„НЕПРИФАТЛИВО Е АКО ТАРАВАРИ СЕ ДОГОВАРА СО ДУИ“ Мицкоски му порача на Ахмети да извлече поука наместо да се заканува
Премиерот вели дека е неприфатливо доколку Арбен Таравари како коалициски партнер во Владата е во договори со ДУИ за настап на претстојните локални избори. Мицкоски денеска изјави дека утре ќе има средба со Таравари на која ќе побара јасен одговор од него во врска со оваа тема.
Ако е мудар како што се претставува, Ахмети ќе извлече поука и наместо да се заканува, ќе направи структурни реформи, и програмски и кадровски во неговата партија и со нови ликови, нова програма ќе излезе пред македонските граѓани да ја бара довербата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски упати и совет до Ахмети, да не живее во минатото, туку да гледа во иднината.
Одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, Мицкоски информира и дека најверојатно утре ќе има средба со Арбен Таравари за неговото натамошно функционирање во Владата и евентуална соработка со ДУИ на локални избори.
– Го слушнав тој брифинг на Ахмети и врз основа на тоа можам да излечам два заклучока, првиот е да дадам еден совет, да гледаме во иднината, а не во минатото. За жал, господинот Ахмети изгледа се уште живее во минатото зашто ако живее во сегашноста, ќе може да направи огромна материјална разлика меѓу минатото и луѓето од минатото и сегашноста во која тој е во опозиција, а околу него има многу милионери кои на грбот на македонските граѓани се збогатија и тоа е основната причина зашто е тој во опозиција – истакна Мицкоски.
За помалку од пет месеци, потсети премиерот, ќе почне кампања за локалните избори.
– Граѓаните ќе кажат која политичка партија ја заслужува довербата, а која не, кои градоначалници и кои советници, па врз основа на тие резултати понатаму може да носиме заклучоци дали ќе има предвремени избори или не – нагласи премиерот.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е неприфатливо доколку Арбен Таравари како коалициски партнер во Владата е во договори со ДУИ за настап на претстојните локални избори. Мицкоски денеска изјави дека утре ќе има средба со Таравари на која ќе побара јасен одговор од него во врска со оваа тема.
– Со Таравари имаме редовна, секојдневна комуникација како колеги во Владата. Утре ќе имаме средба на која јасно сакам да слушнам дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Таравари и ДУИ дека во најмалку пет-шест општини каде што тој ќе оди со кандидати, ДУИ нема да има свои предлози за градоначалници. Тоа значи себепонижување како политичка партија, а второ дека ќе го поддржува. Тоа за мене како претседател на Владата е неприфатливо -, изјави Мицкоски.
Мицкоски кажа дека во втората половина на месецов пред Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со имињата на кандидати за градоначалници за локалните избори кои ќе се одржат во октомври.