НЕРАСКИНЛИВАТА ВРСКА СО НАШИНЦИТЕ НИЗ СВЕТОТ МОРА ДА ЈАКНЕ Претседателката Сиљановска Давкова најави формирање Совет за дијаспората

Со „Македонија 2025“ споделуваме иста визија: да станеме компетитивен регионален економски играч, да имаме енергетска сигурност, да бидеме држава со успешен образовен и научен систем, поврзан со вештачката интелигенција и дигитализацијата, да градиме еколошка и правна држава, со силно граѓанско општество и демократска јавност, рече претседателката Сиљановска Давкова.

99

Во процес е формирање на Совет за дијаспората како институционален облик на соработка и постојана комуникација со дијаспората, којашто ќе овозможи нејзина интеграција во македонските работи, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на традиционалниот самит „Македонија 2025“.

Таа ги врачи признанијата, кои им се доделуваат на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во економскиот развој, здравството, социјалната сфера, образованието, науката, културата и во други области. За исклучителна научна работа признание доби д-р Светлана Мојсов, светски позната професорка на Универзитетот Рокфелер во Њујорк, која остави длабок и траен белег врз модерната медицина. Признание за извонредната поддршка и медицинска помош доби Хуманитарното здружение „ЛецКер а.с,б.л.“ (LetzCare a.s.b.l.) од Луксембург, а наградата ја прими неговиот претседател Сафет Алили. Претседателката рече дека очекува ова признание да инспирира и многу други нашинци на правење хумани дела, особено важни за најранливите сограѓани.






Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Сиљановска-Давкова истакна дека давањето признание на личности и организации од дијаспората е етички и морален чин на вреднување на добрите дела и докажување на нераскинливото заедништво со нив.

– Со „Македонија 2025“ споделуваме иста визија: да станеме компетитивен регионален економски играч, да имаме енергетска сигурност, да бидеме држава со успешен образовен и научен систем, поврзан со вештачката интелигенција и дигитализацијата, да градиме еколошка и правна држава, со силно граѓанско општество и демократска јавност – рече претседателката.

Укажувајќи на светскиот и европскиот амбиент на неизвесност од секаков тип, од мировен до еколошки, таа ја нагласи потребата од соработка, единство и зацврстување на односите со дијаспората во сите сфери, интегрирајќи ја во македонското општество.

– Зачекоривме во 2025 и оваа година е вистинскиот момент за евалуација на резултатите и на дострелите на „Македонија 2025“, во предвечерието на Сизифовската работа којашто нè очекува во остварувањето на Реформската агенда и Планот за раст. За реформи е потребен домашен политички договор, но и договор со ЕУ и со нашите стратешки партнери, како и со дијаспората заради нејзината докажана креативност и капацитет во острата конкуренција во меѓународниот економски поредок, но и во културниот натпревар на државите, нациите и на поединците. Се разбира, наша најголема национална обврска е да си го чуваме, браниме и негуваме националниот идентитет и неговиот интегритет и дигнитет. Да не се откажуваме од етичките вредности и принципи, да ги почитуваме, ако сакаме да се повикуваме на нив, кога другите ги кршат кон нас. Да не го забораваме општото добро – рес публица и да не го жртвуваме за личните и за колективните интереси – рече Сиљановска Давкова.

Ние сме во нераскинлива врска со дијаспората, без разлика дали е од првата, втората или третата генерација, додаде таа.

– Како мала држава, со повеќе луѓе надвор, одошто дома, енергетски зависна и економски упатена кон регионалниот, европскиот и светскиот пазар, имаме насушна потреба од динамични и блиски врски со нашинците во странство. Веќе реков, без разлика за која генерација станува збор, врските мора да се негуваат, да се шират и да се продлабочуваат. На генерациите родени и школувани далеку од земјата на нивните предци, не е доволно да им се доближи татковината како историја, како мит или како легенда, туку како вистинска, жива, реална приказна со светла и сигурна иднина. Се разбира, не треба да западнеме во илузионизам и да забораваме дека нашинците имаат две татковини, ниту да негуваме стереотипи: позитивни или негативни – рече таа.

Реалноста покажува дека заемната соработка дава плодови тогаш кога придобивки од неа имаат сите инволвирани и засегнати страни и субјекти, додаде претседателката.

– На крајот, би сакала да ви предочам дека Кабинетот е во процес на формирање Совет за дијаспора како институционален облик на соработка со неа, како мост и канал за постојана комуникација со дијаспората. Јас, лично, но и мојот Кабинет ви стоиме на располагање за промоција, поврзување, посредување, презентирање, консултирање, информирање, поддржување и за интегрирање со домашните субјекти од различен тип и во различни области. Сакам да ја споменам нашата работа на Дигиталниот регистар на најуспешните во дијаспората, како неопходна алатка за поврзување, вмрежување и стратешко вклучување на дијаспората во развојните процеси во татковината. Со неа целиме кон мапирање на научниците и експертите, политичките и бизнис-лидерите, културните и спортските дејци како вреден потенцијал и извор на ум, знаење, вештини и искуство, неопходни за креирањето програми и политики. Се разбира, соработката со „Македонија 2025“ ќе продолжи во започнатите проекти, како што е традиционалниот „Охрид камп за високотехнолошка извонредност“, којшто е доказ дека соработката е можна, корисна и посакувана од најраната возраст, оти младите се нашата иднина во која треба да инвестираме – рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Поврзани содржини