член на иницијативниот одбор) во јуни 1968 година; соработувал во весникот „Студент“ (екстремна редакција); еден од основачите на весникот „Фокус“ од Скопје; основач на „авангардниот“ театар „Св. Никита Голтарот“. За време на отслужувањето на воениот рок, од страна на надлежните не биле регистрирани непријателски истапи, освен преписката со една италијанска државјанка и еден негов роднина во Швајцарија. По вработувањето во МНТ како драматург предлага внесување во репертоарот и дела кои од одредени извори се оценуваат како дела со анархолибералистички содржини кои не се прифатени (дела од Бакунин и др.). Во последно време настојува во МНТ да вработи лица на разни места кои во минатото и сега имале анархолибералистички ставови и гледања – исто така често контактира со „Поет“ (Б. Ѓузел) и „Дентист“ (М. Неделковски) и други, и врши одредени влијанија за поставување на нивни дела на репертоарот за новата сезона. Со оглед на тоа што повремено контактира со лица од Белградскиот универзитет познати на СДБ (нема имиња) и наведените податоци предлагам да биде заведен во ПОО.“
Предлогот бил одобрен од Републичкиот потсекретар на СДБ, а потврден од Републичкиот секретар за внатрешни работи на 14.01.1977 година, вклучително и следење, прислушување на домашниот телефон број 33-930 и проверка на поштенските пратки на домашна адреса и на адреса на МНТ.
Во досието 25630 има и образец Прашалник за ревизија на лично досие, пополнет во УСДБ – Скопје на 1.12.1983 година. Во графата бр. 8, Однос со органи за ВР, пишува: Немал, а во графата бр. 9 пишува: Лице на анархолибералистички позиции; учесник во демонстрации. Потписите на пополнувачот, контролорот и шифрантот се нечитливи.
На 19.08.1987 година била донесена одлука за дерегистрација на ПОО „Драматург“, но интересот на СДБ за мене бил актуелизиран со моето интервју „Неморално е да се биде пристоен“ (повод е бруталноста на СВР во Вевчани) објавено во загрепскиот неделник „Данас“ на 22.9.1987 година. Во досието има и службена белешка од разговорот со деканот на ФДУ Александар Алексиев на 3.11.1987 година.
Едно попладне летото 2010 година, на враќање од попладневната прошетка со кучката Мила, мојата сопруга Ема влезе прва во станот. Јас бев на влезната врата кога ја слушнав како вика и пцуе. Затекнатиот натрапник истрча на балконот. Кога стигнав на балконот, тој веќе беше скокнал на тротоарот и, кривејќи и цупкајќи, исчезна зад аголот. Најчудно беше тоа што полицаецот кој ја чуваше италијанската амбасада дури тогаш излезе од стражарската куќичка која беше само 4 метри оддалечена од балконот и праша што се случува! Во спалната затековме расфрлани негативи кои ги разгледувал натрапникот. Најверојатно го барал досието, но не го нашол…
На 7.04.2011 година, како поранешен декан на ФДУ, поднесов изјава за несоработка со УДБ/СДБ. На 21.07.2011 година, Комисијата за верификација на фактите донела заклучок дека мојата изјава дека не сум соработувал со органите на државна безбедност не била во согласност со податоците со кои таа располага. Заклучокот бил означен со строго доверливо, но веќе истиот ден попладнето почна хајката во која учествуваа електронските медиуми Пресс24, Е факт, Инпрес, Курир, весниците „Дневник“, „Вечер“, „Нова Македонија“… Не ми го објавија името, но во насловите дадоа описи за препознавање: Лустриран познат режисер и директор на НВО, Функционер на Сорос трет кодош во Македонија, итн.
На 22 јули „Слободен печат“ објави: Курирот на Комисијата за верификација на факти неколку пати наишол на затворени врати во домот на познатиот режисер, за кој лустраторите откриле дека повеќе години соработувал со тајните служби под псевдонимот „Драматург“. Многу драматично: Курирот ѕвонел и тропал, а јас не сум отворал, сум се криел од правдата! А јас и Ема тој ден се возевме низ Северна Италија и Австрија, на пат за Виена, на првиот роденден на внукот Илија. Први се јавија од Сител. По нив ѕвонеа нестрпливите брифирани новинари, бараа изјава за нешто што не го бев ни видел! Им најавив прес-конференција по моето враќање. На 24 јули вечерта стигнав во Скопје, а на 25 јули претпладнето курирот ми го врачи Заклучокот. Истиот ден попладнето во ГЕМ-клубот одржав прес-конференција.
На 28 јули поднесов Противење: „На ваквиот Заклучок на Комисијата се противам бидејќи истиот е крајно неоснован, паушален и невистинит, бидејќи ниту од еден податок или документ не произлегува дека сум соработувал со органите на државната безбедност. (…) Заклучокот на Комисијата е невалиден и незаконит бидејќи истиот е потпишан од лицето Томе Аџиев како претседател на Комисијата, на кој подолг временски период наназад му е истечен мандатот како претседател на Комисијата, па оттаму не може да презема никакви дејствија како претседател на Комисијата, ниту пак со својот потпис да заверува заклучоци и други писмени акти од Комисијата.“
На 13 септември, „Утрински весник“ објави напис под наслов „Кој кого кодоши во Комисијата за лустрација“, во кој е цитирана изјава на членот на Комисијата Чедомир Дамјановски: „Иако немаше документи дека лицето (В. Милчин) било соработник на тајните служби, а и МВР го потврдува тоа, иако и самиот Аџиев изјави дека тоа лице нема прифатено обврска ниту дека имал материјална корист, не знам од кои причини се гласаше да не се верификува неговата изјава.“
На 20.04.2012 година Управниот суд го поништи решението на Комисијата, но ненамерно или злонамерно во образложението на пресудата сместил реченица која е ординарна лага: „Во 1983 година бил дерегистриран од активната соработничка мрежа.“ Дури ни Аџиев не се дрзнал да излаже дека сум бил дерегистриран во 1983 година, а згора на тоа и дека сум бил дерегистриран од активната соработничка мрежа. Зошто? Зашто никогаш не сум бил регистриран како соработник! Мојот адвокат веднаш реагираше со поднесок со кој побара да се изврши исправка во образложението така што ќе се избрише реченицата. На Управниот суд му беа потребни речиси два месеци, па на 14.06.2012 година донел несмасно решение, но сега веќе намерно, да се поправи реченицата така што ќе гласи: „Во одговор на тужбата е наведено дека во 1983 година бил дерегистриран од активната соработничка мрежа.“ Мојот адвокат поднесе жалба и Вишиот управен суд на 18.10.2012 година го укина решението и го врати предметот на повторно одлучување. Но, повторно одлучување немаше. Веќе беше стапил во сила вториот лустрациски закон, со кој се „прослави“ Силвана Бонева. Законот стапи во сила на 17.07.2012 година.
На 30.07.2012 година, Комисијата на Аџиев одново ме прогласи за соработник на органите за државна безбедност. Во прилог на Решението се дадени два документа. Првиот, Предлогот за дерегистрација на ПОО „Драматург“ од 22.07.1987 година го има во моето досие, но сега документот добил и додаток од 5 страници кои ги нема во моето досие. Во тој додаток сум карактеризиран како близок на т.н. граѓанска десница, особено поради мојата режија на „Свечената вечера во погребалното претпријатие“ од Иво Брешан.
Непотпишаниот автор на оваа белешка, на стр. 3 пишува: „После обавениот разговор и прифатениот предлог да контактира со припадник на СДБ не е остварен ни еден разговор од интерес на СДБ, а белешката завршува на стр. 5 со: …треба да се согледаат можностите за продолжување на контактите и создавање услови за градење на соработнички однос.“ Уште една потврда дека не сум бил соработник.
На 17.08.2012 година мојот адвокат во Управниот суд поднесе тужба против Комисијата во која детално, еден по еден, ги побива нејзините божемни нови докази: Службената белешка од 9.03.1977 година се однесува на забраната на претставата „Големата вода“ во Братислава и во неа не се спомнати граѓани на Македонија; службената белешка од 18.04.1977 година Комисијата ја цензурирала, односно ја изоставила третата страница, на која е јасно наведено дека Владимир Милчин и понатаму ќе биде проучуван и следен во неговата активност; сознанијата опишани во извештајот од 2.12.1981 година се дадени од соработник на СДБ евидентиран под псевдонимот „Мишо“, а не од „Драматург“, односно Владимир Милчин. Станува збор за подметнување. Извештајот од 7.01.1983 година е оформен како документ против ПОО „Драматург“, односно Владимир Милчин, режисер на инкриминираната претстава „Преспански круг со црвена боја“.
На 7 август, неделникот „Фокус“ објави напис со наслов Аџиев крие документ од досието на Милчин, а весникот „Ден“ на 21 август објави интервју со членот на Комисијата Чедомир Дамјановски под наслов Милчин е кодош за Аџиев, иако не е за Мијалков.
На прашањето од новинарот: Постои ли таков документ кој покажува дека Милчин е чист, Дамјановски одговара: „Тој документ на кој алудира Милчин постои и, секако, оди во негов прилог, односно на штета на нашата одлука. Тој документ е, всушност, сижето на целото досие. При затворањето на досието, службите прават сиже зошто е тоа досие отворено и што сè се случувало со тој човек во периодот дури бил следена личност. Постои еден прашалник во кој ги наведуваат основните податоци, зошто лицето е следено, и има десетина прашања на кои самата УБК си одговара што сè се случувало во тој период. Постои и прашањето дали имал односи со службите. На тоа УБК одговара дека нема никакви односи со службите, се мисли на соработнички. Друг документ на кој алудира Милчин е документот кој го добивме од УБК минатата година, кога ја почнавме постапката за него, во кој и сегашниот состав на УБК вели дека Милчин не бил соработник на службите. Значи, и тогашната и сегашната структура тврди дека Милчин не бил соработник.“ На прашањето: „Кој одлучува кои документи ќе бидат објавени, Дамјановски одговара: „Досега за тоа одлучуваше само претседателот Аџиев.“
Правдата не живееше во Македонија кога во неа владееше Никола Груевски, пуленот на „Европеецот“ Виктор Орбан.